Спорт
Две легенди пристигнаа во МЛС: Сон во Лос Анџелес, Милер во Ванкувер
Во ист ден, ФК Лос Анџелес го претстави јужнокорејскиот ас Сон Хјунг-мин, додека легендарниот германски фудбалер Томас Милер позираше со дресот на Ванкувер Вајткепс.
Фудбалскиот клуб од Лос Анџелес го објави трансферот на екс-капитенот на Тотенхем, Сон Хјунг-мин. Договорот со 33-годишниот Кореец важи до 2027 година. Исто така, предвидува можност за продолжување за една или две сезони.
Црно-златните официјално го претставија Сон на стадионот „БМО“, само еден ден откако слета во Соединетите Држави. ЛАФЦ за него плати 26,5 милиони долари, што е апсолутен рекорд за трансфер во МЛС.
На почетокот на август, Сон Хјунг-мин го објави своето заминување од Лондон. Тој играше за Тотенхем десет години. Почнувајќи од 2015 година, одигра вкупно 454 натпревари постигна 173 гола со 101 асистенција.
Круната на својата кариера, а воедно и најубавото збогување со Тотенхем, го доживеа на 21 мај кога го крена трофејот од Лигата на Европа со капитенската лента околу раката по победата од 1:0 над Манчестер јунајтед во финалето во Билбао.
Истиот ден, само во Канада, уште една легенда на светскиот фудбал, Томас Милер, се пресели во МЛС и официјално стана фудбалер на Ванкувер Вајткепс.
Договорот со 35-годишниот Германец беше потпишан до крајот на сезоната 2025 година со можност за продолжување за една година.
Томас Милер го напушти Баерн Минхен по 25 години, вкупно, одигра 756 натпревари, постигна 250 голови и имаше 276 асистенции.
Играјќи за Баерн, тој стана еден од најтрофејните играчи во историјата на фудбалот. Освои вкупно 33 трофеи.
Фото/ Принскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Сноубордер на ЗОИ со две фрактури на вратот итно хоспитализиран
Камерон Болтон (35), сноубордер од Австралија, го скрши вратот кога падна за време на тренингот на Зимските олимписки игри. Веднаш бил префрлен со хеликоптер во болница во Милано.
Болтон падна за време на тренингот во сноуборд крос во Ливињо. Иако успеал веднаш по падот да ја напушти патеката, следниот ден се разбудил со силна болка во вратот.
Дополнителните тестови покажаа две фрактури, по што итно е префрлен со хеликоптер за понатамошно лекување.
„Кам сакаше неговите сонародници да знаат што се случува и дека е добро и дека за него се грижиме на најдобар можен начин. Тој е свесен колку сериозно пристапуваме кон неговата ситуација и комуникацијата беше одлична. Горда сум на нивото на грижа што ја доби“, рече Алиса Камплин од Австралискиот олимписки комитет.
Болтон освои сребро во мешан тимски сноуборд крос на Светското првенство минатата година со Миа Клифт.
Спорт
Влаховиќ бара 15.000.000 евра само за потпис на договорот
Според информациите од италијанските медиуми, повеќе нема да има преговори меѓу Душан Влаховиќ и челниците на Јувентус, околу нов договор. Сигурно е дека српскиот напаѓач, во јуни како слободен играч ќе го напушти клубот.
Весникот „Коријере дело Спорт“ денес донесе информации, околу финансиските барања на Влаховиќ кога станува збор за следниот договор.
Според нивните информации, српскиот фудбалер бара 10.000.000 евра годишна плата, како и бонус за потпис од 15.000.000 евра.
Дури и сега, со 12.000.000 евра годишна заработка, Влаховиќ е меѓу најплатените фудбалери во Серија А и е убедливо најплатениот во клубот.
Во преговорите околу новиот договор, Јувентус се обиде да ја намали таа сума, но да му понуди договор на Србинот на неколку години, така што намалувањето на платата би било компензирано, но тој ја одби таа понуда.
Како што тврди „Кориере“, Влаховиќ ги претпочита Баерн и Барселона како опции, кои најмногу се споменуваат во последните шест месеци.
Foto/ depositphotos
Спорт
Седлоски: Ги почитуваме противниците, ќе бидеме конкурентни во Лигата на нации
Репрезентацијата на Македонија утре ќе ги добие противниците за претстојното издание на Лигата на нации во кое нашата селекција за прв пат во историјата ќе биде дел од Б сегментот на ова натпреварување.
Токму овие дуели ќе бидат нов предизвик за оваа генерација на играчи, но и одлична можност за селекторот Гоце Седлоски да ја подготви репрезентацијата за квалификациите за Европското првенство кои почнуваат во 2027 година.
“Репрезентациите од првиот и вториот шешир објективно влегуваат како фаворити, со оглед на нивниот рејтинг, искуство и континуитет на големи натпреварувања. Но, тоа не значи дека однапред се знае исходот. Нашата цел е да бидеме конкурентни на секој натпревар, да го наметнеме нашиот стил и да покажеме дека Македонија со право е дел од Лига Б.
Ќе ги почитуваме сите противници, но најмногу ќе веруваме во себе. Ако бидеме организирани и фокусирани од првата до последната минута, можеме да бидеме незгоден противник за секого. Овој циклус го гледаме како нов чекор за напредок на репрезентацијата и шанса дополнително да го потврдиме нашиот квалитет.
Верувам дека репрезентацијата ќе расте низ циклусот натпревари во Лига Б и дека имаме стабилна основа за позитивни резултати”, рече пред жрепката предводникот на националниот тим.
Жрепката ќе се одржи утре во Брисел со почеток во 18 часот, Македонија е дел од четвртиот сад во кој се наоѓаат уште селекциите на Шведска, Северна Ирска и Косово.
Статус на носители имаат Шкотска, Унгарија, Полска и Израел, во вториот сад сместени се Швајцарија, Босна и Херцеговина, Австрија и Украина, а во третиот се наоѓаат Словенија, Грузија, Република Ирска и Романија.
Извор и Фото/ Фудбалска репрезентација на Македонија

