Спорт
„Бројот 20 засекогаш ќе биде твој“
Навивачите, клубовите, фудбалските организации се збогуваат со Диого Жота овој четврток… Шпанската цивилна гарда ја потврди смртта на фудбалерот на Ливерпул и неговиот две години помлад брат, Андре Силва, кој бил во автомобилот со него.
Двајцата се возеле во автомобил „Ламборџини“ кога им пукнала гумата, во момент кога престигнувале друг автомобил.
Возилото излетало од патот, по што завршило во пламен. Несреќата се случила во раните утрински часови, околу половина час по полноќ.
„Тој дојде во Ливерпул во 2020 година. Носеше број 20. Ја освои својата 20-та титула. Бројот 20 засекогаш ќе биде твој“, е пораката што најчесто ја споделуваат навивачите на Ливерпул на социјалните мрежи.
Сите тие нè потсетуваат на фактот дека само пред десет дена се ожени со Рут, со која има три деца, но и на фактот дека ги одбележа последните денови од својот живот со два големи успеси – освојување на Премиер лигата и Лигата на нации со португалската репрезентација.
Крстијано Роналдо
„Ова нема смисла.
Тукушто бевме заедно во националниот тим. Тукушто се венчаше. Им упатувам најискрено сочувство на семејството, сопругата, на твоите деца, им ја посакувам сета сила на светот.
Знам дека ќе бидете со нив засекогаш.
Почивајте во мир Диого и Андре.
На сите ќе ни недостигате.“
УЕФА
„Во име на целата европска фудбалска заедница, длабоко сме ожалостени од трагичната смрт на Диого Жота, португалскиот репрезентативец и играч на Ливерпул, и неговиот брат Андре.“
Нашите мисли се со нивното семејство, пријатели, соиграчи и сите оние кои се погодени од оваа тажна вест.“
Џејми Карагер
„Скршен сум од веста за Диого Жота и неговиот брат утрово. Моите мисли се со нивното семејство и пријатели, особено со неговата сопруга Рут и нивните три деца.“
ФИФ про
„Длабоко сме погодени од веста за смртта на Диого Жота и неговиот брат Андре Силва.
Нашите мисли се со нивното семејство и најблиските. Почивајте во мир“.
Порто
„Фудбалскиот клуб Порто е во жалост. Со голем шок и тага им испраќаме најискрено сочувство на семејството на Диого Жота и неговиот брат Андре, кој исто така беше член на нашиот клуб во неговите помлади денови. Почивајте во мир“.
Манчестер Сити
„Сите во Манчестер Сити се шокирани и изненадени од тажната вест за смртта на Диого Жота. Нашето најдлабоко сочувство до неговото семејство и пријателите и до сите во Фудбалскиот клуб Ливерпул во ова тешко време“.
Почивај во мир Диого“.
Атлетико Мадрид
„Сите ние во Атлетико сме шокирани од смртта на нашиот поранешен играч Диого Жота и неговиот брат. Нашето најдлабоко сочувство до семејството и пријателите. Нека почиваат во мир“.
Сите европски клубови на овој ден се рекламираат со истата порака… Банфика, Свонси, Евертон, Галатасарај, Бешикташ, Милан, Тотенхем…
Foto/ EPA-EFE/JOSE SENA GOULAO
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Голчиште на Собослај, а потоа победа на Сити во дербито
Манчестер Сити го доби Ливерпул на „Ефилд“ во 25.коло во Премиер лигата, со 2:1 и остана во трката за шампионската титула.
Сè што беше важно се случи во последните 20 минути од натпреварот. Ливерпул поведе во 74-та минута, но со голови во 84-та и 93-та минута, Сити направи пресврт и запиша три важни бода.
Доминик Собослај постигна гол за водство на Ливерпул со моќен погодок од слободен удар со помош на стативата. Сити израмни по само десет минути, кога Бернардо Силва натрча на топката која ја доби од Ерлинг Халанд.
Во судиското продолжение, Сити победи откако Алисон направи пенал, а Халанд го реализираше.
Рајан Шерки исто така постигна гол во 100-та минута, но тој гол беше поништен поради претходен прекршок на Доминик Собослај, кој доби црвен картон.
Foto/ EPA
Спорт
Трамп го критикуваше американскиот скијач: „Срамота е што ја претставува Америка“
Американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше американскиот олимписки скијач Хантер Хес, неколку дена откако спортистот изрази измешани чувства во врска со претставувањето на САД на Зимските олимписки игри во северна Италија, пишува „Ројтерс“.
„Ако е така, ни немал потреба да се обиде да се квалификува за репрезентацијата и срамота е што е дел од неа“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social, осврнувајќи се на коментарите на Хес. „Многу е тешко да се навива за некој таков.“
Зимските олимписки игри беа одбележани и со политички тензии, меѓу другото и поради присуството на службеници на американската Служба за имиграција и царина (ICE). Оваа агенција се соочи со масовни протести низ САД откако нејзини агенти минатиот месец во Минеаполис застрелаа и усмртија две лица.
Хес, скијач во слободен стил, изјави на прес-конференција во Милано во петокот дека му е „малку тешко“ да ја претставува Америка и дека има измешани чувства.
„Очигледно се случуваат многу нешта со кои не се согласувам, а верувам дека и многу други не се согласуваат“, рече тој.
„Тоа што ја носам знамето не значи дека претставувам сè што се случува во САД.“
Неговиот колега од репрезентацијата, Крис Лилис, на истата прес-конференција исто така истапи против дејствувањето на Службата, велејќи дека поради тоа му е „скршено срцето“.
„Мислам дека како земја треба да се фокусираме на почитување на правата на сите луѓе и да се погрижиме кон нашите граѓани, како и кон сите други, да се однесуваме со љубов и почит“, изјави Лилис.
„Се надевам дека луѓето, гледајќи ги спортистите на Олимписките игри, ќе сфатат дека тоа е Америка што ние се обидуваме да ја претставиме.“
Спорт
„Сѐ се случи за миг“ – сестрата на Линдзи Вон зборуваше за нејзината состојба по страшниот пад на Олимписките игри
Линдзи Вон моментално е на лекарски прегледи по тешкиот пад што ѝ се случи утрово, потврди нејзината сестра Карин Килдо во изјава за „Ен-Би-Си“. Таа рече дека сцената била застрашувачка и многу тешка за гледање.
„Тоа дефинитивно беше последното што сакавме да го видиме. Сѐ се случи многу брзо и во такви моменти само се надеваш дека е добро“, рече Килдо.
Таа додаде дека станало уште пострашно кога забележале дека изнесуваат носила.
„Тоа никогаш не е добар знак. Но, како што вели онаа изрека за човекот во арената – таа се осмели, даде сѐ од себе и одеше до крај. Тешко е да се гледа, но најважно е таа да биде добро“, изјави таа.
Сестрата на познатата американска скијачка потврди дека во моментов не знаат што следува: „Превезена е со хеликоптер од местото на несреќата. Со неа се сите нејзини лекари, хирурзи и физиотерапевти. Ќе не известат и ќе отидеме во болницата каде што ја прегледуваат. Засега знаеме само дека е на прегледи и се надеваме наскоро да добиеме повеќе информации.“
Главниот брзински тренер на американскиот скијачки тим, Пол Кристофик, изјави дека Линдзи Вон и понатаму е под медицинска проценка во Кортината, а тимот сѐ уште нема добиено никакво ажурирање за нејзината здравствена состојба.
„Сѐ уште не знаеме ништо конкретно“, изјави Кристофик. „Таа е со медицинскиот тим во болница. Во моментов се проценува во Кортината. А потоа, во зависност од сериозноста на повредата, ќе се донесе одлука каде ќе биде сместена.“

