Спорт
Ефес или Олимпијакос, Реал или Барселона?

Завршниот турнир во кошаркарската Евролига ќе почне денес во Белград. На програмата се полуфиналните натпревари, Ефес-Олимпијакос (18 ч.) и Реал-Барселона (21 ч.). Финалниот меч ќе се одигра в сабота.
Првото полуфинале ќе го игра актуелниот шампион Ефес против Олимпијакос. Турскиот тим во лигата играше со премногу осцилации и падови и тоа е причината што сезоната ја заврши на седмото место. Грчкиот тим, регуларниот дел од сезоната го заврши на второто место, веднаш зад Барса и во неколку наврати покажа дека не е за потценување.
На двата претходни натпревари славеше домашната екипа. Прво Ефес во Истанбул во ноември (88:69), а потоа во Пиреја по продолженијата Олимпијакос дојде до триумф (87:85). Ова ќе биде 45. дуел помеѓу Ефес и Олимпијакос, засега е нерешено (22:22).
Гледајќи ја тимската статистика, Ефес е нешто подобар офанзивно (81,7 наспроти 80,4) поени по натпревар), додека Олимпијакос е значително подобар во дефанзивата (80,3 поени наспроти 85,1 поени).
Лидерите на двете страни се познати. На едната се најдобрите стрелци во Европа, Василије Мициќ и Шејн Ларкин, заедно со Крунослав Симон, на другата Костас Слукас и членот на идеалната петорка Саша Везенков со прекалениот Јоргос Принтезис.
Вака изгледа статистиката на лидерите – Мициќ (18,2, 4,6 асистенции, 2,6 скока), Ларкин (14,6, 5,3 асистенции и 3 скока), Симон (6,9, 2,8 скока, 2,6 асистенции), а од друга страна Слукас (11,9, 4,9 асистенции, 2,6 скока), Везенков (13,7, 5,8 скока, 1,5 аситенции), Принтезис (3,7, 1,3 скока).
На „Ел Класико“ не му треба посебна најава. Дуелите на Реал и Барса секогаш се жестоки без разлика дали се од натпреварувачки или пријателски карактер.
Во регуларниот дел од сезоната Барселона ги доби двата натпревари. Прво во декември дома (93:80), потоа во февруари во Мадрид (86:68). Тоа секако ќе биде мотив повеќе за „кралскиот клуб“ кој на крилата на Лука Дончиќ ја освои титулата во Белград во 2018 година. Словенецот потоа се пресели во Далас, но во овој тим на Реал има неколку играчи кои беа во тој тим. .
Тимската статистика го кажува следново – Барса е подобра офанзивно (81,4 наспроти 79,3 поени), додека Реал е подобар во одбраната (73,6 наспроти 75,5). Мадриѓаните се подобри и во скокот, па се очекува интересна борба во рекетот.
Лидерите се познати. Во Барса тоа се МВП Никола Миротиќ и плејмејкерите Ник Калатес, односно Нико Лапровитола, од другата страна се Серхио Љуљ, Гершон Јабуселе и џинот во рекетот Валтер Таварес.
Вака изгледа статистиката на Лидерот – Миротиќ (16,6 поени, 5,1 скока, 1,2 асистенции), Калатес (7,4 поени, 6 асистенции, 3,9 скока ), Лапровитола (9,5 поени, 3,1 асистенции, 1,9 скока), а со останатите страни се Љуљ. (8,6 поени, 2,7 асистенции, 1,7 скока), Јабуселе (11,9 поени, 4,7 скока, 1,6 асистенции) и Таварес (10,9 поени, 7,6 скока, 1,7 блокади).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Надал „влета“ во четврт-финалето на Вимблдон

Рафаел Надал останува во „лов“ на својата 23. гренд слем титула, откако за нешто повеќе од два часа со 6:4/6:2/7:6(6) го „збриша“ светскиот број 25., Холанѓанецот Ботик ван де Цандшлуп за пласман во четврт-финалето на Вимблдон.
По титулите на Австралија опен и Ролан Гарос, малкумина очекуваа дека шпанскиот ветеран ќе биде во состојба за добар настап на Вимблдон, најмногу поради повредата на стапалото, но Надал уште еднаш покажа зошто е најуспешниот на сите времиња, со втора лесна победа во низа, за да обезбеди дуел со 11. носител, Американецот Тејлор Фриц, кој претходно во три сета го елиминираше Џејсон Кублер. Доколку го мине четврт-финалето, во полуфиналето може да има супер-интересен дуел со „лошото момче“ на австралискиот тенис, Ник Кирјос.
Еден брејк на крајот на првиот сет беше доволен да се направи предност, по што лесно го освои вториот сет, и беше на добар пат експресно да ја комплетира победата, кога сервираше за победа при 5:3 во последниот сет, пред Ван де Цандшлуп да направи брејк и да примора тај-брејк.
Спорт
Навивачите на Олимпија влетаа на презентацијата на новиот тренер Риера, го сакаат Просинечки

Бесните навивачи на Олимпија Љубљана не дозволија нивниот нов тренер, поранешниот шпански фудбалер Алберт Риера, да ја одржи првата прес-конференција лути на одлуката на клубот да го избрка Роберт Просинечки.
Популарните Greenn Dragons претходно присуствуваа на прес-конференцијата на поранешниот хрватски репрезентативец, кој ја обвини управата на клубот за скандалозно однесување.
„Можеа да кажат дека не знам да работам, но не и дека не сум чесен. Со поголеми лажговци и преваранти никогаш не сум работел, а сум работел со многумина. Апсурден е начинот на кој се води клубот, тоа не би го режирал ниту Алфред Хичкок“, изјави Просинечки по добирањето отказ по само три месеци, а од клубот објавија дека речиси секој ден останувал до 4 часот наутро пиејќи алкохол и играјќи карти.
? ¡¡¡LAMENTABLE!!!
? Los ultras del Olimpija Ljubiljana expulsan a Albert Riera en su presentación como nuevo entrenador del club
? #PartidazoCOPE pic.twitter.com/hbpNG2cO5Q
— El Partidazo de COPE (@partidazocope) July 4, 2022
Спорт
Русија го прати хокеарот што избегнуваше војска на Арктикот, Федерацијата бара објаснување

Руската хокеарска федерација официјално побара објаснување од властите во врска со ситуацијата во која се најде голманот Иван Федотов, кој беше приведен во петокот во Санкт Петербург со обвинение дека се обидува да избегне воена служба по објавувањето на руските медиуми дека тој е пратен на Арктикот.
„Руската хокеарска федерација ја следи ситуацијата со голманот на руската репрезентација Иван Федотов и неговиот воен рок. Федерацијата побара од владините служби да ги разјаснат околностите поврзани со случајот“, вели претседателот на Федерацијата, поранешниот трикратен олимписки шампион Владислав Третјак.
Според новинската агенција ТАСС, хокеарот се наоѓа во Северморск, во областа Мурманск, во арктичкиот регион, и дека може да биде пратен уште на север, на островот Нова Земја. Другите руски медиуми тврдат дека тој ќе остане во пристаништето Северморск до септември по што ќе биде одлучено каде ќе биде пратен.
Ситуацијата може да го чини Федотов НХЛ-кариера откако во мај тој потпиша договор со Филаделфија флаерс по крајот на договорот со ЦСКА Москва, со која ја освои титулата од Гагарин-купот во КХЛ-лигата и беше прогласен за најдобар голман. Федотов беше на голот на руската репрезентација, која освои сребро на Олимпијадата во Пекинг во февруари. Други руски медиуми шпекулираат дека проблемот е направен поради неговиот конфликт со ЦСКА Москва, спортскиот клуб што традиционално е поврзан со руската војска.
Во Русија воената служба е задолжителна за сите од 18 до 27 години.