Спорт
Алегри: Сум работел со многу ѕвезди, но само Роналдо е поинаков во главата

Кристијано Роналдо има поинаква глава од сите други фудбалери, вели поранешниот тренер на Јувентус, Масимилијано Алегри, признавајќи дека Португалецот го има најдобриот менталитет од многубројните фудбалери со кои работел.
Алегри работеше со Роналдо во својата последна година како тренер во Торино, во 2018/2019, во која Роналдо постигна 21 гол за титулата во Италија. Бидејќи тренерот претходно освои скудето и со Милан во 2010/2011, имаше шанси да работи со многу ѕвезди.
„Имав многу силни фудбалери со силен менталитет. Дефанзивци, како Џорџо Кјелини и Алесандро Неста, фудбалери од средниот ред, како Џенаро Гатузо и Кларенс Сидорф, и напаѓачи, како Златан Ибрахимовиќ и Кристијано Роналдо. Роналдо е на врвот според менталитетот. Тој има поинаква глава од сите. Освои пет ‘Златни топки’, пет титули од Лигата на шампионите, еден европски трофеј со Португалија, што е многу тешко, и секогаш тој бил клучниот човек. Секоја година има нова цел“, вели Алегри во интервју за британскиот „Тајмс“.
Бидејќи е без работа од 2019 година, Алегри признава дека има амбиција да работи во Премиер лигата за што веќе подолго време зема часови по англиски јазик.
„Тренерот не треба да создава немир и анскиозност кај фудбалерите. Правиш голема грешка ако одиш само според твоите идеи, твојата мисла и не работиш на човечкиот потенцијал што го имаш. Фудбалот се одлучува од фудбалерите. Да, секој тим треба да има организација и тактика преку тренерот, но важно е да се работи индивидуално. Тренерот мора да е и психолог. 80 отсто психологија, 20 отсто тактика“, објаснува Италијанецот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Капитенот на Торино го засили Милан

Италијанскиот фудбалер Самуеле Ричи (23) е нов играч на Милан, објави клубот.
Ричи потпиша договор со Милан до 30 јуни 2029 година, со опција за продолжување на соработката за уште една сезона. Тој ќе го носи дресот со број четири во својот нов клуб.
Италијанскиот фудбалер игра во средината на теренот, а во последните три години играше за Торино.
Новиот фудбалер на Милан одигра десет натпревари за италијанската репрезентација.
Милан минатата сезона заврши на осмото место во Серија А и не се квалификуваше за европските натпреварувања.
Foto/ EPA-EFE/CLAUDIO GIOVANNINI
Спорт
Ливерпул ќе го повлече бројот 20

Фудбалскиот клуб Ливерпул е завиен во црно, по смртта на португалскиот напаѓач Диого Жота.
Заедно со својот брат Андре, тој излета од патот со автомобил, кој се запали и двајцата ги загубија животите.
Голема трагедија го погоди светскиот фудбал, а неговиот клуб Ливерпул одлучи да постави преседан.
На „Енфилд“ ќе го повлечат дресот со број 20, кој го носеше трагично починатиот фудбалер и во клубот и во репрезентацијата.
Дресот со број 20 ќе стане првиот дрес што Ливерпул ќе го повлече во својата историја.
„Бројот 20 со право ќе биде пензиониран. Она што за жал се покажа како негов последен поглед кон фудбалот му ја донесе титулата во Премиер лигата и Лигата на нации на УЕФА. Бројот 20 со право ќе биде овековечен за неговиот придонес во шампионската кампања на Ливерпул во сезоната 2024/25 и 20-та титула во историјата на клубот, со неговиот потпис и гол пред „Копот“ што ја запечатија победата во дербито на Мерсисајд во април, постигнувајќи го последниот гол во животот“.
„Да ја дочекам оваа сезона со титулата што ја бркам со години, во најдобрата лига во светот – за мене, каде што сонував да играм од детството – е момент што ќе го носам во срцето засекогаш“, објави Ливерпул.
Фото/ EPA/ADAM VAUGHAN
Спорт
Расел: Мислам дека нема да го напуштам Мерцедес

Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, изјави дека не мисли дека ќе го напушти тимот, по шпекулациите дека следната година би можел да биде заменет од Макс Ферстапен од Ред Бул.
Расел изјави пред последната трка во Австрија дека продолжувањето на неговиот договор било под влијание на обидите на Мерцедес да го доведат Ферстапен, пред шефот на германскиот тим, Тото Волф, да потврди дека се во преговори за доведување на четирикратниот светски шампион.
Расел и Ферстапен се судрија во неколку наврати минатата сезона на и надвор од патеката, па се претпоставува дека Британецот би можел да го напушти тимот пред 18-годишниот Кими Антонели во случај Мерцедес да постигне договор со Холанѓанецот.
Celebrating 75 years of Silverstone, where heritage meets the future of performance 🙌
Our 2025 British GP line-up arrives in Sunset Beam Orange 🧡 pic.twitter.com/WJyS0QKRWR
— Mercedes-AMG PETRONAS F1 Team (@MercedesAMGF1) July 3, 2025
Сепак, на прес-конференцијата во Силверстоун, пред Големата награда на Велика Британија, Расел изрази увереност дека ќе остане и се чини дека навести дека Мерцедес ќе го спарат со Ферстапен.
„И кој и да ми е колега, тоа не е моја работа“, рече 27-годишниот британски возач.
Се шпекулира дека ако го напушти Мерцедес, Расел би можел да се пресели во Ред Бул или во Астон Мартин.
Кога го прашаа дали е уверен дека ќе добие позиција што одговара на неговите амбиции и статус, Расел одговори: „Да, доста сум уверен бидејќи мислам дека она што го покажав досега е сосема доволно“.
„Им кажав на сите тимови што ме контактираа во минатото: „Лојален сум на Мерцедес, тука лежи мојата иднина. И на крајот, во Мерцедес се мои менаџери, па затоа мора да се реши преку Мерцедес на прво место. Да речеме дека немаше недостаток на интерес. Но, јас сум концентриран на мојот тим, лојален сум на Мерцедес“, рече тој.
„На крајот, сè ќе се среди само од себе и веројатноста дека нема да бидам во Мерцедес следната година, мислам дека е исклучително мала“, додаде Расел.
Шампионатот во Формула 1 продолжува викендов во Силверстоун, а Големата награда на Велика Британија во недела започнува во 16 часот.
Фото/ EPA/PETER POWELL