Спорт
Ајнтрахт со титулата од Лига Европа по пенал-драмата, Арон Ремзи трагичар на Ренџерс
Ајнтрахт Франкфурт ја комплетираше неверојатната сезона во Лига Европа со освојувањето на титулата во Севилја по пенал-драмата против Глазгов Ренџерс, откако по 120 минути игра беше 1:1. Во пенал-серијата, трагичар на шкотскиот клуб беше најголемото засилување минатата сезона, Арон Ремзи, кој беше единствениот кој не постигна гол во пенал-рулетот.
Титулата, втора европска во историјата на Ајнтрахт по Купот на УЕФА во 1980 година, е сосема заслужена откако бундеслигашот успеа драматично во четврт-финалето да ја елиминира Барселона на „Ноу Камп“, по што во полуфиналето беа подобри и од Вест хем јунајтед.
Ниту андалузиската жештина (32 степени на стартот на мечот), не ги спречи двата клуба кои долго чекаат за европска титула да одиграат возбудлив меч, во кој Ајнтрахт имаше повеќе шанси, но Ренџерс беа тие кои дојдоа први во водство.
Нигериецот Џо Арибо во 57. минута успеа да направи одличен продор и да го совлада Кевин Трап за „лудница“ од страна на шкотските фанови на стадионот. Меѓутоа, во 69. минута, Филип Костиќ му асистираше на Рафаел Боре, за тој да го постигне четвртиот гол за Ајнтрахт во Лига Европа оваа сезона за израмнување. До крајот на мечот, Ајнтрахт повторно имаше неколку поизгледни шанси, но на крајот по 90 минути стана јасно дека ги чека долга ноќ во Севилја.
И продолжението донесе повеќе шанси од бундеслигашот, но најдобрите две шанси ги имаше тимот на Џовани ван Бронкхорст. Во пенал-серијата, до третата серија пеналџиите беа прецизни, пред поранешниот фудбалер на Арсенал и Јувентус, Арон Ремзи да има крајно лош обид, кој заврши во рацете на Кевин Трап. По него, Филип Костиќ беше прецизен за Ајнтрахт, како и Кевин Руф за шкотскиот клуб, по што Рафаел Боре го постигна шампионскиот гол за германскиот клуб.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Алдегер се здобил со фрактура на бутната коска
Тимот на Гресини Рејсинг потврди дека младиот шпански возач Фермин Алдегер доживеал фрактура на бутната коска на левата нога за време на тренингот во Валенсија, само неколку недели пред почетокот на предсезонските тестирања.
20-годишниот Алдегер го имаше своето деби во Мото ГП шампионатот минатата година со тимот на Гресини, возејќи Дукати со спецификација од 2024 година, и ја круниса сезоната со титулата најдобар почетник, со историска прва победа на Големата награда на Индонезија. Оваа година требаше да се натпреварува со Дукати со спецификација од 2025 година, но неговите подготовки сериозно се нарушени од поредата.
Како што објави тимот, Алдегер ја претрпел фрактурата за време на тренингот во четврток во Валенсија, а операцијата е закажана за денес во Барселона.
Деталите за инцидентот не се откриени.
Повредата доаѓа во незгодно време, точно еден месец пред првиот предсезонски тест за сезоната 2026, кој е закажан за 3-5 февруари во Малезија. Официјалната презентација на тимот е закажана за 31 јануари во Куала Лумпур, додека тестирањето ќе продолжи на 21 и 22 февруари во Бурирам.
Сезоната започнува една недела подоцна со Големата награда на Тајланд.
Foto/ freerangestock
Спорт
Јанис нема намера да си оди од Милвоки
Ѕвездата на Милвоки Бакс, Јанис Адетокумбо, одлучи да стави крај на сите гласини за неговата иднина и јасно стави до знаење дека нема намера да побара трејд – ниту оваа ниту која било друга сезона.
Грчкиот ас истакна дека таков потег едноставно не е во неговата природа и дека никогаш нема да биде тој што ќе побара да го напушти клубот.
„Никогаш нема да има момент кога ќе излезам и ќе кажам: „Сакам трејд“. Тоа едноставно не е во мојата природа“, изјави Адетокумбо за „Атлетик“.
Иако Јанис долго време јавно ја нагласува својата лојалност кон Бакс, тоа не ги спречи разните приказни и шпекулации за неговата наводна желба да го напушти Милвоки и да се приклучи на тим што се бори за титулата. Бакс моментално се во одлична форма и имаат резултат од 16-21 по поразот од Голден Стејт, но 31-годишната суперѕвезда не ги прифаќа гласините дека не е среќен во Висконсин.
„Можам само да контролирам само она што јас го зборувам. Никогаш не сум покажал дека не сум посветен на овој тим. Ако имало момент на теренот кога сте помислиле: „Јанис повеќе не сака да биде тука“, сакам да ми го покажете тоа. Никогаш не сум дал таква изјава. Не разбирам зошто луѓето не веруваат во она што го кажувам“, рече двократниот МВП на НБА.
И ако тоа сè уште не е доволно јасно за некого, Антетокумпо дополнително нагласи дека нема намера да оди никаде и дека верува дека Милвоки има квалитет да ја сврти сезоната.
Спорт
Едвардс во друштво на Леброн и Дурант
Ентони Едвардс стана третиот најмлад кошаркар кој достигнал 10.000 поени.
Тој стигна до оваа бројка на само 24 години и 156 дена, на вечната листа пред него се само Леброн Џејмс и Кевин Дурант.
На оваа листа се и Коби Брајант, Лука Дончиќ, Трејси Мекгрејди и Кармело Ентони, сите ја надминаа бројката од 10.000 поени пред да наполнат 25 години.
Едвардс има просек од 29,2 поени, пет скока и 3,8 асистенции по натпревар оваа сезона.
Во победата против Кливленд, тој учествуваше со 25 поени, седум скока и девет асистенции.


