Спорт
Дурент се врати, Феникс ги растури Лејкерси – доминантни партии на Европејците
Кошаркарите на Феникс на домашен терен ги победија Лос Анџелес Лејкерс со 127:100 и ја прекинаа серијата од пет последователни порази во НБА лигата. Во тимот на Феникс се вратија Кевин Дурент и Бредли Бил.
Клучната разлика Феникс ја направи во третиот период, го доби со 36:18.
Девин Букер беше најефикасен во победничкиот тим со 26 поени, имаше и 10 скока, додека Бил и Дурент постигнаа по 23 поени.
Во тимот на Лејкерси дабл-дабл учинок имаше Ентони Дејвис со 25 поени и 15 скока, Леброн Џејмс запиша 18 поени и 10 асистенции, додека ДиАнџело Расел постигна 16 поени.
Кошаркарите на Милвоки на гости го победија Мајами со 106:103, што е нивна петта последователна победа во НБА лигата.
Во текот на третата четвртина гостите водеа со најголеми плус 22 (76:54), а до крајот на овој период Мајами успеа да намали на 85:80.
Во последната четвртина Мајами не успеа да направи целосен пресврт, бидејќи Тајлер Хиро промаши шут за победа.
За Милвоки, поради повреда не играше Јанис Адетокумбо. Демијан Лилард ги предводеше Бакс со дабл-дабл учинок од 37 поени и 12 асистенции. Ова е десетти меч во кариерата на најмалку 35 поени и 10 асистенции што се изедначија со Алан Ајверсон на деветтото место на вечната листа.
Победи изминатата ноќ забележаа и кошаркарите на Хјустон, Чикаго и Сан Антонио.
Европските центри беа главни играчи во своите тимови на тие натпревари. Турчинот Алперен Шенгун ја одбележа вечерта со трипл-дабл учинок (22 поени, 11, скока, 10 асистенции) во победата на Хјустон против Минесота 117:111, Виктор Вембањама го предводеше Сан Антонио против Јута со 34 поени (128:115). ), додека Никола Вучевиќ со 19 поени и 12 скока придонесе за победата на Чикаго над Вашингтон 127:108.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чешка го слави 19-годишниот Методеј Јилек
Со спектакуларно лизгање, Методеј Јилек и го донесе вториот златен медал за Чешка на Зимските олимписки игри во Милано.
Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, тој ја запре штоперицата на 12:33,42 и го постигна најубедливиот триумф во досегашниот тек од натпреварите во оваа дисциплина.
За чешкиот тинејџер, кој има само 19 години, ова е втор медал во Милано. Тој веќе го освои среброто на 5.000 метри.
Во сенка на сензационалниот Чех остана Полјакот Владимир Семируниј, кој стигна до среброто со заостанување од 5,65 секунди, додека бронзата му припадна на ветеранот, 40-годишниот Холанѓанец, Јорит Бергсм.
Foto/ EPA
Спорт
Игор Тудор ќе го води Тотенхем
Хрватскиот тренер Игор Тудор се согласи да ја преземе клупата на Тотенхем како привремено решение до крајот на сезоната. Тудор доаѓа откако Томас Франк беше отпуштен претходно оваа недела по лошата серија резултати што го остави клубот на 16-то место во Премиер лигата, само пет бода над зоната за испаѓање.
Извори велат дека одборот на Спарс сакал да назначи привремен менаџер пред играчите да се вратат на тренинзите во понеделник.
Последниот ангажман на Тудор беше во Јувентус, каде што помина седум месеци. Тој го презеде тимот во март минатата година како привремен тренер и забележа само еден пораз во девет натпревари до крајот на сезоната, обезбедувајќи му мест на клубот во Лигата на шампионите. Тој успех му донесе долгорочен договор.
Откако беше елиминиран во осминафиналето на Светското клупско првенство од Реал Мадрид, Јувентус ја отвори сезоната во Серија А со три победи, но следеше серија од осум натпревари без победа во сите натпреварувања. Тој беше отпуштен во октомври 2025 година по поразот од Лацио, оставајќи го клубот на осмото место на табелата.
Сепак, ситуацијата за следната сезона сè уште не е целосно дефинирана. Италијанскиот новинар Фабрцио Романо наведува дека Роберто Де Зерби и Маурисио Покетино се главните кандидати за трајно решение на клупата на Тотенхем по завршувањето на актуелната сезона.
Тудор го презема тимот во деликатен момент, со задача да го стабилизира тимот и да го извлече максимумот од сезоната, додека раководството ќе донесе конечна одлука за долгорочниот проект на лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
Брентфорд го продолжи договорот со Игор Тијаго
Бразилскиот фудбалер Игор Тиаго го продолжи договорот со Брентфорд, објави англискиот клуб.
Со новиот договор, Тиаго би можел да остане во редовите на Премиер лигата до летото 2031 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Веста за продолжувањето доаѓа откако Премиер лигата го прогласи за најдобар играч во јануари. Тиаго постигна пет гола на пет натпревари во јануари, со што ја освои наградата за најдобар играч на месецот во Премиер лигата по втор пат оваа сезона.
Во тој период, Брентфорд забележа две победи, едно реми и два порази, и моментално е на седмото место на табелата во Премиер лигата со 40 бода.
Тиаго (24) пристигна во Брентфорд во 2024 година од Клуб Бриж, а пред тоа играше за Лудогорец и Крузеиро.
Бразилскиот фудбалер одигра 26 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања оваа сезона и постигна 18 голови.
Foto/ depositphotos

