Спорт
Англичаните најавуваат трејд на релација Јувентус-Манчестер јунајтед

Новинарот Алекс Крук од англиското радио „Талкспорт“, наведува дека Јувентус му понудил на Манчестер Јунајтед замена за напаѓачите, Србинот Душан Влаховиќ и Холанѓанецот Џошуа Циркзе.
„Јувентус му го понуди Душан Влаховиќ на Манчестер Јунајтед како дел од договорот за Џошуа Зиркзе“, стои во првата реченица од текстот на веб-страницата „Талкспорт“.
Зиркзе летово дојде од Болоња на „Олд Трафорд“ за 36,5 милиони фунти, но не се снајде во дресот на „црвените ѓаволи“.
Во 20 премиерлигашки кола тој постигна само три гола, а навивачите на Јунајтед го исмеваа 23-годишниот Холанѓанец во текот на натпреварот со Њукасл со 0-2
Договорот на 190 сантиметри високиот српски центарфор истекува за година и пол, а нема индиции дека сака да остане во торинскиот клуб.
Влаховиќ, оваа сезона има постигнато 12 гола во сите натпреварувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Последна шанса за Јунајтед: Влаховиќ доаѓа на „Олд Трафорд“ во јануари?

Српскиот напаѓач Душан Влаховиќ повторно е во фокусот на шпекулациите за трансфер, а овојпат како најсериозен кандидат за неговиот потпис се споменува англискиот гигант Манчестер Јунајтед.
Влаховиќ во текот на летото беше практично отпишан од Јувентус. Одби да го продолжи договорот под услови на пониска плата, одби понуди од Турција и од Саудиска Арабија, по што односот со раководството се влоши. Според важечкиот договор, 25-годишниот голгетер може да си замине како слободен агент на крајот на сезоната, но „старата дама“ би можела да инкасира одредена сума доколку го продаде уште во јануари.
Според „Газета дело Спорт“, Јунајтед е моментално во најдобра позиција.
„Влаховиќ е поблиску до Манчестер Јунајтед отколку до Челзи. Иако ‘сините’ покажаа интерес, ‘црвените ѓаволи’ се први фаворити за негово доведување. Прашање е само дали тоа ќе се случи во јануари или на крајот на сезоната“, пишува „Газета“.
Кризата во која се наоѓа Манчестер Јунајтед ги тера челниците на клубот да бараат нови решенија. Иако ова лето беа донесени Матеус Куња, Бењамин Шешко и Брајан Мбеумо, тимот и натаму тоне – моментално се само на 14. место во Премиер лигата со седум бода.
За Влаховиќ е подготвена и огромна понуда – седмична плата од 370.000 фунти (над 19 милиони фунти на годишно ниво). Тоа е токму износот што српскиот напаѓач го бараше. Во моментов тој е најплатениот играч во Серија А со нето 12 милиони евра годишно.
Манчестер Јунајтед нема да биде сам во трката, затоа што и Баерн Минхен планира повторно да се активира.
„Влаховиќ е на листата на Баерн. Разговори имало и претходно, но не дојде до договор. Тој е тип на напаѓач што клубот го бара“, најави „Билд“.
Влаховиќ сезонава има одличен ефект, на девет натпревари постигна шест погодоци. Вкупно во дресот на Јувентус има 62 голови во 151 настап.
Спорт
Шкендија го победи Силекс, а Брера во дуел со седум гола славеше против Работнички

Шкендија го совлада Силекс со 2-0 и им го нанесе третиот пораз по ред на кратовци. Во 50. минута, Бесарт Ибраими со прекрасен удар ја погоди мрежата и донесе водство за домаќините, кои подоцна го потврдија триумфот со уште еден погодок во судиското продолжение.
Во друг меч, на арената во Скопје, Работнички и Брера приредија вистински фудбалски спектакл, кој заврши со тесна победа на гостите од Струмица со 3-4. Брера поведе уште во петтата минута преку Кире Михаилов, но Работнички се врати во игра со погодокот на Флоријан Кадриу во 27. минута. Пред крајот на првиот дел, Ричард Нзенгуе реализираше пенал за Брера, а Наумчески со удар со глава зголеми на 1-3.
Во второто полувреме, Работнички доби пенал и Демир Имери намали на 2-3, но Брера веднаш возврати преку Нзенгуе за 2-4. И покрај тоа што Демир Имери постигна уште еден погодок од слободен удар, Работнички не успеа да стигне до реми, па Брера го одбрани триумфот за конечни 3-4.
Спорт
Руди Фелер ќе ја напушти Германија по ЕВРО 2028

Руди Фелер ќе ја напушти функцијата спортски директор на германската фудбалска репрезентација по истекот на сегашниот договор, кој трае до крајот на ЕВРО 2028. Тој ја презеде функцијата по елиминацијата на тимот во групната фаза на Светското првенство во Катар.
„Двапати го продолжував договорот, но по летото 2028 ќе се повлечам“, изјави Руди Фелер за списанието „Штерн“, цитирано од ДПА.
Фелер го освои Светското првенство како играч во 1990 година и го одигра последниот натпревар за националниот тим во поразот со 1-2 од Бугарија во четвртфиналето на Мундијалот 1994 во САД. Тој беше и селектор на Бундестимот на Мундијалот во 2002 година, кој заврши со пораз од Бразил со 0-2 во финалето.
„Можеме да бидеме среќни што го имаме за селектор на репрезентацијата Јулијан Нагелсман. Неговото доведување на ова место беше најдоброто нешто што го направив за федерацијата во последните години“, истакна Фелер.