Спорт
Борусија со покер голови го презеде врвот во Бундеслигата
Борусија Дортмунд во 29. коло го совлада Ајнтрахт Франкфурт со 4:0 и jа презеде челната позиција во Бундес лигата. По поразот на Баерн во Мајнц, Борусија има бод повеќе од Баварците во борбата за шампионската титула. „Милионерите“ сега се во добра позиција да ја прекинат 10.годишната доминација на Баерн во Бундеслигата.
Пред повеќе од 80.000 навивачи, жолто-црните одиграа одлично прво полувреме против Ајнтрахт и за 45 минути ги решија сите дилеми околу победникот.
Во 19. минута Џуд Белингем го постигна првиот го, само пет минути подоцна Мален го удвои водството. Холанѓанецот налета на додавањето на Адејеми и рутински ја смести топката во мрежата. Брилијантното прво полувреме на „милионерите“ со гол го заокружи ветеранот Хумелс.
Точка на победата со својот втор гол стави Мален во 67.минута. Холанѓанецот потврди дека е во голема форма, на последните пет натпревари има постигнато шест гола.
Дортмунд на врвот има 60 бода, еден повеќе од актуелниот првак Баерн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Сноубордер на ЗОИ со две фрактури на вратот итно хоспитализиран
Камерон Болтон (35), сноубордер од Австралија, го скрши вратот кога падна за време на тренингот на Зимските олимписки игри. Веднаш бил префрлен со хеликоптер во болница во Милано.
Болтон падна за време на тренингот во сноуборд крос во Ливињо. Иако успеал веднаш по падот да ја напушти патеката, следниот ден се разбудил со силна болка во вратот.
Дополнителните тестови покажаа две фрактури, по што итно е префрлен со хеликоптер за понатамошно лекување.
„Кам сакаше неговите сонародници да знаат што се случува и дека е добро и дека за него се грижиме на најдобар можен начин. Тој е свесен колку сериозно пристапуваме кон неговата ситуација и комуникацијата беше одлична. Горда сум на нивото на грижа што ја доби“, рече Алиса Камплин од Австралискиот олимписки комитет.
Болтон освои сребро во мешан тимски сноуборд крос на Светското првенство минатата година со Миа Клифт.
Спорт
Влаховиќ бара 15.000.000 евра само за потпис на договорот
Според информациите од италијанските медиуми, повеќе нема да има преговори меѓу Душан Влаховиќ и челниците на Јувентус, околу нов договор. Сигурно е дека српскиот напаѓач, во јуни како слободен играч ќе го напушти клубот.
Весникот „Коријере дело Спорт“ денес донесе информации, околу финансиските барања на Влаховиќ кога станува збор за следниот договор.
Според нивните информации, српскиот фудбалер бара 10.000.000 евра годишна плата, како и бонус за потпис од 15.000.000 евра.
Дури и сега, со 12.000.000 евра годишна заработка, Влаховиќ е меѓу најплатените фудбалери во Серија А и е убедливо најплатениот во клубот.
Во преговорите околу новиот договор, Јувентус се обиде да ја намали таа сума, но да му понуди договор на Србинот на неколку години, така што намалувањето на платата би било компензирано, но тој ја одби таа понуда.
Како што тврди „Кориере“, Влаховиќ ги претпочита Баерн и Барселона како опции, кои најмногу се споменуваат во последните шест месеци.
Foto/ depositphotos
Спорт
Седлоски: Ги почитуваме противниците, ќе бидеме конкурентни во Лигата на нации
Репрезентацијата на Македонија утре ќе ги добие противниците за претстојното издание на Лигата на нации во кое нашата селекција за прв пат во историјата ќе биде дел од Б сегментот на ова натпреварување.
Токму овие дуели ќе бидат нов предизвик за оваа генерација на играчи, но и одлична можност за селекторот Гоце Седлоски да ја подготви репрезентацијата за квалификациите за Европското првенство кои почнуваат во 2027 година.
“Репрезентациите од првиот и вториот шешир објективно влегуваат како фаворити, со оглед на нивниот рејтинг, искуство и континуитет на големи натпреварувања. Но, тоа не значи дека однапред се знае исходот. Нашата цел е да бидеме конкурентни на секој натпревар, да го наметнеме нашиот стил и да покажеме дека Македонија со право е дел од Лига Б.
Ќе ги почитуваме сите противници, но најмногу ќе веруваме во себе. Ако бидеме организирани и фокусирани од првата до последната минута, можеме да бидеме незгоден противник за секого. Овој циклус го гледаме како нов чекор за напредок на репрезентацијата и шанса дополнително да го потврдиме нашиот квалитет.
Верувам дека репрезентацијата ќе расте низ циклусот натпревари во Лига Б и дека имаме стабилна основа за позитивни резултати”, рече пред жрепката предводникот на националниот тим.
Жрепката ќе се одржи утре во Брисел со почеток во 18 часот, Македонија е дел од четвртиот сад во кој се наоѓаат уште селекциите на Шведска, Северна Ирска и Косово.
Статус на носители имаат Шкотска, Унгарија, Полска и Израел, во вториот сад сместени се Швајцарија, Босна и Херцеговина, Австрија и Украина, а во третиот се наоѓаат Словенија, Грузија, Република Ирска и Романија.
Извор и Фото/ Фудбалска репрезентација на Македонија

