Спорт
Ексклузивно интервју со Калин Ивановски: Верувам дека в недела можам да го освојам Вимблдон
Од Лондон, Ненад Живановски
Калин Ивановски, осумнаесетгодишниот русокос скопјанец, веќе втора година по ред како единствен ја претставува Македонија на најпрестижниот тениски турнир во светот, Вимблдон. И тоа добро го прави. Минатата година стигна до осминафиналето во јуниорска конкуренција, а денеска тој успех го надмина со пласман во четврт-финалето. Меѓутоа, оваа година амбициите му се многу поголеми – сака да одигра што повеќе мечеви, па и да заигра во неделното финале.
„Се чувствувам самоуверено, имам самодоверба и кој и да ми дојде до финалето, верувам дека ќе можам да го победам со мојата игра, која се темели на сигурни сервиси, бекхенди и форхенди. Мислам дека ги имам сите удари и можам да победам било кого до неделното финале. Единствен противник можам да бидам сам на себе и тоа да ме спречи да го остварам зацртаното. Сепак, верувам дека оваа година можам да го освојам Вимблдон во јуниорска конкуренција“.
На патот до финалето, на Калин му претстојат уште два меча. Утрешниот противник во четфртфиналето му е Шпанецот Педро Роденас, добар познаник на нашиот репрезентативец.
„Пред два дена тренирав со него. Знае да игра, има опасен сервис, не можеш да го читаш толку лесно… Згора на тоа е и левучар и има рамен бекхенд, што на тревнат терен знае да биде незгодно бидејќи топчето не отскокнува како на другите подлоги“.

За претходните мечеви на турнирот, кои за гледачите изгледаа дека релативно лесно ги добива, Калин ги објаснува на следниот начин:
„Првиот меч кога играв против домашниот претставник Лука Поу, вообичаено имав трема, затоа што е прв настап, додека се снајдеш ти треба време да се загрееш. Изгубив сет и гем и дури тогаш се смирив и најдов решение со поагресивна игра да продолжам да играм. Третиот сет веќе играв моја игра, опуштено и го добив последниот сет со 6-2. Во второто коло, против Мексиканецот Родриго Мендес, кој иако е 11-ти носител, влегов како фаворит, а така покажа и резултатот, 6-1 и 6-2. Денеска играв против осмиот носител, Литванецот Едас Бутвилис, кој има доста добри резултати оваа година, стигна до осминафинале на Австралија Опен и трето коло на Ролан Гарос. Со него сум играл повеќе пати, и досегашниот резултат е 4-1 за мене“.
Статистиката од првите два меча покажува интересна коинциденција, и во двата натпревари Калин имаше ист број на асови – по девет и по 35 „винери“, што го наметнува прашањето кој сегмент во играта му е најквалитетен?
„Сервисот и првата топка. Генерално ги правам поените со форхенд, но и бекхендот ми е солиден со кого можам да направам поен. Исто така, доста сум креативен во играта, за противникот во секој момент можам непредвидливо да изиграм и да го сменам ритамот“.

Кога правиме рекапитулација за досегашните настапи на Вимблдон, не можеме да го одминеме и моментот од мечот против Мендес, кога победничкиот поен и воедно ас, Калин го отсервира во стилот на Ник Кириос со твинер сервис. Овој поен не остана незабележан и од страна на организаторот на Вимблдон, така што снимката беше објавена и на официјалната Инстаграм страница на Вимблдон (https://www.instagram.com/p/CfottSQDqrt/), и со 45 илјади лајкови е за 20 илјади повеќе од првата наредна снимка со кралските наследници Принцот Вилијам и Принцезата Кејт Мидлтон.
„Искрено, не го направив тоа за да го имитирам Кирјос, бидејќи не сум негов фан. Едноставно, водев 6-1 и 5-2, бев опуштен и си викам ајде ќе го пробам на меч топка, па, да видиме како ќе испадне“.
Ако не Кирјос, тогаш кој му е омилен тенисер од повозрасните колеги?
„Новак Ѓоковиќ. Најмногу затоа што е ментално силен. И не се срами да покаже дека има став. Баш го има она нашето, балканското. Надал сите го сакаат, но тој е мирен, нема таков темперамент како Ѓоковиќ. Друго се тие од Шпанија, друго сме ние од Македонија, Србија, Хрватска. Затоа најмногу ми се допаѓа Ноле. Секако дека ми се допаѓаат и Надал и Федерер како играат, но Ноле ми е најомилен“.
Нема сомнеж дека на Калин му претстои блескава иднината во тенисот, која во недела може преку ноќ да му постане стварност и да го лансира во тениското соѕвездие. Но, и ако тоа не се случи, тој цврсто верува дека евентуалниот неуспех нема да го поколеба да верува во себе или да потклекне пред разните искушенија кои ги носи младоста.
„Тенисот ми е приоритет во животот. Не знам што друго би правел, ако не играм тенис. Така што, нема опасност интересот да ми отиде во некоја друга насока “.

А, и вистинска штета би било тоа, ако се има во предвид колку години посветил на тенисот, од какви сè задоволства се откажувал во детството за да дојде до денешната позиција да важи за еден од фаворитите на Вимблдон. Затоа, на крајот, се навративме на почетокот:
„Јас почнав да играм тенис на четири години. Пред тоа играв фудбал, но бидејќи сестра ми тренираше тенис и јас се префрлив на него. Сериозно почнав да тренирам на девет години, кога се преселив во Виена, каде имав два тренери Иван Галиќ и Вјеран Фришчиќ. На 12 години отидов во близина на Кан во Франција, на академијата Муратоглу и таму останав две години. Потоа се преселив во Сплит, Хрватска и таму останав една и пол година со тренерот Марин Брадариќ. Од Сплит се преселив во Загреб и го сменив тренерот со Иван Цинкуш, кој пред мене му беше тренер на Марин Чилиќ, а и сега му е тренер. Мојот сегашен тренер, е поранешен тренер на Бернард Томиќ, Зофко“ – го заврши Калин, како што ни објасни, своето прво интервју на Вимблдон.
Го очекуваме второто-победничко, в недела!
Текст и фото од Вимблдон: Ненад Живановски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Германија ја детронизира Франција, Хрвастка на „мускули“ ја победи Унгарија
Ракометарите од Хрватска и Германија се пласираа во полуфиналето на Европското првенство. Првите избегнаа катастрофа против Унгарците со пресврт (27:25), вторите ја изненадија Франција во феноменален натпревар (38:34).
Хрватска – Унгарија 27:25 (13:15)
И покрај фактот дека беа во водство до последните 15 минути, избраниците на Чема Родригез потклекнаа во последната четвртина од натпреварот, што немаше никакво значење за нив.
Хрватска се мачеше против борбените Унгарци, успеа да го постигне толку посакуваниот пресврт и да го потврди пласманот меѓу четирите најдобри ракометни нации на Стариот континент, со серијата 7:1 во средината на второто полувреме, со која од минус четири се дојде до предност од два гола.
Најефикасни во победничкиот тим беа Лука Ловре Кларица, Давид Мандиќ, Марио Шоштариќ и Тин Лучин со по четири гола. Унгарците ги предводеа Бенце Имре (7) и Зоран Илиќ (5).
Германија – Франција 38:34 (19:15)
Во натпреварот што го одлучи тимот што обезбеди пласман во полуфиналето од првата група зад Данска, „панцерите“ направија изненадување и ги надиграа бранителите на трофејот во извонреден натпревар.
Во исто време, Франција остана без директен пласман на Светското првенство, што значи дека ќе мора да игра во квалификациите.
Предводени од Јури Кнор, Германците имаа водство од пет гола до почетокот на втората половина од играта, но противникот се разбуди во продолжението и им приреди на публиката во Хернинг трилер завршница.
Момците на Гисласон ги збија редовите и успеаја да го одбијат налетот на Французите.
Инспирираниот Кнор ја предводеше Германија со 10 гола, додека Дика Мем постигна гол повеќе на спротивната страна.
Доколку Данците ја победат Норвешка како што се очекува, ќе се натпреваруваат против Исланд во борбата за финалето. Ова значи дека втората двојка ќе биде Хрватска – Германија, додека Шведска и Португалија ќе играат во плејофот за петтото место.
Спорт
Пакета си ја исполни желбата, се враќа во Фламенго
Лукас Пакета го напушта Вест Хем и се враќа дома во Фламенго.
Како што беше најавено во текот на претходните недели, Пакета успеа да го натера Вест Хем да преговара и да добе обесштетување, од актуелниот шампион на Јуѓна Америка од 42.000.000 евра.
Ова е рекорден трансфер за бразилскиот клуб, а претходното најскапо засилување беше Самуел Лино, кој минатото лето, пристигна од Атлетико Мадрид за 22.000.000 евра.
Лукас Пакета сакаше да се врати во својот матичен клуб, во својот роден град, од кој замина како тинејџер во големиот Милан, како еден од најталентираните Бразилци, за дури 38.500.000 евра. Милан беше преголем залак, тој го напушти „Сан Сиро“ по само 18 месеци и замина во Лион за 23.000.000 евра.
Тој експлодираше во Лион, што беше причина Вест Хем да го купи по две години, во летото 2022 година, за 42.900.000 евра.
Пакета така се враќа во својот Рио по точно седум години, а навивачите подготвуваат спектакуларен пречек за најскапото засилување во историјата на клубот.
Треба да се напомене дека Пакета е во својот најдобар период, бидејќи има 28 години и ќе биде лидер на тимот на Фелипе Луис во борбата за сите трофеи.
Одигра 139 натпревари за Вест Хем, постигна 23 гола и додаде 15 асистенции.
Foto/ depositphotos
Спорт
Исланд се пласира во полуфиналето на ЕП
Ракометарите од Исланд обезбедија пласман во полуфиналето на Европското првенство со победа во директен дуел против Словенија со 39:31.
Познато е дека Словенците дојдоа на ова првенство ослабени, без цела една постава, но сепак успеаја да стигнат до последното коло во битката за полуфиналето.
Таму, сепак ќе игра, селекцијата на Исланд, која собра седум бода и сега зависи само од дуелот меѓу Хрватска и Унгарија дали ќе го освои првото или второто место во Групата 2.
Доколку Хрватска победи, ќе биде прва, а доколку одигра нерешено или загуби, Исланд ќе биде прв, а Хрватите би зависеле од дуелот меѓу Швајцарија и Шведска (20:30 часот).
На оваа средба, Словенија беше видливо исцрпена и само во првото полувреме го издржа темпото што го наметна противникот.
На 10 минути пред крајот, Исланд имаше максимални +8 и веќе беше јасно дека Словенија се збогува од борбата за медал.
Видарсон го предводеше Исланд со осум гола, додека Рикардсон и Магнусон постигнаа по седум.
Во словенечкиот тим, Новак беше најефикасен, со девет постигнати гола.
Во истиот временски интервал, но во натпревар од Група 1, Португалија ја победи Шпанија со 35:27.
Португалците моментално се на третото место во оваа група со пет бода, а Шпанците дефинитивно ќе бидат последни со само два.

