Спорт
Дортмунд не го дава Халанд ни за 200 милиони: Ние сме фудбалски клуб, не банка!

Директорот на Борусија Дортмунд, Михаел Цорк ги отфрли шпекулациите кои го поврзуваат Пари Сен-Жермен со спектакуларен обид да го добијат Ерлинг Халанд за 200 милиони евра, повторувајќи дека тие не се заинтересирани за трансфер.
Повеќе европски клубови во последните месеци беа поврзувани со Халанд, како Реал Мадрид, Челси и клубовите од Манчестер, но по вестите за можно заминување на Килијан Мбапе, се зголемија шпекулациите дека ПСЖ ќе „фрли“ пари за да го добие 21-годишниот Норвежанец.
„Ние сме фудбалски клуб, не банка. Нашата позиција е многу јасна и не е променета. Претпоставувам дека ќе мораме да одговориме на луди шпекулации во следните два-три дена. Но, веќе кажавме, и нема да се повторуваме како папагали“, вели Цорк за „Кикер“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Првиот човек на ФФМ провери како тече работата на стадионот во Битола, треба да се исполни условот на УЕФА

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Масар Омерагиќ, заедно со претставници од ФФМ, денес ја посетија Битола и извршија увид во состојбата на стадионот „Петар Милошевски“, со цел да се исполнат условите на УЕФА, за одигрување на меѓународен натпревар за селекциите до 21 година, помеѓу Македонија и Италија.
За одигрување на ваков натпревар од меѓународен ранг, потребно е да се извршат подготовки и да се исполнат критериуми за добивање на лиценца од комисија на УЕФА.
Градоначалникот Тони Коњановски и претседателот Масар Омерагиќ, разговараа околу подготовките и преземањето на обврските од страна на општината и од ФФМ, со цел Битола да биде претставена во најдобро светло.
На 9 септември, Битола треба да биде домаќин на натпреварот Македонија – Италија, за фудбалери до 21 година. По увидот на терен, претседателот на ФФМ, ја посети општина Битола, каде што со градоначалникот разговараа за успесите во спортот на битолските екипи, успесите во училишниот спорт и условите за развој на училишниот спорт, во кои општината постојано инвестира.
Градоначалникот посочи дека на последниот јавен повик од страна на Владата, општината аплицираше за изградба на 3 спортски училишни сали и 9 спортски игралишта во училиштата. Во знак на добрата соработка, Омерагиќ му подари на градоначалникот Коњановски репрезентативен фудбалски дрес со негово име, кое го носи бројот 9.
Спорт
Шпански медиуми: Родриго сам одлучил да не игра против Барселона

Навивачите на Реал Мадрид беа изненадени што Виктор Муњоз, 21-годишник кој вчера дебитираше за Реал Мадрид, беше испратен на теренот во финалето на Ел Класико. Шпанските медиуми објавуваат дека на навивачите не им било јасно како му е дадена предност во однос на Родриго.
Бразилецот, крилниот напаѓач на тимот вреден 100 милиони евра, остана на клупата во текот на целиот натпревар. Оваа сезона, Карло Анчелоти го стави Родриго во 50 натпревари на кои даде 13 гола и имаше 10 асистенции. Во последните денови се појави информација дека Родриго би можел да го напушти Реал и дека Манчестер Сити е заинтересиран за него. Денес шпанските медиуми пишуваат дека одлуката да не игра на натпреварот против Барса (Каталонците победија со 4:3) ја донел самиот.
Во саботата, дури ни 24 часа пред натпреварот, Анчелоти изјави дека Родриго е подготвен, дека добро тренира и дека е во комбинациите за дербито. „Постои опција тој да биде во почетните единаесет“, рече италијанскиот стручњак.
По натпреварот, тој објасни зошто Родриго не добил минутажа: „Тој се опорави, но не се чувствуваше добро. Да го ставите во игра шест или седум минути, само ќе се зголемат шансите да се повреди.“
Според некои шпански медиуми, одлуката да не игра во Ел Класико била одлука на играчот. Тој му рекол на Анчелоти дека чувствува дека нема доволно енергија за натпреварот, но и дека не се чувствува ментално подготвен за него.
Спорт
Иџе пак на пијадестал, трето место на Рампа да Фалпера

Игор Стефановски Иџе изминатиов викенд повторно на пиедестал. На последната тркка во ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки (еHC), патеката Рампа Да Фалпера во Португалија, Иџе го освои третото место.
Изминатиот викенд Иџе повторно на пиедестал. Го освои третото место на третата трка од ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки (еHC), возејќи на патеката Рампа Да Фалепра во португалската Брага. Трката се возеше во исклучително тешки услови поради дождливото време, што придонесе за бројни незгоди и прекини. Условите придонесоа оваа трка да биде предизвик и за најдобрите автомобилисти од Европа.
„Не можам да бидам незадоволен со освоеното трето место на оваа патека и тоа во условите во кои се возеше, особено затоа што бевме во борба со автомобили на погон со сите 4 тркала. Иако постигнав најдобро второ време во второто возење, збирниот резултат од двете трки, ми го донесе третото место. Морав да се задоволам со третата позиција на подиумот. Горд сум што сум најдобро пласираниот автомобилест во ГТ класата за португалскиот шампионат, во кој возат докажаните португалски автомобилисти. Благодарност до мојот тим, како и тимот и инженерите на Ферари за нивната поржтвуваност во оваа трка, што придонесе мојот автомобил да биде подготвен за овие екстремно тешки услови. Од Португалија, продолжуваме во Шпанија, каде за пет дена не очекува следната трка“- изјави Стефановски.
Стефановски и годинава се трка со автомобилскиот ѕвер од Ферари 488 B8, специјално дизајниран за овие патеки.