Спорт
Буфон: Нејмар заслужи пет „Златни топки“
Нова книга, автобиографија на Џанлуиџи Буфон, еден од најдобрите светски голмани на сите времиња, се појави во книжарниците во Италија.
Италијанскиот „Кориере дела сера“ објави извадоци од книгата со наслов „Паѓање, станување, паѓање, станување“.
„Има нешто мазохистичко во голманите. Терените во мојата младост беа исти како во 70-тите: областа околу шеснаесетникот беше тврда како бетон. Старите голмани лесно можете да ги препознаете по раните на рацете, болните колкови, бидејќи паѓаа додека не крварат. Во кариерата имав само еден менаџер, Силвано Мартина, кој го избрав бидејќи рацете му беа покриени со лузни. Голмански раце“.
Буфон се потсети на своето деби.
„Нејасно се сеќавам на Веа, Бобан, Костакурта, Барези. И одеднаш почувствував рака на моето рамо, тоа беше Паоло Малдини, кој ме охрабрува. Дебитираше и тој како момче, па знаеше што значи сето тоа. Никогаш не го заборавив тој негов гест. Малдини не само што беше одличен фудбалер, туку имаше уште два квалитети кои многу ги ценам: лојалност и храброст“.
Џиџи се сеќава на сцена од нејзините помлади денови…
„Се сеќавам на еден напаѓач на Бенфика кој ужасно ме шутна во раката. Намерно го направи тоа, страшно ме повреди. Ме погледна без никаква намера да се извини. Но, се колнам дека не можам да се сетам кој беше. Ако пак го сретнам, ќе му кажам само два збора. На луѓето им простувам лоши работи“.
Кои беа неговите најголеми ривали:
„Тешко е да се избере, бидејќи играв против три генерации: Зидан, Роналдо, Меси, Кристијано, Иниеста… Да да изберам еден? Нејмар. Каков играч и тип беше, заслужи пет златни топки”.
Ги издвојува и тимовите против кои имал можност да брани.
„Барселона во 2015 година и Реал Мадрид во 2017 година. Тие беа најдобрите тимови во последните 20 години. И Милан на Шевченко, од кого загубив во финалето во Лигата на шампионите во 2003 година“.
Во автобиграфијата открива дека во кариерата имал понуда од Барселона.
„Имав понуда од Барселона да бидам втор голман. Ми се допадна идејата да играм со Меси после Кристијано. Еден ден додека возев слушнав песна што многу ја сакав и не ја слушнав десет години: „Убавина“ од Џованити. Ја кренав главата и видов на таблата патоказ за Парма. Го сфатив како знак: да завршам таму каде што почнав“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Фјури се враќа, ќе се бори против Махмудов
Тајсон Фјури (37) се враќа од пензија и ќе се бори против Арсланбек Махмудов на 11 април на стадионот на Тотенхем, во Лондон. Тоа ќе биде неговиот прв меч по речиси четири години пред домашна публика, а преносот ќе биде достапен низ целиот свет на платформата „Нетфликс“.
Поранешниот светски шампион во тешка категорија се повлече од боксот по два последователни порази од Олександр Усик.
Фјури, кој во текот на својата кариера имаше многу збогувања и враќања, има рекорд од 34 победи, два порази и едно реми во професионалниот ринг, со 24 нокаути.
Официјалната прес-конференција за најава ќе се одржи во понеделник на стадионот Тотенхем, со учество на двајцата борци.
Противникот на Фјури, Махмудов, е познат како еден од најопасните борци во тешка категорија. Во кариерата, тој нокаутирал 19 од 21 противник, има два порази во 23 натпревари и влегува во овој меч по најголемата победа во кариерата. Тој ја постигна со едногласна одлука против Дејв Ален минатиот октомври во борба за титулата во тешка категорија на ВБА Интерконтиненталната категорија.
Foto/ depositphotos
Спорт
Познат распоредот во Лигата на нации – Швајцарија во првото, Словенија во последното коло
Фудбалската репрезентација на Македонија, во новиот циклус во Лигата на нации, ќе се натпреварува во Б-дивизијата. Македонија е во Групата 1, заедно со Шкотска, Швајцарија и Словенија.
Првата фаза, во новиот циклус во Лигата на нации ќе се игра од септември до ноември оваа година. Македонија дуелите во Групата 1 ќе ги отвори на домашен терен со Швајцарија, а ќе ги затвори исто така на домашен терен против Словенија.
Првиот натпревар Македонија ќе го одигра на 26 септември против Швајцарија, а три дена подоцна следува гостувањето во Словенија.
Во октомври Македонија ќе ја пречека Шкотска (3 октомври), а на 6.10 ќе гостува во Швајцарија.
На 13 ноември Македонија ќе гостува во Шкотска, а три дена подоцна ќе ја пречека Словенија.
Foto/ EPA
Спорт
Ханси Флик за дебаклот на Барселона на „Метрополитано“ ги обвини судиите
Барселона, синоќа доживеа дебкла во првиот полуфинален натпревар во Купот на Кралот. На „Метрополитано“, Атлетико Мадрид победи со 4:0. Инспирираниот домашен тим головите ги постигна во првото полувреме.
По поразот од Атлетико, тренерот на Барселона, Ханси Флик, виновникот за дебаклот го најде во судиите, а не во лошата игра во дефанзивата на неговиот тим.
Спортна е ситуацијата во 53-та минута, кога по седум минути во ВАР собата донесоа одлука да го поништат голот на Пау Кубарси.
„Навистина не знам што друго да кажам за судењето во Шпанија. Ова е срам, целосен хаос, судењето е катастрофа. Не знам ни колку пати ја прегледав ситуацијата кога Кубарси постигна гол и навистина не разбирам каде некој од судиите виде недозволена позиција“, рече Флик и продолжи:
„Прекинот траеше повеќе од седум минути. Очигледно е дека бараа причина да го поништат тој гол на секој можен начин и со сета сила. Исто така, речиси и немаше комуникација меѓу судиите. Никој ништо не разјасни.“
Како алиби за поразот Германецот ја посочи агресивната игра на фудбалерите на Атлетико, иако е јасно дека тој беше незадовоелн од играта на неговиот тим, бидејќи првата измена ја направи во 35 минута од натпреварот.
„Судијата им дозволи на играчите на Атлетико да играат грубо, буквално им дозволи да прават што сакаат. Не само што не им покажа картони, туку дури и не им даде усна опомена. Уште од првата акција во играта, тие се жалеа кон судиите. Разочаран сум, навистина не можам да верувам што се прави во шпанскиот фудбал“, додаде тој.
„Судијата мораше да покаже жолт картон за првиот прекршок врз Балде, а зборуваме за самиот почеток на натпреварот. Тоа драстично ќе влијаеше на она што се случуваше подоцна. Нормално беше Симеоне да дозволи да нè малтеретираат кога виде дека судиите ќе му простат сè“, рече Германецот.
Интересно, Флик не го коментираше црвениот картон на Ерик Гарсија, бидејќи одлуката на теренот беше жолт картон. Дури кога доби повик од ВАР собата, главниот судија ја прегледа снимката и го исклучи дефанзивецот на Барселона, кој како последен играч во одбраната го фаулираше Алекс Баена.
Foto/ depositphotos

