Спорт
„10 години лажат, време е семејството на Шумахер да ја каже вистината“

Вили Вебер, човекот кој се грижеше за кариерата на Михаел Шумахер, тврди дека семејството на легендарниот возач го отфрлило по несреќата која Михаел ја доживеа на скијање во француските Алпи. Тој исто така тврди дека семејството лаже за здравствената состојба на седумкратниот светски шампион во Формула 1.
Михаел Шумахер, имаше несреќа на скијање на француските Алпи во 2013 година кога се спушташе по необележан дел од патеката во одморалиштето Мерибел и изгуби контрола над скиите, падна и удри со глава во карпа. Тој веднаш по несреќата со хеликоптер беше пренесен во најблиската болница во критична состојба.
Шумахер беше подложен на две операции, по што беше ставен во индуцирана кома, од која излезе во јуни 2014 година, а неговата портпаролка потврди дека може да слушне и да реагира на допир.
Исто така, беше објавено дека Шумахер ја напушта болницата во Гренобл и продолжува со опоравувањето во својот дом на Женевското езеро. Неговата сопруга Корина и остатокот од семејството не сакаат да зборуваат за состојбата на Михаел, па ова создаде многу површни информации.
„Се обидов да стапам во контакт со Корина стотици пати. Таа не ми одговори. Му се јавив и на Жан Тод, кој ми рече да не одам во болница, да чекам бидејќи беше рано. Кога се јавив следниот ден, никој не ми одговори. Не очекував такво однесување и сè уште сум лут поради тоа. Ме турнаа настрана велејќи дека е прерано, а сега е веќе премногу доцна. Поминаа девет години. Време е да ја кажат вистината“, изјави Вебер.
„Можев да разберам каква беше ситуацијата кога се случи, на крајот на краиштата, секогаш правев се за да го заштитам приватниот живот на Мајкл. Но, оттогаш од нив не добивме ништо освен лаги“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Лук де Јонг му пресуди на Монако, Динамо Киев силен во продолженијата

ПСВ Ајндховен ја доби битката против Монако со 3:2, по продолженија, и се пласира во плејофот за групна фаза во Лигата на шампионите. Лук де Јонг го постигна победничкиот гол за холандскиот тим во 109.минута од мечот.
Во регуларниот дел, Гутиерез го спаси ПСВ од елиминација откако во 89.минута израмни на 2:2.
Динамо Киев исто така по продолженија славеше со 1:2 против Штурм. Австрискиот тим по регуларниот тек победи со 1:0, но тоа го одведе мечот во продолженија. Вивчаренко и Циганков беа стрелци на головите за украинскиот тим.
Глазгов Ренџерс го елиминира белгискиот Ројал Унион славејќи со 3:0 на домашен терен. Белгијците по првиот меч имаа предност од 2:0.
Спорт
Шамрок и вторпат подобар од Шкупи, кој ќе игра плејоф за Конференциската лига на УЕФА

Македонскиот првак Шкупи загуби од Шамрок Роверс со 1:2 на реваншот во Скопје и ќе мора да се задоволи со плејоф за групите во Конференциската лига на УЕФА. Ривал ќе му биде косовскиот Балкани или Клаксвик од Фарски Острови.
Тимот на Гоце Седлоски најавуваше триумф, меѓутоа не успеа да го оствари против Шамрок. Голманот Кристијан Наумовски во првиот трипати имаше добри реакции и ја сочува мрежата, Сенгор спаси на гол-линијата, но, сепак, Шамрок дојде во водство во 65.минута со голот на Рори Гафни. Тој шутираше од 25 метри и го надмудри Наумовски кој беше излезен од петерецот.
Потоа Шкупи тргна на се или ништо, а Шамрок тоа го искористи за да постигне уште еден гол во 85.минута преку Аидомо Емаку.
Сандеј Адетунџи во судиското продолжение го постави конечниот резултат.
Спорт
Динамо Загреб со втор триумф над Лудогорец се чекираше во плејоф за групите во ЛШ

Македонските репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски со Динамо Загреб ќе играат во плејофот за пласман во групите од Лигата на шампионите против Бодо/Глимт, откако вечерва на „Максимир“ славеа против Лудогорец со 4:2. Хрватскиот првак победи со 1:2 и на првиот меч во Бугарија.
Мислав Оршиќ беше двоен стрелец, а Јосип Дрмиќ го отвори резултатот на асистенција на Ристовски, а четвртиот гол беше дело на Бруно Петковиќ од пенал.
Лудогорец остана со дури тројца фудбалери помалку во текот на мечот поради исклучувања, а двоен стрелец беше Кирил Десподов.