Спорт
Англија владее со ЛШ – Челси го „урна“ Реал, против Сити за големиот трофеј

Челси по третпат во својата историја влезе во финалето на Лигата на шампионите, откако неверојатниот „џокер“ Тимо Вернер беше доволен за 2:0 победа над Реал Мадрид и закажување на англиска пресметка против Манчестер сити во Истанбул на 29 мај во битка за најголемиот европски трофеј.
За „сините“ од Лондон, ова е прво финале од 2012 година, кога ги победија Баерн Минхен на пенали по 1:1 ремито, и трето вкупно, откако во 2008 година загубија од Манчестер јунајтед во епско финале, кое исто така заврши на пенали. Исто така, ова е неверојатно остварување за новиот германски тренер на клубот, Томас Тухел, кој беше донесен како замена за Френк Лампард со намера да се спаси сезоната по лошата низа, а наместо тоа речиси сигурно обезбеди топ 4 пласман во Премиер лигата, како и огромно финале.
По 1:1 ремито во Мадрид, Челси ја имаше предноста решавачкиот меч да биде на домашен терен, и тоа против Реал Мадрид предводен од Зинедин Зидан, еден од најуспешните тренери во историјата на натпреварувањата. Со нивниот поранешен фудбалер, Еден Азар како стартер, Челси во првото полувреме мораше да се соочи со расположениот Карим Бензема, кој имаше две шанси кои ги одбрани Едуар Менди, а од друга страна, Тимо Вернер, кој беше толку критикуван во последните неколку месеци по големите утки, прво даде гол во 18. минута кој му беше поништен, за потоа во 38. минута по одличната акција на Каи Хаверц кој ја погоди пречката, да не утне од минимална далечина за 1:0.
„Кралевите“ се обидоа да ја поништат негативата, и им беше потребен само еден гол да примораат продолжувања, но наместо тоа во 85. минута, Мејсон Маунт стави точка на натпреварот за огромна победа.
За „кралевите“, сега останува трката во домашниот шампионат, каде што заостануваат зад лидерот Атлетико Мадрид, а во игра се и Барселона.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ПОЛУФИНАЛЕ, 2.МЕЧ
Челси – Реал Мадрид 2:0, прв меч 1:1, вкупно 3:1
Манчестер сити – Пари Сен-Жермен 2:0, прв меч 2:1, вкупно 4:1
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Падна договор меѓу Арсенал и Ѓекереш

Арсенал е на добар пат да го потпише Виктор Ѓекереш, еден од најбараните напаѓачи во Европа во моментов.
Како што објави „Атлетик“, преговорите меѓу „Топџиите“ и играчот на Спортинг напредуваат добро и веќе се зборува за петгодишен договор за 27-годишниот Швеѓанец.
Во претходната сезона, со 54 гола на 52 натпревари, Ѓекереш му помогна на Спортинг да стигне до двојната круна.
Долго време неговото име се поврзува со Арсенал, и не е тајна дека преселбата во лондонскиот клуб е негова голема желба, сега наводно сите услови се веќе договорени.
Со доаѓањето на Андреа Берта како спортски директор на „Топџиите“, доведувањето на Ѓекереш беше поставено како еден од приоритетите на клубот.
Се шпекулира дека фиксниот дел од трансферот ќе изнесува 65 милиони евра, а уште 15 милиони Спортинг ќе може да заработи преку бонусите.
Спорт
Пјастри: Нема да зборувам многу, би можел да се најдам во неволја

Трката за Големата награда на Велика Британија во Силверстоун донесе ново намалување на разликата меѓу асовите на Мекларен, Оскар Пјастри и Ландо Норис. А тоа значи и зголемување на тензиите, а дека се оди во тој правец може да се насети и по изјавата на Австралиецот по завршувањето на трката.
Лидерот во генералниот пласман ги имаше сите адути во свои раце – водечка позиција, контрола на трката. Но, една кардинална грешка и казна од 10 секунди практично го чинеше победа, па наместо да се оддалечи од тимскиот колега за уште осум поени и да стигне до разлика од 23 бода, ситуацијата се сврте – Норис ја намали разликата на само осум поени на половина од сезоната.
Самиот Пјастри не е задоволен од казната, смета дека е неправедна. Кога отиде да ја одработи казната и дојде до предавање на позицијата на Норис, побара од тимот да му наложат на Норис да ја врати позицијата и да се тркаат, но Мекларен тоа го одби.
„Нема да зборувам многу, за да не западнам во неволја. Но изгледа дека повеќе не смее да се кочи зад безбедносното возило – изјави Пјастри.
Фото: ЕПА
Спорт
Пјастри му ја подари победата на Норис, Хулкенберг е херојот во Британија

Ландо Норис го искористи подароот од тимскиот колега Оскар Пјастри и победи на трката за Големата награда на Велика Британија. Тркањето на култната патека во Силверстоун ја обележа безбедносното возило, кое шест пати излезе на патеката и брилијантниот Нико Хулкенберг кој го комплетираше подиумот.
Трката која се возеше по тешки услови, требаше, но не ја доби Пјастри. Австраиецот направи глупава греша додека безбедносното возило беше на патеката, поради што доби казна од 10 секунди, што му овозможи на Норис да ја забележи осмата победа во кариерата.
Херој на денот е Хулкенберг од Заубер, во 239 настап во Ф1 трка прв пат се искачи на подиумот. Германецот трката ја започна од 19. позиција.
Бодови во Британија освоија Хамилтон, Ферстапен, Гасли, Строл, Алонсо, Албон и Расел.
Во првенството сега следува пауза од три недели. Следната трка ќе се вози во Белгија на Спа Франкошамп.
Foto/ EPA/PETER POWELL