Контакт

Спорт

Тенис на Вимблдон или трки на коњи во Аскот

Објавено пред

Танталови маки за англиската аристократија
Од специјалниот известувач од Вимблдон

dobivaj vesti na viber

Во Велика Британија временските прилики се најчесто неприлики доколку планирате да организирате настан под отворено небо. Во текот на целата година, единствено периодот на крајот на јуни и јули месецот се погодни за тоа. Во август, веќе се вклучуваат радијаторите, а чадорот претставува задолжителен придружник во едната рака, ништо помалку важен од мобилниот кој го држите во другата.

Од тие причини, во овој краток временски период од 40-тина дена се сконцентрирани сите оупен еир спортски настани и музички фестивали. Поради тоа, секое лето тие и се поклопуваат во исти денови, така што публиката е во дилема каде да оди, односно што ѝ е позанимливо за гледање.

Традиционално во првите две седмици од јули се одржува тенискиот турнир во Вимблдон. Меѓутоа, во т.н. средишна недела од турнирот, на Силверстон се вози и познатата Гранд при трка на Велика Британија во формула еден. И втората седмица е вистинска мака за избор каде да се биде, бидејќи во два дена се поклопуваат тениските мечеви на Вимблдон, со коњичките трки во Аскот. Тешка дилема за бројниот обичен свет каде тие пеколни денови со температури од над триесетина степени (ако се погоди времето) да отиде да гледа спорт и прави пикник: дали на Хенман Хил на Вимблдон или на Виндзор енклоусер во Аскот.

 

2

Оваа мака е уште поизразена за малубројната аристократска свита. Како да се распоредат и кој во кој ден каде да биде: кој да оди во Ројал боксот на Вимблдон, а кој на Ројал енклоусер во Астон. Битен е тенисот, но уште побитни се коњичките трки. Може и обратно, но проблемот останува: сината крв мора да биде присутно и на двата настана.

Згора на тоа, ако непланирано им се појави и трет настан, како минатата година, кога на денот на финалето на Вимблдон, се играше и финалето на европското првенство во фудбал, во кое финалист беше Англија, тогаш тоа постанува ноќен кошмар и за кралскиот протокол. Принцезата Мидлтон, како покровител на турнирот, во Вимблдон, принцот Вилијам во Берлин, а, претходно, Кралот Чарлс на јунскиот Ројал Аскот. Така се злопатеа минатата година.

Претходен ваков екстра ангажман на сината крв беше забележан во 2021 година, кога Лондон беше домаќин на полуфиналето и финалето на Европското првенство во фудбал и мечевите на Вембли се играа истите денови кога и на Вимблдон се играа полуфиналињата и финалињата во машка и женска конкуренција. А, во Аскот се тркаа коњи и во Силверстон болиди.

3

Тоа е што се однесува до овие глобално престижни спортски настани кои традиционално во ист период се одржуваат на Островот, некои навлезени во третиот век од своето постоење. Но, покрај нив, има уште десетина за кои остатокот од светот, а особено ние на Балканот, не сме слушнале, а се must see хепенинзи за британските граѓани – барем еднаш во животот да се посетат.

Секако, присуството на кралското семејство и аристократијата се облигаторни секоја година, односно секое лето. Тука е Хенли Ројал Регатата која се вози од 1. до 6. јули (и се совпаѓа со првата седмица на Вимблдон), потоа Глиндеборн фестивалот на опера, кој, за среќа се одржува од мај до декември, па кралското присуство и не мора да се поклопи со тенисот, коњите и регатите.

4

Она што може да ви падне во очи е дека овие некогаш ексклузивно резервирани настани за кралското семејство и аристократијата денес се достапни за секого. Тенисот е популарен спорт, а и трките на коњи и регатите можат да ги гледаат плебејците, односно кралските поданици. Секако, дека така не било на почетокот на нивната долга традиција на постоење; но, што би рекле старите Латини, „О темпора, о морес“, односно секое време си носи свои обичаи.

За да би се разбрале овие промени, односно како дошло до спојувањето на неспоивото – физички допир на сината крв и аристократијата со плебсот, најдобро да се консултира книгата „Кич – уметност на среќата“ од Абрахам Мол, која претставува вистинско „свето писмо“ во објаснувањето како функционира во модерно време класната поделба во уметноста и спектаклот (и лажното убедување дека сите луѓе се еднакви).
Накусо, по Француската револуција, европските кралски семејства сфатиле дека „ѓаволот ја однел шегата“ и дека не е многу умно да се игра со трпението на народот, така што дотогашниот апсолутизам и тиранија решиле да ги заменат со привидно чувство на слобода и еднаквост. Убедени дека се од Бога дадени да бидат единствените на земјата кои ја имаат способноста да ја разбираат вистинската уметност, за нивните поданици се измислува нешто што е соодветно на нивните интелектуални и когнитивни спознанија, што и понатака ќе ги држи надвор од вистинската уметност, но ќе им создаде привид дека и тие се дел од неа.

Така настанал кичот, како феномен не само во уметничкото творештво (лесни ноти, стрип цртежи, поп артот наспроти класичната музика и ренесансните ликовни дела) туку и како дел од секојдневното живеење и спектаклот. Во спортот за себе ги задржале поединечните спортски дисциплини, како тенисот, мечувањето, коњските трки, стрелаштвото, ловот, веслањето, а на народот му понудиле забава преку колективните спортови како фудбалот, кошарката, одбојката и многу други.

Со тоа се создал и привидот дека сите луѓе се еднакви, секој си имал своја забава сѐ додека обичниот свет не посакал и тој да постане дел од она што било резервирано за аристократијата. Дваесеттиот век ја носи таа демократизација на спортот, веќе да нема поделба во спортот според социјален сталеж, туку тој да е достапен за секого, било како учесник или гледач.

5

Но, можеби, денес тоа е така било каде во светот, но не и во Обединетото Кралство. Тука орвеловата забелешка од „Животинска фарма“ во која сите животни се еднакви, но, сепак, некои се по еднакви од другите, е нај воочлива. И тоа најдрастично може да се забележи на спомнатите престижни спортски настани.

Да, портите се отворени за сите еднакво, но сите не влегуваме во нив на еднаков начин. На Вимблдон го имате храмот на тенисот – Централниот терен со капацитет од 15000 места, но во рамки на овој стадион постои и Ројал боксот, кој има само 75 седишта. Во кралската ложа можат да седат само членови на кралското семејство, почесни високи гости, поранешни шампиони и членови на Ол Ингланд клубот.

Со оглед дека обичниот смртник нема сина крв, нормално дека на оваа трибина нема можност да пристапи како дел од кралското семејство. Ниту го освоил турнирот, ниту пак е почесен висок гостин (член на некое друго кралско семејство, премиер или претседател на држава). Теоретски, единствено што му останува е да постане член на Ол Ингланд клубот и така да успее да го смести својот задник во удобните кралски фотелји.
Меѓутоа, теоријата, практично е непреводлива во пракса. Членството во Ол Ингланд клубот е премногу ексклузивно и не е достапно за јавноста на традиционален начин — едноставно, не може само да се аплицира и да се плати членарина. Затоа и постојат само околу 375 полноправни членови, а новите членови се избираат преку препорака и гласање од постојните членови.

Иако точната сума на членарината не е јавно позната, таа е со симболичен годишен износ, бидејќи престижот и привилегиите се далеку поважни од паричниот износ. Оттука, колку и да сте богати (да сте тајкун или нои ричи) да станете член на Ол ингланд клубот е речиси невозможно без да имате силни врски во британската елита која би ве прифатила да бидете дел од нејзиното друштво.

6

Оваа класна поделба која на микро ниво е изразена на Вимблдон бидејќи ројал боксот прима само 75 луѓе, е уште по воочлива на Ројал Аскот, бидејќи таму и трибините се поголеми.

Постојат четири трибини, кои меѓусебно се оградени, како не би доаѓало до мешање на публиката, поделена според нејзиниот социјален статус. И тоа е забележливо и во симболична смисла, односно во лингвистичките деталите во кои се крие ѓаволот. Иако се изградени и изгледаат како трибини, тие не се нарекуваат така туку се користи терминот енклосер (enclosure), кој во контекстуален превод од 19-тиот век би се прилагодил како оградено земјиште на кое им се забранува пристап на обичните граѓани.

Така, во Ројал Аскот има четири трибини т.е. четири енклосери: Ројал енклосер, Квин Ане енклосер, Вилиџ енклосер и Виндзор енклосер. Најпрестижен и најекслкузивен дел од хиподромот е, секако, Ројал енклосер, кон кој, во кралската процесија пред почетокот на трките, во своите кочии се упатува Кралот и неговата свита. На оваа трибина пристапот е дозволен само со покана од членовите, нивните гости, новите кандидати кои мораат да бидат спонзорирани од двајца членови, младите членови од 18-25 години (најчесто дел од братството на универзитетите Оксфорд и Кембриџ) и деца од 10-17 години, кои, секако, не се регрутираат за идни членови од државните училишта, туку, пред сѐ, од елитниот Итон колеџ. Годишната членарина, исто како и кај Ол Ингланд клубот, не е многу голема – од 150 фунти до 2140 фунти, но за да добиете препорака мора секое крвно зрнце да ви биде проверено од каква боја е.

Правилото на облекување т.н. дрес код на оваа трибина е стриктен и рестриктивен. Сѐ мора да ја отсликува традицијата, па така и гостите како ќе бидат облечени, а тоа е дамите задолжително да носат дамски шешир или фасцинатор со минимален дијаметар од 10 сантиметри. Фустаните, комбинезоните или здолништата мораат да паѓаат под колена или да се подолги. Пожелни се и ракавици со должина над лактот и чадор за сонце. Боите се светли – бели и пастелни, а сѐ мора да биде дизајнирано стилски како се носело пред повеќе од сто години. Џентлмените задолжително мораат да носат црн или сив цилиндер, фрак, елек, и кошула со вратоврска, црни елегантни чевли, со чорапи над глуждот. Бојата на облеката мора да биде комбинација на црна и сива, со тоа што е дозволено елекот и вратоврската да бидат во патриотски бои, како на пример знамето на Велика Британија (Унион Џек).

Квин Ане трибината е, исто така, место резервирано за ВИП гостите, но со понизок ранг од оние на Ројал трибината, така што и тука постои правило на облекување, но не оди толку назад во времето, туку како да ја следи модернизацијата на кралството и еманципацијата на жената. Дамите сѐ уште мораат да носат здолништа под колена и подолги, но на оваа трибина можат да бидат облечени и во панталони, но само дизајнирани како би ја отсликале епохата на која се реферира оваа трибина. Шешир или фасцинатор е задолжителен. Џентлмените мораат да носат одело од два или три дела, со задолжителна вратоврска, а дизајнот треба да кореспондира со историскиот период од пред Втората светска војна, т.н. денди стил.

Вилиџ трибината или ограденото село, е чекор напред низ времето и како да ги отсликува шеесеттите години, период кога се носела таканаречената твиги мода. На оваа трибина за дамите здолништата и фустаните немаат лимитирани димензии така што не мораат да бидат под колена, а пожелни се да се носат и панталони. Џентлмените на оваа трибина немаат посебни услови, така што можат да бидат облечени исто како и оние од Ане трибината.

Иако, можеби, звучи помпезно и posh, Виндзор трибината е всушност онаа која му е наменета на обичниот свет бидејќи билетите се најевтини (40-тина евра за еден ден следење трки), а посетителите немаат правила за облекување, така што можат да дојдат и во џинс и спортска облека.

Меѓутоа, плебсот, желен да биде барем еден ден во животот дел од кралскиот гламур, после Ројал трибината, најмногу е забележливо на оваа трибина како се облекува во аристократски стил – дамите со шешири и фасцинатори, во долги комбинезони, а џентлмените со цилиндри и фракови. Кутрите, како да не можат да сфатат или прифатат дека облеката не е работа на избор, туку е резултат на општествениот статус и за да се облече фрак или стави на главата фасцинатор мора да се има и соодветна подлога во родовото стебло. Инаку, ќе изгледате како да сте дошле на маскенбал. Повторно би се навратил на мудрите Латини кои уште во нивно време утврдиле дека она што му прилега на Јупитер не му приличи на волот (Quod licet Iovi, non licet bovi). Да, токму оваа трибина е најубава потврда за точноста на Мол кога го објаснувал постанокот на кичот.

 

7

Кога е во прашање кралството и аристократијата и дека не е сѐ во парите, туку е до лозата, како фуснота би додал еден илустративен пример. Во 2018. година, на свадбата на тогашниот принц Хари со Меган Меркел, биле поканети многу ВИП личности, како од кралските семејства, така и од бизнисот и забавната индустрија. Меѓу нив била и телевизиската водителка Опра Винфри.

Со оглед дека поканите се испраќале со месеци порано, како гостите би имале доволно време да се подготват и го планираат патувањето, познатата водителка нарачала од модното студио на Стела Мекартни да ѝ се скрои и сошие костум за кралската свадба. Месеците минувале, шиењето на костумот напредувало, Опра неколку пати патувала од Њујорк за Лондон на проби, за, конечно, еден месец пред свадбата фустанот да бил завршен.

Во исчекување на големиот настан, претпоставувам дека Опра со нетрпение го очекувала денот кога така црномуреста ќе блесне на свадбата во својот бел фустан. Но, набргу уследил неочекуван пресврт: една седмица пред свадбата добила известување од кралскиот протокол, дека на кралската свадба е дозволено само невестата да биде облечена во бело. Нешто што се подразбирало дека се знаело во високите аристократски кругови, на богатите естрадни ѕвезди од светот на забавата морало писмено да им биде објаснето.

Што сторила Опра по првичниот шок, не е познато, но злобниците коментирале дека поради кусото време, таа имала само две можности: или да купи евтина конфекција во однос на нејзиниот финансиски статус, или да посети некој секнд хенд дуќан за богати.

8

И на Хенли Ројал регатата која се вози на Темза, класната поделба е воочлива преку дрес кодот на двете трибини. На најексклузивната зона т.е. Стјуард трибината, резервирана за кралското семејство, аристократијата и членовите на клубот, за дамите е задолжително да мораат да носат фустани и тоалети под колена, шеширот е пожелен, а џентлмените да се облечени во елегантни костуми. Годишната членарина во клубот е симболична, околу 400 фунти, меѓутоа влезот во елитното друштво е, сепак, затворен круг – мораш да бидеш поканет или препорачан од постојните членови.

На Регата трибината, наменета за пошироката публика, не постои правило за облекување, атмосферата е неформална и опуштена, така што многумина избираат да носат клупски костуми и останата веслачка облека дизајнирана во морнарски стил. Посебен драж на овој настан преставува што многу посетители на него доаѓаат со автомобили олд тајмери, создавајќи атмосфера на безгрижните триесетти години на минатиот век.

Би рекле, уште една можност за уште едно бегство од реалноста, но кое оваа година нема само класна поделеност. Во сенка на војната помеѓу Израел и Иран и Русија и Украина, самозалажувањето кој каков костум ќе облече не е статусно прашање, туку е егзистенционално за сите: кралеви и плебејци, богати и сиромашни, аристократи и пролетери, сина и обична крв. Сите сме во ист сос. Зашто, бадијала фракови и фасцинатори доколку светот тргне кон свое самоуништување. Свет во кој голи доаѓаме и од кој голи си заминуваме…

Ненад Живановски-Столиќ

Спорт

(Видео) Голчиште на Собослај, а потоа победа на Сити во дербито

Објавено пред

Манчестер Сити го доби Ливерпул на „Ефилд“ во 25.коло во Премиер лигата, со 2:1 и остана во трката за шампионската титула.

dobivaj vesti na viber

Сè што беше важно се случи во последните 20 минути од натпреварот. Ливерпул поведе во 74-та минута, но со голови во 84-та и 93-та минута, Сити направи пресврт и запиша три важни бода.

Доминик Собослај постигна гол за водство на Ливерпул со моќен погодок од слободен удар со помош на стативата. Сити израмни по само десет минути, кога Бернардо Силва натрча на топката која ја доби од Ерлинг Халанд.

Во судиското продолжение, Сити победи откако Алисон направи пенал, а Халанд го реализираше.

Рајан Шерки исто така постигна гол во 100-та минута, но тој гол беше поништен поради претходен прекршок на Доминик Собослај, кој доби црвен картон.

Foto/ EPA

Прикажи повеќе...

Спорт

Трамп го критикуваше американскиот скијач: „Срамота е што ја претставува Америка“

Објавено пред

Американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше американскиот олимписки скијач Хантер Хес, неколку дена откако спортистот изрази измешани чувства во врска со претставувањето на САД на Зимските олимписки игри во северна Италија, пишува „Ројтерс“.

dobivaj vesti na viber

„Ако е така, ни немал потреба да се обиде да се квалификува за репрезентацијата и срамота е што е дел од неа“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social, осврнувајќи се на коментарите на Хес. „Многу е тешко да се навива за некој таков.“

Зимските олимписки игри беа одбележани и со политички тензии, меѓу другото и поради присуството на службеници на американската Служба за имиграција и царина (ICE). Оваа агенција се соочи со масовни протести низ САД откако нејзини агенти минатиот месец во Минеаполис застрелаа и усмртија две лица.

Хес, скијач во слободен стил, изјави на прес-конференција во Милано во петокот дека му е „малку тешко“ да ја претставува Америка и дека има измешани чувства.

„Очигледно се случуваат многу нешта со кои не се согласувам, а верувам дека и многу други не се согласуваат“, рече тој.

„Тоа што ја носам знамето не значи дека претставувам сè што се случува во САД.“

Неговиот колега од репрезентацијата, Крис Лилис, на истата прес-конференција исто така истапи против дејствувањето на Службата, велејќи дека поради тоа му е „скршено срцето“.

„Мислам дека како земја треба да се фокусираме на почитување на правата на сите луѓе и да се погрижиме кон нашите граѓани, како и кон сите други, да се однесуваме со љубов и почит“, изјави Лилис.

„Се надевам дека луѓето, гледајќи ги спортистите на Олимписките игри, ќе сфатат дека тоа е Америка што ние се обидуваме да ја претставиме.“

Прикажи повеќе...

Спорт

„Сѐ се случи за миг“ – сестрата на Линдзи Вон зборуваше за нејзината состојба по страшниот пад на Олимписките игри

Објавено пред

Линдзи Вон моментално е на лекарски прегледи по тешкиот пад што ѝ се случи утрово, потврди нејзината сестра Карин Килдо во изјава за „Ен-Би-Си“. Таа рече дека сцената била застрашувачка и многу тешка за гледање.

dobivaj vesti na viber

„Тоа дефинитивно беше последното што сакавме да го видиме. Сѐ се случи многу брзо и во такви моменти само се надеваш дека е добро“, рече Килдо.

Таа додаде дека станало уште пострашно кога забележале дека изнесуваат носила.

„Тоа никогаш не е добар знак. Но, како што вели онаа изрека за човекот во арената – таа се осмели, даде сѐ од себе и одеше до крај. Тешко е да се гледа, но најважно е таа да биде добро“, изјави таа.

Сестрата на познатата американска скијачка потврди дека во моментов не знаат што следува: „Превезена е со хеликоптер од местото на несреќата. Со неа се сите нејзини лекари, хирурзи и физиотерапевти. Ќе не известат и ќе отидеме во болницата каде што ја прегледуваат. Засега знаеме само дека е на прегледи и се надеваме наскоро да добиеме повеќе информации.“

Главниот брзински тренер на американскиот скијачки тим, Пол Кристофик, изјави дека Линдзи Вон и понатаму е под медицинска проценка во Кортината, а тимот сѐ уште нема добиено никакво ажурирање за нејзината здравствена состојба.

„Сѐ уште не знаеме ништо конкретно“, изјави Кристофик. „Таа е со медицинскиот тим во болница. Во моментов се проценува во Кортината. А потоа, во зависност од сериозноста на повредата, ќе се донесе одлука каде ќе биде сместена.“

(Видео) Тежок пад на Линдзи Вон на Олимписките игри

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија13 часа

Војници во влага, на перници стари со децении, со прибор стар 20 години и руинирани тоалети – синдикатот алармира по појавата на шуга во велешката касарна

Независниот синдикат на професионални војници, реагира поради појавата на шуга кај новопримените професионални војници во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“...

Македонија14 часа

Српската полиција се огласи по киднапирањето на Даниел Кајмакоски: Се трага по двајца осомничени

Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека полицијата трага по две лица осомничени за киднапирање на македонскиот пејач Даниел...

Македонија17 часа

(Видео) Договорено покачување на платите за околу 11.000 административци до 2028 година

Околу 11.000 вработени во јавната администрација, судовите и обвинителствата ќе добијат покачување на платите од речиси 40 отсто до 2028...

Македонија17 часа

Кајмакоски е дома; Рашиќ: „Смирено и храбро се соочил со киднаперите, но му треба мир“

Mиланка Рашиќ, која е задолжена за односи со јавноста за Даниел Кајмакоски, соопшти дека разговарала со него по ноќта помината...

Македонија20 часа

ВМРО-ДПМНЕ реагира: Заев се јави во одбрана на својот криминал, тој е таткото на бизнисот со канабис

Олицетворението на криминалот, главата на октоподот во корупцијата и лидерот на СДС од сенка, Зоран Заев се јави во одбрана...

Македонија21 час

Заев се закани со тужба, тврди дека не е поврзан со конфискацијата на канабисот и облакодерите во Дубаи: „Шират лаги и клевети“

Поранешниот премиер Зоран Заев преку статус на Фејсбук порача дека по пет години молк, сега е подготвен да одговори со...

Култура21 час

Почина Бред Арнолд – пејачот на американскиот бенд 3 Doors Down

Бред Арнолд, пејачот и основач на американскиот рок-бенд 3 Doors Down, најпознат по хитовите „Kryptonite“, „When I’m Gone“ и „Here...

Свет21 час

Во Дубаи уапсен сторителот на обидот за атентат врз рускиот генерал Алексеев, ФСБ уапси и соучесник во Москва

Сторителот на обидот за атентат врз генерал-полковникот на руската воена разузнавачка служба, Владимир Алексеев, беше приведен во Дубаи и предаден...

Свет1 ден

(Видео) Протести против Зимските олимписки игри во Милано: демонстрантите фрлаа димни бомби и шишиња кон полицијата

Илјадници луѓе се собраа во Милано на протест против Зимските олимписки игри само еден ден по церемонијата на отворање во...

Македонија2 дена

(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат

Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на...

Македонија2 дена

Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло

Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад...

Македонија2 дена

(Видео) Петрушевски: Од 27 тони запленета дрога, повеќе од две третини е на фирма на соработник на Зоран Заев

Над 2/3 од 27 тони запленета дрога е од фирма на кадар на СДС, соработник на Зоран Заев, рече денес...

Македонија2 дена

Левица ќе иницира разрешување на Ристовска, имаат информации за понижување, викање и навреди во ДКСК

Наместо да ја насочи својата енергија кон расчистување на корупцијата, членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета...

Свет2 дена

Низ разузнавачките канали протекоа детали за „Дмитриев пакет“, вреден е 12 трилиони долари, вели Зелениски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека постои ризик САД и Русија да склучат билатерални договори кои се однесуваат на Украина,...

Свет2 дена

Судот нареди на администрацијата на Трамп да врати од Хондурас три депортирани семејства и да ги плати трошоците за враќање

Окружниот суд во Сан Диего пресуди федералната влада на САД да ги врати трите семејства од Хондурас, наведувајќи дека нивното...

Македонија2 дена

Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор

Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела,...

Македонија2 дена

Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост...

Македонија2 дена

Најдоцна до јуни реконструкција на владиниот кабинет, Ковачки е нов генерален секретар на партијата, соопшти Мицкоски

Денес заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа донесени важни одлуки за понатамошното јакнење и модернизација на партијата, истакна...

Македонија3 дена

Полицајци, наставничка и пожарникар земале пари од граѓани за да им средат побрзо да извадат лични документи

Двајца полицајци, наставничка и пожарникар се осомничени за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание односно за пари овозможувале граѓаните...

Македонија3 дена

Воени возила и дронови во Охрид и Радожда, од утре обука на специјалците од војската на Белгија

Од 07 до 20 февруари 2026 година, на подрачјето на Охрид и струшкото село Радожда, ќе се реализираат активности за...