Спорт
Борна Чориќ за Топспорт: Лош тенис прикажав на Вимблдон
Ненад Живановски за Топспорт од Лондон,
Борна Чориќ, е најдобро пласираниот хрватски тенисер на АТП листата, заземајќи го 14-то место. По пауза од пет години, повторно настапи на Вимблдон, во меч кој почна во понеделник, а се заврши во среда. Во понеделникот дојде до прекин поради темница, во кој Борна губеше 0-2 во сетови од Аргентинецот Гуидо Пела, вторникот беше дожлив и мечот не се продолжи, за во среда да успее да се врати во игра, израмнувајќи на 2-2 во сетови. Сепак, немаше сили за целосен пресврт, така што беше поразен 3-2 (6-3, 7-5, 4-6, 3-6 и 6-1).
– Борна, добро се врати во мечот. После 2-0 во сетови, израмни на 2-2. Можеше ли нешто повеќе во петиот сет да направиш?
Чориќ: Можеше, сигурно дека можеше, да успеев да искористам неколку брејк топки. Кога имав предност за 2-2, сигурно можеше поинаку да се заврши, иако не сакам да зборувам што би било кога би било. Тука сме каде сме. Многу лоша сезона на трева изиграв. Единствено добро што имам изиграно во целата тревната сезона е денешниот четврти сет. Освен тој четврти сет, сè на Вимблдон и на претходните два турнира беше многу лошо. Нема оправдување, едноставно лош тенис играв.

– Дали прекинот на мечот во понеделник лошо влијаеше на твојата игра, бидејќи во моментот кога направи рибрејк, судијата го прекина мечот?
Чориќ: Не знам, тешко ми е да кажам. Добро го отворив мечот, но на битни моменти одиграв криминално лошо, под моето ниво, а Гуидо играше добро. Мислам дека прекинот во понеделникот дури и одеше во моја корист, бидејќи денеска изгубив еден сет, но потоа успеав да добијам два.
– Што се случи во петтиот сет за таков голем пад на фокусот? Четвртиот сет го одигра перфектно, и потоа тотално ти се распадна играта.
Чориќ: Едноставно Гуидо сè погаѓаше после многу раниот брејк во петтиот сет. Не знам што би рекол, противникот ми одигра добри ритерни. Всушност, јас и не играв толку лошо, но тој играше многу добро.
– Поради повреди, те немаше на Вимблдон од 2018 година. Може ли барем нешто позитивно да се најде во твоето годинешно учество?
Чориќ: Позитивно, единствено тоа што се вратив на Вимблдон после пет години, иако можеби би било подобро да не сум тука.
– Колку го пратиш тенисот во Хрватска и регионот? Хрватска оваа година имаше победник во јуниорска конкуренција на Ролан Гарос, а и минатата година јуниорски шампион на Вимблдон, исто така, беше Хрват.
Чориќ: Не само што го следам тенисот во Хрватска, јас и тренирам со сите тие дечки во Загреб или во Сплит. Го имаме Призмиќ и Пољичак. Призмиќ мислам дека до крајот на годината ќе биде меѓу 150-200 тенисери и следната година, ќе биде компетитивен за топ 100. Оваа година во вториот месец игравме во Дејвис купот, и дечкото навистина игра феноменално, одлично напредува, така што наскоро очекувам големи работи од него.

– Познат ли ти е најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски?
Чориќ: Да се знаеме, тој тренира во Загреб и сме тренирале заедно неколку пати. Навистина тоа беше одамна, кога јас го оперирав рамото, но се надевам дека повторно ќе се сретнеме.
– Твојот имењак Борна Гојо, вчера, преку некои портали од регионот, распали против организаторот на Вимблдон. Дали навистина е толку лошо да се игра на Вимблдон кога ветерот дува?
Чориќ: Па, мислам дека директорот на турнирот нема премногу врска со ветерот кој дува и дождот. Борна Гојо е супер дечко, ние сме одлични пријатели. И јас исто играм лошо кога е силен ветерот, но тоа организаторот не може да го промени. Исто е за сите.
-А, неговите критики упатени кон Тенискиот сојуз на Хрватска и политичарите, кои се покрај вас да се сликаат само кога имате успех, но еден солиден тениски терен немаат направено каде би тренирале.
Чориќ: Не сум прочитал што Борна изјавил, но пак ќе повторам ние сме супер пријатели, тој е супер дечко. Дали може да биде подобро, сигурно дека може. Дали е толку лошо – не знам. Не сум премногу фокусиран на тие работи, не знам каква е состојбата во Хрватскиот тениски сојуз, но, имаме три-четири терени.
-Што после Вимблдон? Имаш ли план каде и како ќе ја започнеш американската турнеја?
Чориќ: Не можам сега да размислувам за тоа. На последните три турнири на трева изгубив уште во првото коло и единствено што сакам во моментов е да се вратам дома.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Галагер се враќа во Премиер лигата?
Конор Галагер би можел да се врати во Премиер лигата оваа зима
Како што откри Матео Морето, Астон Вила тргна во офанзива за неговиот потпис, бидејќи Англичанецот, не е во преден план кај тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне.
Галагер нема ништо против враќање во Премиер лигата, Манчестер Јунајтед и Њукасл исто така покажале интерес, но само од Астон Вила покажале конкретен интерес.
Унај Емери не го доби засилувањето што го сакаше во Харви Елиот, кој ќе се врати во Ливерпул, па затоа Шпанецот сака нов играч од средниот ред, со различен профил.
Галагер има искуство во Премиер лигата, играше за Кристал Палас и Челзи, а претходно во кариерата беше дел од Чарлтон, Свонси, Вест Бромвич Албион.
Пред да замине за Шпанија, одигра 136 натпревари во Премиер лигата.
Атлетико Мадрид пред 18 месеци на Челзи му плати 42 милиони евра за Галагер. Се претпоставува дека „јорганџиите“, за него бараат околу 40 милиони евра.
Спорт
Алушовски го презеде Еурофарм Пелистер
Еурофарм Пелистер има нов тренер. На местото на Рубе Гарабаја, екипата до крајот на сеозната ќе ја предводи, поранешниот играч на овој клуб, Стевче Алушовски.
„Нашиот нов почеток во 2026 година е поврзан со добро познато име. Стевче Алушoвски е нов тренер на Еурофарм Пелистер и ќе ја води нашата екипа до крајот на оваа сезона. 53-годишниот тренер по неколку години се враќа во својот матичен клуб, во улога на тренер на шампионот на Македонија. Алушoвски во два наврати водеше клуб од Битола – Пелистер и Еурофарм Работник, а сега го презема тимот на Еурофарм Пелистер.
Нашиот прославен репрезентативец тренерската, како и играчката кариера, ја започна во Битола. Во мак-ракометот ги водеше Вардар 1961 и Охрид, а кратко работеше и во Исланд“. објави клубот на социјалните мрежи.
Новиот тренер првиот собир го закажа за в среда (14 јануари) во 17:00 часот.
Izvor/ facebook.com/hceurofarmpelister
Спорт
Раониќ официјално замина во пензија
Канадскиот тенисер Милош Раониќ (35) одлучи да ја заврши кариерата.
Раониќ, освои осум титули од турнири од пониски категории. Играше во финалето на Вимблдон во 2016 година, а се бореше за титулите на Мастерс турнирите во Синсинати, Индијан Велс, Париз и Торонто.
„Дојде моментот… Се повлекувам од тенисот. Ова е моментот за кој знаете дека еден ден ќе дојде, но некако никогаш не се чувствувате целосно подготвени за него. Тенисот ми беше љубов и опсесија поголемиот дел од мојот живот“, напиша Раониќ.
Негова најдобра година беше 2016 година. Покрај финалето на Вимблдон, каде во полуфиналето беше подобар од Роџер Федерер, тој играше и во полуфиналето на Отвореното првенство на Австралија и на Завршниот Мастерс, финалето на Индијан Велс и ја заврши годината на третото место.
„Мамо, тато, Јелена и Момир, вечно ви сум благодарен што во многу моменти ги ставивте вашите животи настрана за да имам можност да го остварам мојот сон. Ова стана реалност само благодарение на вас. Ништо од ова не би било можно без вашиот постојан напор и емоционалната поддршка што ја вложивте во моите соништа. Колку и да сум среќен што го пронајдов тенисот, тоа бледее во споредба со тоа колку сум среќен што ве имам вас како мои родители, сестра и брат. Се надевам дека ќе ги правам мојата сопруга и син горди секој ден и дека ќе можам да бидам семејство за нив, како што бевте вие за мене“, додаде тој, меѓу другото.
Последен пат играше на Олимписките игри во 2024 година во Париз, каде што загуби од Доминик Кепфер во првото коло.

