Спорт
ШАХ: започна трката за двете места во елитната дивизија; ШК Мулти Есенс стартуваше со победа во првиот настап
Вчера во Струга се одиграа партиите од првото коло од Втората шаховска лига на Македонија, во која настапува и новоформираниот шаховски клуб „Мулти Есенс“, кој, во согласност со стратегијата на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје, ќе биде полигон за калење млади шахисти во сениорска конкуренција.
Откако пролетва успешно ги минаа квалификациите, младинците од шаховската школа на нашиот најтрофеен колектив стартуваа со победа во првиот настап. Совладан е ЖШК Прилеп со резултат 3,5 : 2,5, што отсликува дека се играше борбено и без калкулации.
За ШК Мулти Есенс се повикани Теодор Јовановски (2.112), Стојан Велкоски (2.070), Матео Ефтовски (2.005), Андреј Иванов (1.905), Стефан Мелник (1.874), Дино Табаковски (1.852) и Кирил Николовски (1.842).

Во согласност со пропозициите, се игра на шест табли, а дозволено е тимовите да имаат најмногу по двајца странски играчи. Раководството на тимот вклучи двајца млади велемајстори: ВМ Лука Драшковиќ од Црна Гора (2.492) и ВМ Лука Будисављевиќ од Србија (2.478), кои ќе внесат искуство и стабилност. Тоа и се случи, па двете победи на првите две табли ја олеснаа ситуацијата, по што со ремито на Теодор Јовановски на третата табла и со победата на Матео Ефтовски на петтата табла беа освоени потребните поени за победа.
– Очекувано, првиот настап донесе мала возбуда и трема кај играчите. Сепак, најбитно е што излеговме како победници од овој дуел. На четвртата и на шестата табла играчите доживеаја релативно брзи порази, односно не го покажаа своето вистинско ниво и не ги исполнија очекувањата. Со мала промена во составот одиме во денешното второ коло, каде што повторно играме на победа против екипата на ШК Ласкер од Охрид, изјави капитенот на ШК Мулти Есенс, велемајсторот Трајко Недев.
На другите мечеви од првото коло фаворитите ја потврдија својата улога, па така ШК Кочани со 4,5 : 1,5 го совлада МШК Центар, а со идентичен резултат ШК Нов напредок од Штип го победи ШК Шах Шех од Битола. Најубедливо славеше ШК 7 Ноември, кој одигра 5:1 против ШК Шкендија од Тетово, додека, пак, со минимални 3,5 : 2,5 славеше ШК Карпош против ШК Ласкер од Охрид.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Сабаленка ја прегази Свитолина за ново финале во Мелбурн
Белорусинката Арина Сабеленка се пласира во финалето на Австралија Опен. Во првото полуфинале, бранителката на трофејот ја победи Украинката Елина Свитолина.
Сабаленка, забележа лесна, речиси рутинска победа, за 76 минути славеше со 6:2, 6:3.
Тенисерката број 1 во светот, експресно го реши првиот сет, мали проблеми имаше во вториот кога Свитолина со брејк поведе со 0:2, но Сабаленка експресно се врати во мечот, ги освои наредните пет гема, на крајот се пласира во четвртото последовно финале во Мелбурн.
За третиот трофеј во Мелбурн, петти на Гренд слем турнирите, Сабеленка ќе игра против подобрата од второто полуфинале во кое ривалки се Американката Џесика Пегула и Казахстанката Елена Рибакина.
Мечот против Свитолина, беше петти за Сабаленка, на тековниот Австралија Опен без загубен сет и десетти по ред во кој Белурусинката не загуби сет од своите противнички.
Белорусинката го доживеа својот последен пораз на завршниот турнир во Ријад, токму против нејзината потенцијална соперничка во финалето во Мелбурн, Елена Рибакина.
Foto/ depositphotos
Спорт
(Видео) Мурињо: Сè сум видел во мојата кариера, но нешто вакво никогаш
Чудо се случи синоќа на стадионот „Да Луж“ во Лисабон. Бенфика го победи Реал Мадрид, и со неверојатен гол, на голманот Трубин во 98-та минута, стигна до нокаут фазата од Лигата на шампионите на УЕФА.
Жозе Мурињо не можеше да поверува што се случи во последните секунди од натпреварот.
„Постојано велам дека се сум видел, но признавам вакво нешто не сум видел и доживеал никогаш. Знаевме дека може да го направи тоа. Губевме од Порто пред неколку недели и во последната минута беше многу блиску да постигне гол. Исто така, пофалби и за асистентот на голот, брилијантно центрираше. Навистина неверојатен гол“, рече португалскиот стручњак.
Веднаш потоа, тој се осврна на тие последни минути од играта и одлуките што му се вртеа низ глава:
„Кога ги правев последните измени, ми беше кажано дека е доволно е да победиме за да продолжиме понатаму, но веднаш откако направив измени, ситуацијата се промени и ми рекоа дека ни треба уште еден гол за да продолжиме понатаму. Веќе немав право на измени. Имавме среќа што добивме слободен удар што му даде можност на голманот да постигне гол“, подвлече Мурињо во интервју за „ТНТ Спорт“.
Foto/ depositphotos
Спорт
Мбапе: Заслужено загубивме, последниот гол што го примивме е срамен
Двата гола на Килијан Мбапе не беа доволни за Реал Мадрид да извлече позитивен резултат на гостински терен во Лисабон. Во нереална драма, Бенфика победи со 4:2 и стигна до нокаут фазата од натпреварувањето, елиминирајќи го Реал од Топ 8.
„Немам вистинско објаснување. Не бевме исти како во натпреварот со Виљареал и проблемот е што немаме таков континуитет во играта. Мораме да го решиме тој проблем бидејќи не можеме еден ден да бидеме добри, а еден ден лоши. Тоа не е шампионски тим, нели?“, рече Килијан Мбапе.
Најдобриот играч на Реал нема дилема дека неговиот тим заслужил да загуби.
„Поразот на крајот беше заслужен. Не можам да кажам дека не е заслужен, затоа што не игравме добро за да победиме. Тие, од друга страна, играа добро. Бенфика е непријатна дома, го знаевме тоа и тоа е наша вина. Денес не стануваше збор за тактика или квалитет. Противникот сакаше да се бори, ги гледав како се борат за своите животи. Не го видов тоа од нас. Последниот гол што го примивме е срамен“, рече Мбапе.
Foto/ depositphotos

