Спорт
Епска победа на Алкараз по четири и пол часа на Ролан Гарос

Новата шпанска тениска надеж Карлос Алкараз го „преживеа“ второто коло на Ролан Гарос, откако во епска битка од 4 часа и 34 минути, на крајот беше подобар од својот сонародник, Алберт Рамос-Вињолас, враќајќи се за 6:1/6:7(7)/5:7/7:6(2)/6:4 победа.
19-годишниот Алкараз се смета за најсериозен ривал на ветераните Новак Ѓоковиќ и Рафа Надал за титулата од Париз, откако оваа година имаше блескав скок во топ 10 во машкиот тенис, освојувајќи ги титулите во Рио во февруари и Мастерс 1000 трофеите од Мајами и Барселона.
Во најдолгиот меч во својата кариера, шестиот носител спаси меч-топка на 4:5 во четвртиот сет, по што во одлучувачкиот сет губеше со 3:0, пред да се врати за неверојатна победа.
Следен за Алкараз е подобриот од мечот помеѓу Себастијан Корда и Ришар Гаске, а тинејџерот може да се сретне со носителот на титулата, Ѓоковиќ, веќе во четврт-финалето, и со легендата на Ролан Гарос, Надал во полуфиналето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Трета жртва на Ковид-19 на Вимблдон: Баутиста-Агут мораше да се повлече

Проблемите за организаторите на престижниот тениски турнир Вимблдон ги создава коронавирусот. Откако пред два дена поради позитивни тестови на Ковид-19, Хрватот Марин Чилиќ и Италијанецот Матео Беретени мораа да го напуштат турнирот, трета жртва е шпанскиот тенисер Роберто Баутиста-Агут.
„Го известив Вимблдон за моето повлекување бидејќи сум позитивен на Ковид-19. За среќа, симптомите не се сериозни, но мислам дека ова е најдобрата одлука. Благодарам на поддршката и се надевам дека ќе се вратам бргу“, напиша Баутиста-Агут.
Шпанецот денеска во второто коло требаше да игра против Колумбиецот Галан-Риверос кој директно обезбеди пласман во следната рунда.
Спорт
Кошаркарите го одработија првиот тренинг во Сарагоса

Најдобрите македонски кошаркари изутринава го одработија првиот од трите предвидени тренинзи во Сарагоса, каде утревечер (19.30 часот) ќе го одиграат натпреварот од петтото квалификациско коло за пласман на Светскиот куп 2023, во кој за противник ја имаат селекцијата на Шпанија.
Селекторот Драган Бајиќ и неговите асистенти ги имаа на располагање сите 12 кошаркари на кои смета за утрешниот дуел со актуелниот бранител на светската круна.
Според првичниот план, нашата селекција ќе тренира и вечерва, во термин за кој е предвиден и натпреварот, од 19.30 часот. Многу веројатно е дека ќе се тренира и на денот на одигрување на натпреварот.
Спорт
Гризман уште една година на позајмица во Атлетико Мадрид

Францускиот интернационалец Антоан Гризман и следната сезона ќе игра во Атлетико. Клубот од Мадрид побара од Барселона да ја продолжи позајмицата за уште една година.
Доколку Гризман игра на повеќе од 50 проценти од натпреварите за Атлетико Мадрид, тогаш мадридскиот клуб ќе мора да го откупи за сума од 40 милиони евра.
Токму огромната плата на Французинот во моментот му прави огромни проблеми на Атлетико. На „Ванда Метрополитано“ пристигна белгискиот интернационалец Аксел Витсел на слободен трансфер, но тој не може да биде регистриран поради проблемите на клубот со финансискиот фер-плеј.