Спорт
Де Брујне: Ако само малку потфрлиме, Реал Мадрид ќе не елиминира

Еден од лидерите на Манчестер Сити, Кевин де Брујне, изјави дека евентуален триумф во Лигата на шампионите ќе го промени начинот на кој навивачите го перципираат клубот од „Етихад“. Но, мора да одиграат максимално одговорно, затоа што само малку ако потфрлат, тоа Реал Мадрид ќе знае да го искористи.
Манчестер Сити го доби првиот полуфинален натпревар во Англија со 4:3, а вториот натпревар е утревечер во шпанската престолнина.
„Секој играч сака да освојува трофеи, така е и со нас. Во ова натпреварување квалитетот е врвен и затоа е толку тешко да се победи. Но, гледајќи наназад, мислам дека игравме одлично во последните години. Утре можеме да направиме уште еден чекор напред“, изјави Де Брујне.
Тој вели дека Манчестер Сити не смее да си дозволи грешка на „Сантјаго Бернабеу“.
„Ако одиграме дури и малку под нашите можности, Реал Мадрид може да го добие натпреварот бидејќи тие се меѓу најдобрите тимови во светот. Имаат неверојатно квалитетни фудбалери. Но, мислам дека можеме да се пласираме во финалето“, дополни 30-годишниот Кевин де Брујне.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Мерцедес од 1955 година продаден за 135 милиони евра

Најскапиот автомобил на светот официјално е моделот на „Мерцедес“ од 1955 година. „Mercedes-Benz 300 SLR Uhlenhaut coupe“ штотуку е продаден за неверојатни 135 милиони евра.
Овој модел е направен во 50 години од минатиот век, а германската компанија потврди дека штотуку стана најскапиот автомобил на светот. Продаден е на затворена аукција во музејот на „Мерцедес“ во Штутгарт.
Зошто е ова најскапиот автомобил во светот? Вкупно се направени само девет примероци од „300 SLR Uhlehnhaut“, од кои само два се кабриолети, а ова е еден од нив. Има сребрена боја, има врата „пеперутка“ и може да развие брзина од 299 километри на час.
Новиот сопственик, чиј идентитет се чува во тајност, се обврза дека најскапиот автомобил на светот ќе остане како експонат во музејот, заедно со уште една копија од купето.
Само повремено со дозвола од управата на музејот ќе може да го вози.
Претходниот рекорд за најскап автомобил во светот го држеше „Ferrari 250 GTO“ од 1963 година, кој беше продаден пред четири години за „само“ 66 милиони евра.
„Мерцедес“ само што го симна од тронот за повеќе од двојно повисока цена.
Погледнете го купето „Uhlenhaut“ во акција.
Спорт
Федерер и Серена остануваат без рејтинг по Вимблдон

Легендите на светскиот тенис, Роџер Федерер и Серена Вилијамс, по завршувањето на Вимблдон ќе останат без рејтинг. Ова ќе се случи поради одлуката на АТП и ВТА, овогодинешниот Вимблдон да не се бодува за листите, а да се одземат бодовите од ланското издание на турнирот.
Пред една година, Серена беше елиминирана во првото коло, кога и го предаде мечот на Александра Саснович при резултат 3:3. Оттогаш таа не се врати на теренот.
Роџер беше поуспешен, стигна до четвртфиналето на Грен слем турнирот во Лондон, но загуби од Хуберт Хуркач. Тоа му беше последниот меч што го одигра потоа замина на операција.
Кога на Вилијамс и Федерер ќе им се одземе овој последен контингент бодови пред почетокот на Вимблдон, и двајцата ќе паднат на нула и ќе останат без место на светските листи.
Додека за Серена нема информации дали воопшто планира да се врати на терените, Федерер најави дека ќе игра на турнирот во родниот Базел кој е закажан за октомври.
Швајцарецот наводно планира уште еднаш да игра на Вимблдон, неговиот најуспешен Грен слем, но и доколку се појави оваа година, сигурно нема да добие бодови за евентуалните победи, па тоа нема да влијае на ситуацијата на АТП листата.
Серена освои 23, Роџер 20 Грен слем трофеи во кариерата, тие се меѓу најуспешните тенисери на сите времиња, но за два месеци можеа да „не постојат“ на светските листи иако официјално се уште не се во пензија.
Спорт
Чави на четворица играчи им соопштил дека се отпишани
Тренерот на Барселона Чави почна да го крои тимот за следната сезона, на четворица фудбалери им соопштил дека повеќе не смета на нив.
Според новинарот Џерар Ромеро, Чави ги поканил Оскар Мингеза, Рики Пуиг, Самуел Умтити и Мартин Брејтвајт на состанок и им рекол дека можат да си бараат нови клубови.
Целта на клубот е тие да бидат продадени, доколку плановите не се реализираат, тогаш Барселона ќе ги испрати на позајмица.
„Одлуката на Чави не ги изненади овие четворица фудбалери. Тие уште од доаѓањето на Чави во ноември знаат дека се отпишани, но исто така му се благодарни што научија многу од него на тренинзите“, пишува „Мундо Депортиво“.
Брејтвајт го привлече вниманието на неколку англиски, италијански и германски клубови играјќи за данската репрезентација, а „Мундо Депортиво“ пишува дека кариерата би можел да ја продолжи во италијанската лига. Оваа сезона 30-годишниот напаѓач одигра само 248 минути.
Умтити се поврзува со поранешниот клуб, Олимпик Лион, додека за Пуиг сериозни биле заинтересирани во Селта Виго.
Барселона, по завршувањето на сезоната ќе ја напуштат играчите кои се на позајмица Адама Траоре и Лук Де Јонг, додека Миралем Пјаниќ ќе се врати во Барселона, а потоа или ќе биде продаден или ќе биде испратен на позајмица.