Спорт
Берокал нов селектор на кошаркарската репрезентација
Кошаркарската федерација на Македонија донесе одлука за именување на Жозеп Мариа Берокал за селектор на машката репрезентација.
Берокал е искусен шпански тренер со импозантно портфолио зад себе, со повеќе од 35 години тренерско искуство, од кои 21 година во професионална кошарка, како и 14 години искуство во Евролигата, најелитното европско клупско натпреварување.
Во својата богата кариера како главен и помошен тренер, Берокал има освоено вкупно 21 трофеј, меѓу кои и две титули во Евролигата, а работел во 13 различни национални лиги и девет држави, што го вбројува меѓу најискусните интернационални тренери во европската кошарка.
Неговиот професионален ангажман вклучува работа во врвни европски клубови како Барселона, Панатинаикос, Басконија, Макаби од Тел Авив, Баерн Минхен, како и во повеќе национални првенства на највисоко ниво (AЦБ – Шпанија, Евролигата, израелската лига, Лигата на Турција, украинската лига и други).
Берокал соработувал со некои од најголемите имиња во светската кошарка, меѓу кои: Светислав Пешиќ Чави Пасквал, Душко Ивановиќ, Јоргос Барцокас, Велимир Перасовиќ, Одед Каташ и Гордон Херберт, што дополнително го потврдува неговиот стручeн и професионален кредибилитет.
Покрај работата со сениорски екипи, Берокал има и значајно искуство во развој на млади играчи, со 15 години работа во младински категории, вклучително и освојување на две шампионски титули во Шпанија со У18 селекции.
Неговата работа е препознаена како системска, дисциплинирана и насочена кон долгорочен развој на играчи и тимови.
Ангажманот на Жозеп Мариа Берокал претставува дел од стратешката определба на кошаркарската федерација на Македонија за подигнување на стручните стандарди, воспоставување на јасен систем на работа и градење конкурентна сениорска репрезентација, во тесна поврзаност со младинските селекции.
Федерацијата изразува уверување дека искуството, знаењето и меѓународниот авторитет на новиот селектор ќе придонесат за стабилност, напредок и јасна визија во натамошниот развој на македонската кошарка.
Izvor/ Foto: mkd.basketball
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Дубаи има договор со најдобриот европски шутер
Кошаркарскиот клуб Дубаи сериозно се подготвува за новата сезона. Откако, како што објави „Естандо“, клубот постигна договор со Ели Окобо, договор за следната сезона има и Андреас Обст.
Договорот на германскиот „снајпер“ со Баерн истекува во јуни оваа година и се чини дека тој е подготвен да го нплати својот квалитет.
Обст кој наскоро ќе наполни 30 години, има просек од 15,5 поени по натпревар оваа сезона, а неговиот процент на шут за три поени е импресивни 41 процент.
Foto/ depositphotos
Спорт
Леброн: Не знам дали ќе играм следната година
Леброн Џејмс, еден од најдобрите кошаркари во историјата, ја игра својата 23-та сезона во НБА.
Асот на Лејкерси беше во центарот на вниманието на медиумите за време на Ол-стар натпреварот во Лос Анџелес, а главното прашање беше, секако, дали ќе игра следната сезона.
„Сакам да живеам. Кога ќе знам, ќе знаете и вие. Не знам во моментов. Немам поим“, истакна Џејмс.
Леброн има 41 година. Ова е последната година од неговиот договор со Лејкерси, во кој треба да добие 52,6 милиони долари.
„Целосно сум фокусиран на оваа сезона. Сакам да влеземе во плејофот и да се бориме за титулата. Се надевам само дека ќе останеме здрави, бидејќи тоа е предуслов за секој квалитетен настап“, заклучи Џејмс.
Foto/ depositphotos
Спорт
Капитенот на Њукасл на долга пауза поради повреда
Бруно Гимараеш од Њукасл Јунајтед ќе отсуствува околу два месеци откако заработи повреда на тетивата.
Фудбалерот од средниот ред се повреди за време на натпреварот од 26-то коло од Премиер лигата против Тотенхем. Њукасл славеше, а капитенот се повреди на самиот крај од натпреварот.
Ова беше негов втор натпревар откако се опорави од повреда на глуждот. Скенирањата потврдија дека Бразилецот го очекува подолга пауза, што е голем удар за Њукасл.
Њукасл ја победи Астон Вила во четвртото коло од ФА Купот, а следниот натпревар ќе го игра како гостин на Карабаг во првиот натпревар од плејофот за осминафиналето на Лигата на шампионите.
Тимот на Еди Хау е на 10-то место на табелата во Премиер лигата со 36 бода.
Foto/ depositphotos

