Спорт
Арсенал се вклучи во трката по Кенан Јилдиз
Арсенал е подготвен да влезе во битката со Реал Мадрид за потписот на талентот на Јувентус, Кенан Јилдиз (20), веќе во јануарскиот преоден рок. Интересот на Арсенал е поттикнат од застојот во преговорите меѓу турскиот крилен напаѓач и италијанскиот клуб во врска со нов, финансиски подобар договор.
По брилијантната минатата сезона во која постигна 12 гола, Јилдиз се сметаше за клучна фигура за иднината на Јувентус. Иако добро ја започна новата сезона, со три асистенции и еден гол во првите три натпревари, следеше пад на формата. Оваа сезона, во 18 настапи, тој постигна пет гола и додаде исто толку асистенции, додека Јувентус се мачи на седмото место во Серија А.
Проблемите на теренот се совпаднаа со проблемите надвор од него – преговорите за новиот договор. Иако потпиша долгорочен договор до 2029 година во август 2024 година, интересот на европските гиганти го принуди клубот на нови преговори. Јилдиз моментално заработува околу 1,5 милиони евра годишно, што е значително помалку од 12-те милиони евра на Душан Влаховиќ.
Според „Калчомеркато“, менаџерот на Јилдиз сега бара плата помеѓу 5 и 6 милиони евра, што Јувентус го смета за прекумерно.
Директорот на клубот, Џорџо Кјелини, се обиде да ја смири ситуацијата велејќи: „Обновување на договорот со Јилдиз? Смирете се. Смирете се. Сите имаме има волја: со рамнотежа и смиреност, сè може да се направи“.
Додека преговорите се во застој, Арсенал покажа конкретен интерес за 20-годишникот и е подготвен да контактира со Јувентус уште следниот месец.
Освен Арсенал, во игра се и нивните градски ривали Челзи. „Сините“ наводно понудиле 67 милиони евра минатиот јули, но Јувентус ја одбил понудата. Интересот на Челзи сè уште постои, а ситуацијата внимателно ја следи Реал Мадрид.
Шпанските медиуми објавуваат дека цената за Јилдиз, во случај трите клуба да испратат понуди, би можела да надмине 100 милиони евра.
Дури и тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, не го криеше своето восхитување од турскиот играч, кој во октомври изјави: „[Јувентус] има многу добри играчи, а Јилдиз е еден од нив. Тој имаше фантастичен развој. Го познавам. Тој беше во Баерн Минхен кога јас бев таму. Гледањето на неговиот напредок ме прави многу среќен.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Фјури се враќа, ќе се бори против Махмудов
Тајсон Фјури (37) се враќа од пензија и ќе се бори против Арсланбек Махмудов на 11 април на стадионот на Тотенхем, во Лондон. Тоа ќе биде неговиот прв меч по речиси четири години пред домашна публика, а преносот ќе биде достапен низ целиот свет на платформата „Нетфликс“.
Поранешниот светски шампион во тешка категорија се повлече од боксот по два последователни порази од Олександр Усик.
Фјури, кој во текот на својата кариера имаше многу збогувања и враќања, има рекорд од 34 победи, два порази и едно реми во професионалниот ринг, со 24 нокаути.
Официјалната прес-конференција за најава ќе се одржи во понеделник на стадионот Тотенхем, со учество на двајцата борци.
Противникот на Фјури, Махмудов, е познат како еден од најопасните борци во тешка категорија. Во кариерата, тој нокаутирал 19 од 21 противник, има два порази во 23 натпревари и влегува во овој меч по најголемата победа во кариерата. Тој ја постигна со едногласна одлука против Дејв Ален минатиот октомври во борба за титулата во тешка категорија на ВБА Интерконтиненталната категорија.
Foto/ depositphotos
Спорт
Познат распоредот во Лигата на нации – Швајцарија во првото, Словенија во последното коло
Фудбалската репрезентација на Македонија, во новиот циклус во Лигата на нации, ќе се натпреварува во Б-дивизијата. Македонија е во Групата 1, заедно со Шкотска, Швајцарија и Словенија.
Првата фаза, во новиот циклус во Лигата на нации ќе се игра од септември до ноември оваа година. Македонија дуелите во Групата 1 ќе ги отвори на домашен терен со Швајцарија, а ќе ги затвори исто така на домашен терен против Словенија.
Првиот натпревар Македонија ќе го одигра на 26 септември против Швајцарија, а три дена подоцна следува гостувањето во Словенија.
Во октомври Македонија ќе ја пречека Шкотска (3 октомври), а на 6.10 ќе гостува во Швајцарија.
На 13 ноември Македонија ќе гостува во Шкотска, а три дена подоцна ќе ја пречека Словенија.
Foto/ EPA
Спорт
Ханси Флик за дебаклот на Барселона на „Метрополитано“ ги обвини судиите
Барселона, синоќа доживеа дебкла во првиот полуфинален натпревар во Купот на Кралот. На „Метрополитано“, Атлетико Мадрид победи со 4:0. Инспирираниот домашен тим головите ги постигна во првото полувреме.
По поразот од Атлетико, тренерот на Барселона, Ханси Флик, виновникот за дебаклот го најде во судиите, а не во лошата игра во дефанзивата на неговиот тим.
Спортна е ситуацијата во 53-та минута, кога по седум минути во ВАР собата донесоа одлука да го поништат голот на Пау Кубарси.
„Навистина не знам што друго да кажам за судењето во Шпанија. Ова е срам, целосен хаос, судењето е катастрофа. Не знам ни колку пати ја прегледав ситуацијата кога Кубарси постигна гол и навистина не разбирам каде некој од судиите виде недозволена позиција“, рече Флик и продолжи:
„Прекинот траеше повеќе од седум минути. Очигледно е дека бараа причина да го поништат тој гол на секој можен начин и со сета сила. Исто така, речиси и немаше комуникација меѓу судиите. Никој ништо не разјасни.“
Како алиби за поразот Германецот ја посочи агресивната игра на фудбалерите на Атлетико, иако е јасно дека тој беше незадовоелн од играта на неговиот тим, бидејќи првата измена ја направи во 35 минута од натпреварот.
„Судијата им дозволи на играчите на Атлетико да играат грубо, буквално им дозволи да прават што сакаат. Не само што не им покажа картони, туку дури и не им даде усна опомена. Уште од првата акција во играта, тие се жалеа кон судиите. Разочаран сум, навистина не можам да верувам што се прави во шпанскиот фудбал“, додаде тој.
„Судијата мораше да покаже жолт картон за првиот прекршок врз Балде, а зборуваме за самиот почеток на натпреварот. Тоа драстично ќе влијаеше на она што се случуваше подоцна. Нормално беше Симеоне да дозволи да нè малтеретираат кога виде дека судиите ќе му простат сè“, рече Германецот.
Интересно, Флик не го коментираше црвениот картон на Ерик Гарсија, бидејќи одлуката на теренот беше жолт картон. Дури кога доби повик од ВАР собата, главниот судија ја прегледа снимката и го исклучи дефанзивецот на Барселона, кој како последен играч во одбраната го фаулираше Алекс Баена.
Foto/ depositphotos

