Спорт
15 фудбалски факти за кои нема да поверувате дека се вистинити
Веб-страницата „Спортбајбл“ направи интересна колекција на фудбалски факти кои изгледаат дека се лажни, но се вистинити. Колекцијата е собрана од твитер-дискусија во текот на пандемијата на коронавирусот во 2020 и има некои навистина зачудувачки факти.
1. Филип Лам успеал да не направи фаул цела година
Легендарниот дефанзивец на Баерн Минхен и Германија, Филип Лам, успеал да избегне фаул 13 месеци во Бундеслигата – од септември 2015 до октомври 2015.
2. Жозе Мурињо не ја добил наградата за менаџер на месецот во две шампионски сезони во ПЛ
Специјалниот во две сезони во кои со Челси ја освои титулата не стигна ниту еднаш до оваа награда, иако ја доби трипати во кариерата – двапати во 2004/2005 и еднаш во 2006/2007.
3. Нејмар ја доби наградата за играч на месецот на Ла Лига пред Лео Меси
Бразилецот го совлада Меси при воведувањето на наградата во 2013, додека Меси прват беше награден во јануари 2016.
4. Манчестер јунајтед не загубил на „Олд Трафорд“ во Премиер лигата кога водел на полувреме
Неверојатно, но вистинито!

5. Тео Волкот има повеќе голови во ЛШ од Роналдо, Зидан, Азар…
Поранешниот талент на Арсенал има 15 гола во ЛШ, што е повеќе од Роналдо (бразилскиот), Зинедин Зидан, Мирослав Клозе, Давид Вилја, Алексис Санчез и Еден Азар.
6. Златан Ибрахимовиќ и Кристијано Роналдо дале голови во секоја минута од мечот
Засега тие се двајцата што имаат голови во сите минути во еден меч (1-90).
7. Златан играл за шест клуба со титула од ЛШ, но тој ја нема освоено
Ибрахимовиќ играл во Милан, Интер, Јувентус, Манчестер јунајтед, Ајакс и Малме – клубови што ја освоиле ЛШ.
8. Шпанија го освои Светското првенство со само 8 постигнати гола
Доминантната победа на СП во 2010 во Јужна Африка под Висенте дел Боске е освоена со само осум гола.
9. Гери Линекер никогаш не добил жолт картон во кариерата
За почит!
10. Стив Брус постигнал 19 гола во една сезона како централен бек
Брус беше капитен на Манчестер јунајтед и зачудувачки во 1990/1991 беше најдобар стрелец во Премиер лигата со 13 гола.
11. Вејн Руни, Герет Бејл и Кевин Дејвис се единствени фудбалери што постигнале гол, имале асистенција и си дале автогол во ист меч
Непосакуваниот хет-трик.
12. Кингсли Коман ја освоил лигашката титула секоја година како професионалец
Три клуба, 10 титули во низа – три со ПСЖ во 2014/2015, 2015/2016, скудето со Јувентус и потоа шест титули во Бундеслигата со Баерн Минхен.
13. Штефан Шварц има вселенска клаузула во договорот со Сандерленд
Шведскиот фудбалер во својот договор има опција дека договорот му се поништува доколку добие шанса да патува во вселената.
14. Жозе Мурињо во еден период девет години не загубил домашен натпревар
Со четири клуба тој точно 9 години и 150 дена не загуби дома.
15. Реал Мадрид го победи својот резервен тим во финалето на Копа дел Реј во 1980
Лос Бланкос има 19 титули од Копа дел Реј, но најчудната останува таа во 1980 кога го победија Реал Мадрид Кастилја со 6:1 на „Сантијаго Бернабеу“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Априлија по секоја цена го сака Пеко Бањаја
Генералниот директор на Априлија Рејсинг, Масимо Ривола, вложува сериозни напори да го убеди двократниот светски шампион Франческо Бањаја да му се приклучи на тимот од Ноала, заедно со Марко Бецеки, од следната сезона.
Приказната е реална, ако се знае дека во наредните денови, Дукати ќе го обнови договорот со Марк Маркез до 2028 година, што ќе отвори можност за ангажман на Педро Акоста во истиот период. Ова би значело дека Бањаја ќе биде без место во фабричкиот Дукати почнувајќи од следната сезона.
Се шпекулира дека Бањаја почнал да истражува алтернативни опции. Преку својот менаџер, Џанлука Фалкони, двократниот шампион во Мото ГП е во дискретни разговори со потенцијални кандидати.
Една од првите понуди дојде од Априлија. Бањаја првично го отфрли „вечниот ривал“, бидејќи поголемиот дел од својата кариера го помина во Дукати, па започнал да „флертува“ со Јапонеците.
Сепак, Хонда не е реална опција, бидејќи јапонскиот гигант ќе инвестира значително во Фабио Квартараро, а во исто време ќе бара млад возач, кој ќе го пополни второ место.
Ова ја остави Јамаха како фаворит во преговорите и до неодамна сите знаци укажуваа на тоа дека фабричкиот тим од Ивата ќе ги донесе двајца шампиони во Мото ГП, пред повторното враќање на Маркез на шампионскиот трон: Хорхе Мартин и Бањаја за 2027 и 2028 година.
Иако Јамаха останува приоритет за Бањаја, „Мотоспорт“, објави дека од Априлија доставила нова и подобра понуда, поткрепена со убедлив напор од Ривола.
Априлија, дел од групацијата Пијаџо, има значително помал буџет за трки од Јамаха, но заминувањето на Хорхе Мартин, кој ќе се приклучи на фабричкиот тим на Јамаха на крајот од сезоната, ќе ослободи околу 4 милиони евра во буџетот за плати.
Дел од овие средства се веќе наменети за новиот договор на Марко Бецеки, но се верува дека околу 3 милиони евра се достапни како почетна точка во преговорите со Бањаја.
За Априлија, повторното обединување на двајцата актуелни водечки италијански возачи, Бецеки и Бањаја, би било сценарио од соништата. Фактот дека двајцата се пријатели и членови на академијата Валентино Роси додава емотивен елемент на понудата што Ривола му ја доставил на Бањаја.
Foto/ depositphoto
Спорт
Ди Канио: Ние во Италија мислиме дека сме феноменални, а примаме шест гола од ПСВ
Паоло Ди Канио остро ја критикуваше состојбата на италијанскиот фудбал откако клубовите од Серија А забележаа три порази во три натпревари од Лигата на шампионите. Ди Канио особено го налути споредбата на Дониел Мален со легендарниот Џанлука Вијали.
Поранешната ѕвезда на Вест Хем и Лацио не ги штедеше зборовите во среда навечер по поразите на Јувентус, Аталанта и Интер во првите натпревари од нокаут фазата на Лигата на шампионите, пишува „Фудбал Италија“.
„Да не зборуваме за Премиер лигата, тие се на друго ниво. Ние во Италија имаме перцепција дека сме феноменални. А потоа одиме на гости кај ПСВ и примаме шест гола“, изјави Ди Канио за „Скај Спорт Италија“.
„Оваа сезона, многумина мислеа дека Наполи ќе стигне којзнае колку далеку во Лигата на шампионите, а потоа примија шест гола од тим како ПСВ, кој им однесе три бода, а во преостанатите седум натпревари, освои уште пет. Интер прими пет гола од ПСЖ во финалето на Лигата на шампионите, а можеше да прими десет.“
Ди Канио се осврна и на изјавата на тренерот на Рома, Џан Пјеро Гасперини, кој рече дека видел „сличности“ помеѓу Вијали и Мален.
„Тој (Мален) има 27 години и никој никогаш никој не му обрнал внимание. Во Астон Вила, тој беше замена за Роџерс и Воткинс, кои се подобри од него“, рече Ди Канио.
„Тој доаѓа тука, постигнува пет гола на пет натпревари, а ние го вовлекуваме Вијали во тоа? Мој постар брате, ти праќам бакнеж во рајот, жал ми е што воопшто те спомнаа.“
„Слушнав дека е тешко да се игра во Пиза. Како е тоа можно? Пиза постигна два гола на 12 домашни натпревари. Ако играте во Пиза со заврзани очи, ќе ремизиравте 0:0“, продолжи Ди Канио.
„Постои приказна дека италијанските играчи би можеле да играат за Манчестер Сити. Кој од нив? Никој во Европа не довел италијански играчи 15 години, што значи дека тие не се сметаат за доволно добри за тоа ниво.“
Спорт
Синер: Во пад сум, знам како да се вратам
Јаник Синер, минатата година ги освои Пекинг, Ријад, Виена, Париз и Торино, но не успеа годината да ја заврши на првото место на АТП листата. Италијанецот, од почетокот на годината нема ниту една титула. Испадна во полуфиналето на Австралија Опен од Новак Ѓоковиќ, а вчера сензационално загуби од Јакуб Меншик во четвртфиналето на турнирот од серијата 500 во Доха.
„По две фантастични години, сега сум во мал пад, но тоа не е нешто што ме загрижува“, истакна Синер за „Убитенис“, по поразот од Меншик со 7:6, 2:6, 6:3.
„Знам како да се извлечам. Знам дека можам да играм подобро, но Јакуб беше одличен и сервираше одлично. Секогаш има подеми и падови во тенисот, па ќе се обидам да ја подобрам мојата форма веќе во Индијан Велс. И претходно сум поминал низ кризи и секогаш знаев како да се вратам“.
Ова е прв пораз на Синнер во меч одигран до крај (без да предаде поради повреда) на тврди подлоги против играч надвор од првите десет, уште од 2023 година во Шангај против Бен Шелтон.
„Немам никакви проблеми, едноставно, играше одлично. Сервираше фантастично. Имав две или три погрешни одлуки, но се случува. Клучот за поразот е мојот лош почеток на третиот сет“, истакна Италијанецот.
„Не е ништо драматично, само изгубив неколку мелеви. Се надевам дека ќе биде подобро во Индијан Велс, иако таму секогаш имам некои проблеми. Од друга страна, Мајами ми одговара повеќе“, рече Синер и ја откри главната цел за оваа година.
„Сакам да го освојам Ролан Гарос, но има уште многу време дотогаш“.
Foto/ depositphotos

