Спорт
Сонот за медал е жив, „Алкалоид“ на чекор до остварување на целта
Шахистите на ШК Алкалоид влегуваат во последното 7. коло на Европскиот клупски куп кој се одржува на грчкиот остров Родос со реални шанси за освојување медал!
Во шестото коло ШК Алкалоид играше со вториот непоразен тим на турнирот, СуперЧес од Романија, за кој настапува светскиот првак Гукеш. Токму тој ја направи единствената победа на првата табла против Еригаиси, додека другите пет меча завршија со реми.
– Белите фигури треба да донесат некаква предност во ваквите мечеви, а тоа му успеа на Гукеш во Гринфелдова одбрана. Светскиот првак успеа во системот на отворање да го наведе Еригаиси во непознати води и ја презема иницијативата. На крајот, заслужена победа за СуперЧес, а ние се мобилизираме за следниот меч, кој ќе биде последен на турнирот, – изјави ВМ Влатко Богдановски.
Другите играчи на романскиот тим немаа успех со белите фигури заради солидните одбрани на Јангји Ју и Александар Инѓиќ на третата и петтата табла.
Од друга страна, на втората табла Ји Веи не успеа да ја пробие сицилијанската одбрана на Јорден ван Форест, а најинтересна беше партијата на четвртата плоча каде Читамбарам Аравинд играше против поранешниот европски првак, Алексеј Сарана. При отворањето, иднискиот велемајстор дојде во изгледна позиција, но потоа во комплицираната средишница Сарана се снајде и прејде во напад, но на крајот партијата заврши со реми. Пуранек на шестата табла исто така успеа да направи мал плус на старт од дуелот со Даниел Дарда, но во четвртиот час од играта превиде пешак, по што грчевито се бореше да воспостави рамноправна позиција и да ремизира. СуперЧес на овој начин стигна до минимална победа од 3,5:2,5 и останува единствена екипа со максимален учинок, 12 бода од 6 рунди. Унгарскиот клуб Нагиканижаи го доби дуелот на втората табла со Туркиш Ерлајнс и во моментов е втор со 11 поени, а утре ќе излезе на мегдан со првопласираните. Победникот од нивниот дуел ќе биде крунисан како нов шампион на Европа.
ШК Алкалоид во моментов е на делба на третото место, заедно со уште четири други екипи. Со победа во 7. коло македонскиот шампион останува кандидат за медал, а противник ќе им биде седмиот носител, израелскиот клуб Ришон Ле Цион, предводен од ветеранот Борис Гељфанд и Максим Родштајн (кој оваа година беше на делба на врвот на индивидуалното европско првенство во шах, но поради послаби „тај-брејк“ критериуми беше третопласиран).
Последното 7. коло започнува еден час порано, во 14 часот по локално време. Извесно е дека со победа ШК Алкалоид би освоил медал, но од другите резултати ќе зависи дали тоа ќе биде сребро или бронза.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Свечено отворена обновената сала во Градски парк, по пет децении Работнички доби нов дом
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, свечено ја отвори целосно реконструираната сала „Работнички“ во Градски парк, еден од најстарите спортски објекти во државата.
Во рамки на свеченоста се одигра ревијален натпревар меѓу младинскиот состав на КК „Работнички“ и шампионите од Лига Центар од ООУ „Кочо Рацин“, проследен со настапи на хип-хоп групи и богата спортска програма.
На отворањето, покрај бројните гости и советниците на Општина Центар, присуствуваа и ветераните на КК „Работнички“, Огнен Герасимовски, Драган Радосављевиќ, Рики Ѓорчевски, Стерули Андоновски, Томе Димишковски, Миро Крстевски, Тихо Матевски, и Перо Антиќ, на кои им беше доделено признанието „Феникс“, симболот на Општина Центар, птицата што се раѓа од пепел, како знак на обнова, истрајност и нов почеток.

„Се што правам како градоначалник, го работам со најдобра верба и мисла за нашите центарци. Со упорност, со скромност, со многу енергија и љубов, создадовме уште една победа, која им припаѓа на сите во Центар, без исклучок и поделби. И оваа сала е резултат на нашиот пристап, дека заедно можеме да направиме се. Без политика, без делби, напротив, обединети и сложни во успесите и резултатите“, рече Герасимовски.
Обраќајќи им се на младите центарци кои ги исполнија трибините, Герасимовски порача дека салата е наменета токму за нив, за генерациите што допрва ќе создаваат нови спортски успеси и ќе го носат духот на „Работнички“.
,,Драги ученици, новата сала е секогаш отворена за вас. За спорт, за натпревар, за другарување, за споделување на вистински вредности во животот. Од срце ве поканувам да ја користите, да бидете присутни, да бидете здрави и конкурентни, да создавате резултати, да се радувате на своите и заедничките успеси! Во оваа сала ќе ги гледаме нашите нови шампиони, ќе ја пишуваме новата историја”, порача Герасимовски.
Салата е реконструирана според стандардите на ФИБА, со целосно обновен паркет, нова фасада, современо ЛЕД-осветлување, енергетски ефикасен систем за греење, ладење и вентилација, нови соблекувални, санитарни јазли и нови столчиња на трибините.
Со обновата на објектот во Градски парк, најтрофејниот клуб доби дом достоен за своето име и традиција, место каде што ќе се редат нови победи и ќе се гради иднината на спортот во Центар.
Спорт
Хакими на суд ќе се брани од обвинението за силување
Дефанзивецот на ПСЖ, Ашраф Хакими, вели дека е подготвен да се појави пред судот по обвинението за силување.
Дваесет и четиригодишна девојка го обвини Хакими дека ја силувал во неговиот дом во Париз во 2023 година. Тој ги негира овие обвинувања.
Јавниот обвинител ја започна прелиминарната истрага во март 2023 година.
„Денес, обвинението за силување е доволно за да се оправда судењето. Тоа е неправедно кон оние кои се лажно обвинети, но и кон вистинските жртви.“
„Мирно го чекам судењето, тоа ќе ја изнесе вистината пред јавноста“, напиша Хакими на својот онлајн профил на социјалната мрежа „X“.
Ноќта помеѓу 24 и 25 февруари 2023 година, девојката разменила пораки со својата пријателка додека одела кон куќата на Хакими, по еден месец преписка, со фудбалерот на Инстаграм.
Како што изјавила, таа го сметале дека состанокот како можност да го заборави раскинувањето. Ѝ кажала на својата пријателка дека е нервозна, дека не е сигурна дека сето ова е за неа.
Неколку дена подоцна, таа го пријавила Хакими за силување.
„Ова судење се базира исклучиво на зборот на жена која ја попречувала истрагата во текот на целиот процес, одбивајќи медицински прегледи и ДНК тестирање, одбивајќи да даде пристап до нејзиниот мобилен телефон и одбивајќи да именува клучен сведок“, изјави Фани Колин, адвокатка на Хаким.
Сè уште не е познато кога ќе започне судењето.
Foto/ depositphotos
Спорт
ФФМ потврди дека од УЕФА добиле допис за сомнителни натпревари
Фудбалската федерација на Македонија потврди дека од УЕФА добиле дописи за сомнителни натпревари. Станува збор за натпревари од Првата и Втората лига и еден контролен натпревар.
„Во врска со информациите кои беа пласирани во дел од медиумите, а се однесуваат на истрага за наместени натпревари на домашни клубови, како и во однос на прашањата доставени до Фудбалската федерација на Македонија, информираме дека во насока на целосна транспарентност и со цел објективно информирање на јавноста, ги споделуваме дописите добиени од Одделот за интегритет при УЕФА.
Станува збор за дописи кои се однесуваат на неколку натпревари од домашното првенство и контролни/пријателски натпревари, за кои се евидентирани нерегуларности поврзани со уплати во обложувалници.
Напоменуваме дека во објавените документи одредени чувствителни информации се соодветно заштитени (покриени), исклучиво во интерес на истрагата и во согласност со насоките на надлежните органи. Објавувањето на тие делови во овој момент би можело да наштети на тековните постапки.
Фудбалската федерација на Македонија тесно соработува со одделот за интегритет на УЕФА и со надлежните државни институции во рамки на своите надлежности, со цел целосно расчистување на сите наводи и сомнежи.
Истовремено, потенцираме дека ФФМ не е истражен орган, туку постапува согласно добиените информации и во координација со институциите кои имаат законска надлежност за понатамошно постапување“, стои во соопштението до јавноста објавено на интернет страницата на ФФМ.
Под лупа на УЕФА се натпреварите Башкими-Шкендија (1:3), Струга-Башкими (6:0) и натпреварот од Вторала лига помеѓу Башкими и Вардар Неготино.
Сомнежи кај УЕФА постојат и за два натпревари на Охрид. Станува збор за дуелот Охрид-Тетекс (4:3) и контролниот натпревар Охрид-Работнички (2:8).

