Спорт
Семејството го објави последното интервју на Шуми пред несреќата
Семејството на Михаел Шумахер преку официјалниот веб-сајт на германскиот тркачки великан објави досега невидено интервју на легендата, последно снимено пред несреќата на скијање во декември 2013 во која Германецот доби сериозни повреди на мозокот.
Инте…

Семејството на Михаел Шумахер преку официјалниот веб-сајт на германскиот тркачки великан објави досега невидено интервју на легендата, последно снимено пред несреќата на скијање во декември 2013 во која Германецот доби сериозни повреди на мозокот.
Интервјуто, кое можете да го погледнете на линкот (ТУКА), е датирано на 30 октомври 2013 година, речиси два месеци пред неговата несреќа. Германецот, за чија здравствена состојба доаѓаат многу малку информации, ќе наполни 50 години во јануари.
Во интервјуто, поранешната ѕвезда на Ферари и Мерцедес зборуваше за најемотивниот момент во кариерата – првата титула со Ферари.

„Најемотивниот момент секако ќе остане титулата која ја освоив со Ферари во Сузука во 2000 година. По паузаз од 21 година, Ферари стана шампион преку навистина посебна победа“, вели Шумахер.
Тој исто така беше запрашан кој е неговиот најголем ривал во спортот и тука го издвои финскиот двократен шампион, Мика Хакинен од кого го загуби титулите во 1998 и 1999 година, но со кого секогаш имале „фер и остри битки“.
Шуми зборува и за разликата меѓу „старата“ и новата Ф1.
„Многу работи се сменија, но тоа не значи дека Ф1 престана да биде еден од најтешките спортови. Подготовките се клучни за овој спорт“, вели Шумахер.

На крајот, тој зборува за развојот на вештините како возач и за талентот, нешто што може да послужи и како совет за неговиот син, Мик Шумахер, кој исто така гради кариера во мотоспортот, освојувајќи ја Европската Ф3 титула оваа година.
„Талентот е многу важен во тркањето, но како во секој спорт, тој мора да се развива. Картингот дава добра основа за покажување на талентот, но потоа следува тешка работа“, завршува Шуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) „Помалиот“ клуб од Париз го елиминира ПСЖ од Купот на Франција
Фудбалерите на Пари Сен Жермен, во 1/16-финалето доживеаја елиминација од Купот на Франција, што, само по себе, претставува вистинска сензација.
„Џелатот“ на европските шампиони и беше градскиот ривал, Париз ФК, чиј стадион е оддалечен само 20 метри од „Паркот на принцовите“.
Интересно е што овие два тима одиграа натпревар од Лига 1 на истото место пред осум дена и тогаш „светците“ победија со 2:1, но сега помалку познатиот тим од „градот на светлината“ беше подобар со минимален резултат – 0:1.
Единствениот гол на натпреварот го постигна Џонатан Иконе, напаѓач кој беше принуден да влезе во игра во 40-та минута, наместо повредениот Гори.
Во 74-та минута, по додавање од Кебала, Иконе им донесе предност на гостите, на што ПСЖ немаше одговор.
Иако Луис Енрике ги имаше на теренот Хвича Кварацхелија, Бредли Баркола, Гонзало Рамос, Фабијан Руиз, Витиња, Усман Дембеле и Дезире Дуе од 65-та минута, никој не успеа да најде пат до мрежата.
Foto/ EPA
Спорт
Астон Вила извиси, Галагер се сели во Тотенхем
Конор Галагер го напушта Атлетико Мадрид, но кариерата нема да ја продолжи во Астон Вила туку во Тотенхем.
Играчот редот за врска, за чии трансфер пред 18 месеци од Челзи, „јорганџиите“ издвоија 42 милиони евра, не се снајде во системот на Чоло Симеоне.
Атлетико даде дозвола трансферот да биде реализиран.
Инаку, во текот на вчерашниот ден информациите говореа дека Галагер ќе оди кај Унаи Емери во Астон Вила.
Планот се смени во последен момент, бидејќи Тотенхем се јави да го октупи договорот на Галагер, нешто што Вила не сакаше да го направи. Клубот од Бирмингем понуди два милиони евра за позајмица, со право на откуп по завршувањето на сезоната.
Англиските медиуми тврдат дека Галагер во текот на денот ќе пристигне во Лондон, а кога ќе ги заврши лекарските прегледи ќе потпише договор со Тотенхем.
Спорт
Реал скапо ќе го плати отказот на Алонсо
Чаби Алонсо (44) повеќе не е тренер на Реал Мадрид, потврди „Кралскиот клуб“ на својата официјална веб-страница. Чаби и Реал го раскинаа договорот по меѓусебна согласност само еден ден откако Мадрид загуби со 3:2 од Барселона во финалето на шпанскиот Суперкуп. Нов тренер ќе биде Алваро Арбелоа (42).
Отказот на Чаби Алонсо скапо ќе го чини Реал. Шпанскиот тренер и поранешен играч на Реал имаше плата помеѓу осум и девет милиони евра по сезона.
Шпанскиот весник „Ел Дебете“, пишува дека Реал ќе мора да му плати 15 милиони евра отштета на Чаби Алонсо.
За потсетување, минатото лето Реал му плати 15 милиони евра на Баер Леверкузен за Алонсо да се пресели во Мадрид.
Алонсо го водеше тимот во 34 натпревари, во сите натпреварувања, оствари 24 победи, четири нерешени резултати и шест порази.
Реал остана на второто место на табелата во шпанското првенство со 45 освоени бода по 19 кола, четири помалку од лидерот Барселона. Во Лигата на шампионите се седми со 12 бода по шест кола, а во Купот се во осминафиналето, каде што во среда ги чека Албасете.
Токму против Албасете на клубата ќе дебитира новиот тренер.

