Спорт
Нов рекорд на Кристијано Роналдо
Кристијано Роналдо е првиот фудбалер во историјата што забележал 100 победи во Лигата на шампионите. Роналдо во кариерата одиграл 157 натпревари во Лигата на шампионите, повеќе натпревари од него има само Икер Касиљас (171).
Јувентус, синоќа ја победи …


Кристијано Роналдо е првиот фудбалер во историјата што забележал 100 победи во Лигата на шампионите. Роналдо во кариерата одиграл 157 натпревари во Лигата на шампионите, повеќе натпревари од него има само Икер Касиљас (171).
Јувентус, синоќа ја победи Валенсија 1:0, избори пласман во осмина-финалето, а Португалецот големиот јубилеј го прослави со асистенцијата за единствениот гол на натпреварот.
Кристијано Роналдо е најдобриот стрелец во историјата на шампионите со 121 гол, а во кариерата пет пати го освојувал ова натпреварување (еднаш со Манчестер Јунајтед и четири пати со Реал).
1️⃣0️⃣0️⃣ Champions League wins.
Take a bow, @Cristiano. pic.twitter.com/mprnX0OuUf
— ESPN FC (@ESPNFC) November 28, 2018
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Ферстапен стана татко

Холандскиот возач Макс Ферстапен, четирикратен последователен светски шампион во Формула 1, стана татко, објавија денес тој и неговата партнерка Кели Пике.
„Добредојде на светот, драга Лили. Нашите срца се пополни од кога било – ти си нашиот најголем дар. Те сакаме толку многу“, напишаа Ферстапен и Пике на „Инстаграм“.
27-годишниот Ферстапен ги пропушти активностите во четврток пред Големата награда на Мајами за да биде со својота партнерка.
Ферстапен и Пике (36), ќерка на трикратниот шампион во Формула 1 Нелсон Пике, објавија дека се во врска во 2021 година. Кели Пике има ќерка Пенелопе од претходната врска со рускиот возач Данил Квјат.
Ферстапен, возач на Ред Бул, има 64 победи во Формула 1, а оваа сезона забележа само еден триумф во првите пет трки. Во шампионатот доминира тимот на Мекларен.
Шампионатот во Формула 1 продолжува овој викенд со Големата награда на Мајами.
Покрај главната трка во недела од 22:00 часот, во сабота има и спринт трка од 18:00 часот.
Спорт
Тадиќ и Џеко ќе го напуштат Фенербахче

Спортскиот директор на Фенербахче, Марио Бранко, одржал состанок Душан Тадиќ и Един Џеко на кој им соопштил дека клубот повеќе не смета на нив од ова лето, пишува турскиот „Фанатик“. Состанокот го иницира јавното обраќање на Тадиќ до клупските челници. Тој преку медиумите ги праша каква е неговата иднина во клубот.
Договорите на двајца искусни играчи истекуваат на крајот од сезоната, па тие ќе си заминат без обесштетување.
Тадиќ и Џеко, и покрај фактот што се ветерани, се на мета на неколку клубови. Поранешниот капитен на српската фудбалска репрезентација има понуда од неговиот поранешен клуб Ајакс, како и од неколку клубови од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Како што стојат работите, тој е најблиску до враќање во Амстердам, бидејќи иако му нудат многу помалку пари од клубовите од истокот, тој сепак има договор со раководството на Ајакс дека по завршувањето на кариерата, може да се запише во тренерско училиште и да го „пече“ занаетото во клубот, познат по тоа што им нуди можности на млади играчи и тренери, кои имаат одлични услови за учење. Тадиќ најверојатно би играл уште една сезона, а потоа би се насочил на новата работа.
Од друга страна, Един Џеко, иако имал неколку понуди од клубови од арапските земји, наводно веќе усно се договорил за соработка со Хајдук од Сплит.
Напаѓачот и неговата сопруга го имаат целиот свој бизнис сместен на хрватскиот дел од Јадранското море, па неговото вклучување во клубот од Пољуд би им овозможило да бидат во Сплит, каде што имаат хотел, и би биле блиску до Дубровник, каде што поседуваат ресторан и апартмани.
Тадиќ полни 37 години во ноември, додека Џеко наполни 39 години во март. Ниту еден од нив не размислува за пензионирање ова лето, а нивната добра форма им овозможува да играат професионален фудбал и покрај нивните години.
Спорт
Навивачите на Ливерпул буквално предизвикаа земјотрес

Ливерпул стана шампион на Премиер лигата, а прославите на навивачите предизвикаа серија мали земјотреси, објавија научниците.
Ливерпул ја освои својата 20-та титула во лигата во неделата, втора во последните пет години, но прва пред навивачите во ерата на Премиер лигата. Претходната беше освоена во корона сезоната.
На трибините „Енфилд“ имаше прослава, а научници од Универзитетот во Ливерпул користеа опрема за снимање и мерење на јачината на земјотресот.
Научниците го забележаа најголемиот шок кога Алексис Мекалистер постигна гол за водство на Ливерпул од 2:1 во 24-тата минута од натпреварот. Земјотресот бил со јачина од 1,74 степени според Рихтеровата скала.
„Сеизмички сигнали со оваа јачина се регистрирани во неколку наврати на концерти и спортски настани во последните неколку години. Минатата година регистриравме земјотрес со слична јачина за време на концертот на Тејлор Свифт“, објасни Калум Харисон, сеизмолог од Британскиот геолошки институт.
„Иако енергијата регистрирана во вакви ситуации може да се спореди со земјотреси, тресењето на земјата е предизвикано од скокање на голем број луѓе, за среќа не станува збор за вистински земјотрес“, додаде тој.
„Ентузијазмот на навивачите на Ливерпул беше толку силен што буквално можеше да ја помести Земјата“, рече професорот Бен Едвардс, еден од научниците кои го следеа движењето на земјата за време на натпреварот помеѓу Ливерпул и Тотенхем.
Вториот најсилен земјотрес беше со јачина од 1,60 степени според Рихтеровата скала – тоа беше реакцијата на навивачите на голот на Мохамед Салах во второто полувреме.
По голот на Коди Гакпо, беше регистриран земјотрес со јачина од 1,03 степени според Рихтеровата скала, а по автоголот на Дестини Удоги, беа измерени 1,35 степени според Рихтеровата скала.