Спорт
Андреа Пирло – дали „Маестрото“ ќе стане „Мистер“?
Еден од најпрепознатливите фудбалски великани, Андреа Пирло, ќе го има својот прв вистински тест со тренерска одговорност на едно од најтешките места кои постојат во светскиот фудбал, столчето во Јувентус, каде што амбициите секогаш се на највисоко ниво.
Достигнувањата во Торино се ценат, но секогаш е потребно нешто повеќе, како толку посакуваниот трофеј од Лигата на шампионите, кој пред Пирло не успеаја да го донесат Антонио Конте, Масимилијано Алегри и конечно, човекот кого го заменува, Маурицио сари. Деветте национални титули во ред се гордост за „бјанконерите“, но целта секогаш е високо.
Начинот на кој Пирло, маестрото, кој секогаш имаше „очи“ на теренот во секоја позиција, дојде беше експресен. Пред неколку дена беше потврдено дека тој го презема Б-тимот на Јуве, односно У-23 тимот за да учи да стане тренер, а сега има многу кратко време да ја шармира италијанската и светската јавност со своето знаење.
Стариот пријател, Рино Гатузо веднаш му прати порака дека сега ќе биде мета на критики од секаде – од ривалите, од сопствените фанови, од италијанските медиуми. Рино, секако, не би бил Рино да не му каже дека „сега го нае.ал!“.
Пирло, интересно, уште целосно не ги има тренерските „беџеви“, откако во октомври ја дава својата последна фудбалска теза пред да ја добие и дипломата. Претседателот на Италијанската тренерска асоцијација, Уливиери вели дека тој има поголемо знаење од повеќето активни тренери.
„Можам со сигурност да тврдам дека Пирло е еден од најголемите фудбалски умови на денешницата. Тој знае повеќе од повеќе тренери кои работеле со години. Многу е детален и е познавач на сите полиња. Пирло беше голем фудбалер кој го знаеше фудбалот, така што е и доста еластичен и знае да се адаптира на секакви играчи. Дали Јувентус се коцка? Андреа Ањели размисли за ова детално и нема да кажувам дали бил во право по отказот за Сари“, вели Уливиери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Првиот спринт во сезоната за Ферстапен, Хамилтон втор
Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, триумфираше на првата спринт трка во сезоната, која се возеше како дел од Големата награда на Кина, петта трка од овогодинешниот шампионат во Формула 1.
Трикратниот светски шампион славеше со повеќе од 13 секунди предност пред Луис Хамилтон од Мерцедес, додека на третото скалило на подиумот се најде вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез.
Од пол-позицијата стартуваше Ландо Норис во Мекларен, кој веднаш беше предизвикан од агресивниот Хамилтон, кој не му даде простор да остане во водство. И додека седумкратниот светски шампион го презеде водството, помладиот од двајцата Британци отиде широко и падна на седмото место, додека Хамилтон го следеа Алонсо и Ферстапен.
Бранителот на титулата најпрвин го стигна, а потоа во седмиот круг и го престигна Шпанецот, а два круга подоцна го презеде водството, откако Хамилтон практично не се бранеше, а потоа лесно се одлепи.
Возачот на Мерцедес исто така немаше конкуренција во борбата за второто место, но зад него се одвиваше голема борба за третата позиција. Алонсо најпрво беше предизвикан од Карлос Саинц Јуниор, но возачот на Астон Мартин се бранеше агресивно, што го искористи Перез и ги претекна двајцата.
Во еден момент дојде и до контакт меѓу двајцата Шпанци, поради што Алонсо мораше да се повлече од трката, а потоа дојде до борба меѓу Саинц и неговиот тимски колега Шарл Леклер.
На тој дуел имаше доста искри, а Леклер успеа да се снајде подобро и да стигне до четвртото место со две секунди зад Перез. Саинц беше три секунди поназад, пред Норис и Оскар Пјастри и Џорџ Расел во вториот Мерцедес, кој го освои последниот поен.
Во генералниот поредок сега води Ферстапен со 85 бодови, 15 повеќе од Перез, додека Леклер е трет со 64.
Спорт
Драконска казна во Холандија – клуб исфрлен од првата лига
На фудбалскиот клуб Витезе му беа одземени 18 бодови, по што и официјално испадна од првата холандска лига, соопшти Фудбалскиот сојуз на Холандија (КНВБ).
„Независниот комитет за лиценцирање на КНВБ му изрече санкција на Витезе од минус 18 бодови. Клубот од Арнем ја доби оваа казна затоа што повеќепати не ги исполнуваше барањата од прописите за лиценцирање играчи во подолг временски период“, се вели во соопштението на КНВБ.
Витезе сега има минус еден бод и автоматски го загуби прволигашкиот статус на четири кола пред крајот на првенството.
Најголемиот успех во историјата клубот од Арнем го постигна во сезоната 2016/17 кога го освои Купот на Холандија.
Последен пат Витезе играше во Европа во сезоната 2021/22, кога беа елиминирани од подоцнежниот освојувач Рома во осминафиналето на Конференциската лига.
Спорт
Бакс без Јанис во првото коло од плеј-офот
Милвоки Бакс се соочува со значителен проблем пред почетокот на плеј-оф серијата во која ривал ќе им биде Индијана Пејсерс. Бакс нема да може да смета на Јанис Адетокумбo.
Како што пренесе Шамс Чаранија, Адетокумбо ќе мора да паузира од две до четири недели поради повредата на потколеницата со која се здоби на натпреварот против Бостон Селтикс.
Овие првични проценки за повреди секако значат дека Адетокумбо сигурно ќе го пропушти првото коло од плеј-офот и натпреварите со Индијана.
Плеј-офот за Бакс започнува ноќта помеѓу недела и понеделник, а тие се домаќини во првиот натпревар.