Спорт
Еди Џордан: Шумахер ме излажа за да добие деби трка во Формула 1
Поранешниот шеф на Ф1 тим, Еди Џордан се потсети на легендарното деби на Михаел Шумахер во Формула 1, велејќи дека германскиот освојувач на седум светски титули лажел за своето искуство пред трката.
Приказната за дебито на Шуми, еден од најдобрите возачи во историјата, е легендарна. Пред Белгиското ГП во Спа во 1991 година, 11-та трка од првата сезона на Џордан Ф1 во шампионатот, нивниот возач Бертран Гашо доби 18-месечна затворска казна за напад на таксист. Бидејќи им беше потребен возач, Мерцедес, кои го поддржуваа Шумахер, понудија 150.000 долари да му дадат шанса на Германецот.
Еди Џордан го прифати ова, и Шумахер имаше легендарно деби на својата омилена патека – се квалификуваше на седмото место, скокна до петтото на стартот на трката, но мораше да се откаже поради механички проблем. Џордан признава дека парите биле клучни за прифаќањето на понудата, но и тоа што Шуми, кој возеше во Формула 3 тогаш, му кажал дека има искуство во Спа.
„Ме излажа. Ме гледаше во очи и ме излажа. Го прашав пред да одиме, дали бил во Спа, а кога ќе прашате тркач мислите дали си се тркал таму. Тој ми кажа да, но лажеше, бил таму неколку години претходно со татко му додека возеше картинг, но не се тркал. Затоа таа негова трка беше посебно импресивна“, вели Џордан за „Би-би-си“.
Иако Џордан имаше договор со Мерцедес Шумахер да вози за тимот до крајот на сезоната, веќе следната трка во Монца тој беше во болидот на Бенетон, тим со кој подоцна ќе освои две од своите седум титули. Џордан го тужеше Шумахер, но вели дека не го обвинувал.
„Не беше прашањето дали ми се допаѓа тој, туку дека Мерцедес лошо го изведоа тоа. Се однесоа многу лошо кон мене и ме изиграа на суд“, вели Џордан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Кристал Палас напаѓач најде во Вулверхемптон
Јорген Странд Ларсен е нов член на Кристал Палас.
Норвежанецот му се приклучи на клубот од јужен Лондон од Вулверхемптон, кој е на дното на табелата во елитниот ранг на англискиот фудбал.
Според медиумите на Островот, вредноста на трансферот е 52 милиони евра плус шест милиони што може да ги заработи преку бонуси. Ова е втор најголем трансфер во овој преоден рок, по оној на Антоан Семењо. Репрезентативецот на Гана за 72 милиони евра од Борнмут замина во Манчестер Сити.
Ларсен одигра 63 натпревари за Вулверхемптон и постигна 20 гола. Оваа сезона, тој ја погоди противничката мрежа шест пати во 25 натпревари.
Foto/ depositphotos
Спорт
Реал добил понуди од 100 милиони евра за Белингем
Реал Мадрид се соочува со неочекуван сценарио околу една од своите најголеми ѕвезди. Џуд Белингем, доведен како стратешко засилување и клучен играч на проектот, оваа сезона не игра добро, едноставно не може да се вклопи во тимот.
Клубот е свесен дека англискиот играч за врска не поминува низ најдобриот период и, иако официјално не е на продажба, сериозна понуда би можела да го натера Флорентино Перез да се премисли, пишуваат шпанските медиуми.
Во последните недели, клубот добил понуди од Премиер лигата кои надминуваат 100 милиони евра.
Водечките англиски клубови веруваат дека британскиот репрезентативец е сè уште пазарна можност и се подготвени да инвестираат многу пари во летниот преоден рок.
Таа сума би му овозможила на Реал Мадрид да ја врати инвестицијата и да ослободи простор за реконструкција на средниот ред. Во моментов, ставот на раководството е цврст: Белингем не е на продажба, но целокупната ситуација во клубот внимателно ја следат.
Во клубот постои загриженост бидејќи фудбалерот не се чувствува целосно удобно во својата моментална улога. Неговите напаѓачки перформанси се намалени, барањата во одбраната се поголеми, а статусот во тимот се промени со доаѓањето на нови ѕвезди. Сето ова предизвикува одредена фрустрација кај него.
Реал Мадрид го поддржува, но ако не се подобри до крајот на сезоната, ниту една опција нема да биде исклучена. Клубот го цени неговиот талент, возраст и комерцијално влијание, но дава приоритет на рамнотежата во соблекувалната и спортската конзистентност на проектот.
Прифаќањето на продажба за повеќе од 100 милиони евра би му овозможило на Мадрид да зајакне неколку клучни позиции или да бара профил на играч кој подобро се вклопува во моменталниот систем.
Белигем постигна шест гола и забележа четири асистенции во 27 натпревари оваа сезона.
Foto/ depositphotos
Спорт
Рибакина преку Пегула до финалето на АО
Елена Рибакина ќе и се спротивстави на Арина Сабаленка во финалето на Австралија Опен.
Казахстанката, родена во Русија, ја победи Американката Џесика Пегула во два сета 6:3 и 7:5 за еден час и 42 минути во второто полуфинале.
Сабаленка претходно, да потсетиме, убедливо ја победи Украинката Елина Свитолина.
На патот до финалето, Рибакина и Сабаленка, не загубија ниту еден сет.
Финалето во сабота ќе биде реприза од финалниот меч во 2023 година, кога Сабаленка победи во три сета.
Последниот пат Рибакина и Сабаленка играа во финалето на завршниот турнир во Ријад минатата година, кога победи Казахстанката.
Во мечот против Пегула, Рибакина, добинираше се до финишот на вториот сет, а потоа влезе во серија грешки, па го доби во драматична завршница.
Рибакина на 5:3, во вториот сет имаше три брејк, односно меч топки. Пегула се извлече, а потоа Казахстанката не успеа, во два наврати на свој сервис да го заврши мечот.
Во тај-брејкот, Пегула пропушти две сет топки, а потоа Рибакина со три брилијантни поени го заврши мечот.
Foto/ depositphotos

