Спорт
Анчелоти и Евертон спогодбено го решија спорот на суд
Италијанскиот стручњак и тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти и англискиот премиерлигаш Евертон спогодбено го решија спорот на суд. Анчелоти го тужеше Евертон за прекршување на „комерцијалните договори и аранжмани“, но судските поднесоци не даваат други детали.
Тој го предводеше Евертон како менаџер од декември 2019 до јуни 2021 година.
„Карло има трајна почит и длабока наклонетост кон навивачите на клубот и им посакува сѐ најдобро на нив и на клубот во иднина“, изјавија претставниците на Анчелоти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Гвардиола тренер на сезоната во Премиер лигата
Пеп Гвардиола ја доби наградата за најдобар тренер во Премиер лигата. Петти пат во кариерата, Гвардиола ја доби оваа престижна награда.
Шпанецот во неделата со Манчестер сити ја освои четврта последователна титула во Англија, што е и рекорд во Премиер лигата.
Само Сер Алекс Фергусон има повеќе награди од Гвардиола. Легендарниот Шкот 11 пати бил тренер на сезоната.
„Сакам да ја поделам оваа награда, најмногу со Микел Артета, кој заврши одлична работа со Арсенал. Тој навистина не натера да ги тестираме нашите граници. Секако, тука е и Клоп, со кој имав многу битки за паметење. Унаи Емери направи големи работи со Астон Вила, Андони Ираола во неговата прва сезона во Борнмаут беше брилијантен. Ми претставува голема чест што се натпреварував против нив и што го освоив овој трофеј. Наредната сезона ќе ја браниме титулата“, рече Гвардиола.
Спорт
Мбапе нема да игра за Франција на ОИ
Килијан Мбапе го напушти Пари Сен Жермен, а со тоа и Франција, бидејќи сигурно е дека ќе се пресели во Реал Мадрид. Медиумите тврдат дека окрај тоа што нема повеќе да игра за клуб од Франција, тој и задал уште еден „удар“ на својата нација.
Еден од најдобрите играчи на планетата решил да ја одбие поканата на селекторот на олимпискиот тим на „триколорите“, Тиери Анри.
Иако беше најавено дека ќе игра на Олимписките игри во Париз, Мбапе сепак решил да се повлече од националниот тим и целосно да се посвети на Реал Мадрид.
Секако, претходно ќе игра за Франција на Европското првенство во Германија.
Но, сигурно дел од навивачите несомнено ќе бидат разочарани од одлуката Мбапе да не игра пред домашната публика на најголемиот спортски настанн на планетата.
Да потсетиме, на олимпискиот фудбалски турнир настапуваат играчи до 23 години, со правило секој селектор да повика тројца играчи над таа возрасна граница.
Во репрезентацијата на Анри тоа треба да бидат Александре Лаказет, Антоан Гризман и Оливие Жиру.
Спорт
Раниери оди во заслужена пензија
Италијанскиот тренер, Клаудио Раниери (72) заминува во пензија по крајот на сезоната. Раниери сезонава успеа да избори опстанок во Серија А со Каљари.
Раниери е творец на веројатно најголемата сензација на модерниот фудбал.
Со Лестер во 2016 година ја освои Премиер лигата, што е најголемиот успех во неговата кариера. Покрај тоа, со Валенсија го освои Суперкупот на Европа (2004) и Купот на Шпанија (1998). Со Фиорентина го освои и Купот на Италија и Суперкупот (сезона 1995/1996).
Интересно, Раниери ја освои втората италијанска лига со Фиорентина во 1994 година, втората француска лига со Монако во 2013 година, а со Каљари го освои првиот трофеј – третата италијанска лига во далечната 1989 година.
Во својата 38-годишна тренерска кариера ги водеше и Рома, Ватфорд, Сампдорија, Фулам, Нант, Интер, Јувентус, Парма, Челзи, Атлетико Мадрид и Наполи. Тој беше селектор на Грција во 2014 година, но репрезентацијата ја водеше само четири натпревари, на кои освои само еден бод.