Спорт
Чеферин: Срамна е состојбата на стадионите во Италија
Александар Чеферин ја критикуваше состојбата на стадионите во Италија и тврди дека таа е полоша во Италија отколку во која било друга голема фудбалска земја во Европа.
Пред реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите во кој Интер ќе се сретне со Барселона, претседателот на УЕФА разговараше со „СпортМедијасет“, меѓу другото, зборуваше за стадионот „Џузепе Меаца“ и неуспешниот обид тој да биде местото каде што ќе се игра финалето на Лигата на шампионите.
„Мислам дека фудбалската инфраструктура во Италија е срамна“, рече Чеферин.
„Вие сте една од најголемите фудбалски земји, ги освоивте светските и европските првенства, Лигата на шампионите. А во исто време, имате најлоша инфраструктура меѓу големите фудбалски земји. Веќе сум малку уморен од овие приказни за инфраструктурата во Италија. Сè завршува само со приказни. Се надевам дека Италија ќе направи нешто. Клубовите имаат потреба од помош од државата, локалните заедници, па дури и од приватните инвеститори. Време е да се реагира, ситуацијата е исклучително лоша“, рече Чеферин и дополни дека е сигурен дека „Италија ќе биде домаќин на Европското првенство во 2032 година“.
Сите очекуваат заедничката кандидатура на Турција и Италија да добие зелено светло за домаќинство на ЕП 2032, но најновите изјави од првиот човек на УЕФА се јасно предупредување до Италија дека треба посериозно да ја сфати работата што треба да се заврши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Роџерс го продолжи договорот со Астон Вила
Фудбалерот на Астон Вила, Морган Роџерс го продолжи договорот со клубот од Бирмингем до 2031 година.
„Астон Вила со задоволство објавува дека Морган Роџерс потпиша нов договор со клубот. Англискиот репрезентативец постигна договор што ќе го задржи во Вила до 2031 година“, се вели во соопштението на англискиот клуб.
Роџерс (23) се приклучи на Астон Вила во февруари минатата година, а оттогаш одигра вкупно 86 натпревари и постигна 18 голови за клубот од Бирмингем.
Англискиот играч од средниот ред беше прогласен за најдобар млад играч во Премиер лигата минатата сезона.
Во ноември минатата година, тој го имаше своето деби за сениорската репрезентација на Англија, за која одигра вкупно девет натпревари.
Спорт
(Фото) Ѓоковиќ ја прослави 101-ва титула со позната раса кучиња
Новак Ѓоковиќ успеа да ја освои својата 101-ва титула во кариерата на турнирот во Атина.
Најдобриот тенисер во историјата, по победата над Лоренцо Мусети во три сета и три часа голема борба, успеа да победи 101 пат во 144-от финале во кариерата.
Ова е втора титула за Новак оваа година, по онаа во Женева, исто така успеа да стигне до полуфиналето на сите четири Гренд слем турнири.
По големата победа, српскиот тенисер објави интересна фотографија на своите социјални мрежи.
Како во познатиот цртан филм „101 далматинец“, Ѓоковиќ објави фотографија на социјалните мрежи со трофејот во рака и во друштво на позната раса кучиња.

Спорт
Вемби одигра меч за аналите на НБА, Вигинс со звукот на сирената му пресуди на Кливленд
Виктор Вембањама одигра натпревар за аналите на НБА лигата, со 38 поени ги предводеше Сан Антонио Спарс до победа над Чикаго Булс со 121:117. Францускиот феномен постигна 18 од своите 38 поени во последната четвртина, обезбедувајќи ја третата победа по ред на Спарс и прва во Чикаго од 17 март 2021 година.
Вембањама исто така забележа 12 скока и пет блокади. Тој погоди шест тројки и стана првиот играч во историјата на НБА што постигнал најмалку 35 поени, 10 скока, пет асистенции, пет блокади и пет тројки во еден натпревар.
Булс имаа водство од 104:91 пред Вембањама сам да направи неверојатна серија од 10:0. Со неговиот кош и тројка, Спарс дојдоа на три поени разлика седум минути пред крајот.
Де’Арон Фокс додаде 21 поен за Спарс, Касл имаше 19 поени и 11 асистенции, додека Лук Корнет заврши со 16 поени.
Во Чикаго, кој играше без Џош Гиди поради повреда на десниот глужд, Кевин Хуертер беше најефикасен со 23 поени. Ајо Досунму и Тре Џонс постигнаа по 20 поени, додека Џејлен Смит имаше 11 поени и 12 скока.
За Чикаго, ова беше четвртиот пораз во последните пет натпревари. Булс шутираа со слаби 28 проценти од поле во последната четвртина, во споредба со 43,5 проценти на Спарс.
Драматична победа, по едно продолжение забележа Мајами Хит над Кливленд Кавалирс (140:138). На 0,4 секунди до крајот Ендру Вигинс со забивање им донесе победа на Хит.
Најефикасни играчи на Мајами беа Пауел со 33 поени, Вигинс со 23 и пет асистенции, Хакез имаше 22 поени, 13 скока и седум асистенции.
На другата страна, Мичел се истакна со 28 поени, 15 скока и осум асистенции, Деандре Хантер со 23 поени и Еван Мобли со 21 поен, 10 скока и пет асистенции.
Резултати:
Шарлот Хорнетс – ЛА Лејкерс 111:121
Детроит Пистонс – Вашингтон Визардс 137:135
Орландо Меџик – Портланд Блејзерс 115:112
Далас Маверикс – Милвоки Бакс 114:116
Феникс Санс – Њу Орлеанс Пеликанс 121:98
Јута Џез – Минесота Тимбервулвс 113:120
ЛА Клиперс – Атланта Хокс 102:105

