Спорт
ФБИ заплени неверојатна колекција на мотоцикли
Федералното биро за истраги (ФБИ) објави дека запленило голем број мотоцикли со проценета вредност од околу 40 милиони долари, во рација во Мексико.
Неверојатна колекција мотоцикли, вклучувајќи завиден број мотори од Мото ГП, беше запленета во Мексико. Меѓу нив, меѓу другите, се и мотоцикли што ги возеле Валентино Роси и Хорхе Лоренцо.
Во понеделникот, ФБИ покажа колекција од запленети мотоцикли за кои се верува дека му припаѓаат на еден од десетте најбарани криминалци, поранешниот канадски олимпиец Рајан Вединг.
Поранешниот канадски олимпиец е еден од најбараните криминалци, ФБИ верува дека тој моментално е во Мексико, а неодамна беше понудена награда од 15 милиони долари за информации што би довеле до негово апсење.
Во понеделникот, филијалата на ФБИ во Лос Анџелес објави фотографии од запленетите мотоцикли, вклучувајќи голем број мотоцикли од Мото ГП.
Тука се Дукати на Хорхе Лоренцо од 2018 година, Десмоседичи на Андреа Довициозо од 2019 година, два мотоцикли Дукати на Валентино Роси од 2011 и 2012 година и Мото 2 мотоциклот на Марк Маркез од сезоните 2011 и 2012 година. Исто така, има неколку Хонда 500cc, неколку Кавасаки Супербајкови.
Не е познато што ќе се случи со моторите сега откако се запленети.
This month, Mexican authorities executed multiple search warrants and seized a large number of motorcycles with an estimated value of approximately $40 million USD believed to be owned by FBI’s Top Ten Fugitive Ryan James Wedding. This successful seizure is a result of… pic.twitter.com/yessXdMYDV
— FBI Los Angeles (@FBILosAngeles) December 29, 2025
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Винисиус Жуниор сака многу години да остане во Реал
По убедливата победа на Реал Мадрид над Монако во Лигата на шампионите (6:1), Винисиус Жуниор се осврна на натпреварот и на својот настап, нагласувајќи дека играта на целиот тим е клучна за тој да ја покаже својата најдобра верзија.
Бразилскиот фудбалер, исто така, призна дека изминатите неколку дена му биле тешки поради критиките и свирежите од трибините. Против Монако, тој се истакна со две асистенции и еден гол.
„Секогаш сум во центарот на сè она што се случува, не сакам да бидам во центарот на вниманието поради работи надвор од теренот. Сакам да се зборува за мене поради она што го направив за овој клуб“, рече тој.
Свирежите на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ особено го погодија, вели тој. „Не сакам да слушнам свирежи во мојата куќа, каде што се чувствувам многу удобно. На последните натпревари не се чувствував удобно бидејќи ме свиркаа секој пат кога ќе направев нешто погрешно“.
Иако ги прифати критиките како дел од работата бидејќи навивачите „плаќаат многу скап билет“, тој јасно стави до знаење дека нема намера да отстапи од својот пат: „Го знам мојот потенцијал, знам колку далеку можам да одам. Тука сум за да продолжам да се подобрувам и секогаш се борам за овој клуб“.
На крајот испрати смирувачка порака за својата иднина во клубот. „Имам уште една година од мојот договор. Му верувам на претседателот, тој ми верува и ќе решиме сè во вистинско време. Нема брзање“, рече Винисиус, заклучувајќи дека сака да остане во Мадрид долго време.
Винисиус е во Реал од 2018 година и освои сè што е можно со клубот. Во 352 натпревари, постигна 113 гола и асистираше за 94.
Foto/ depositphotos
Спорт
Запалена статуата на Кристијано Роналдо на островот Мадеира
Полицијата на португалскиот остров Мадеира е во потрага по маж кој ја запали статуа на Кристијано Роналдо, го снимил неговиот чин и го објавил на интернет. Инцидентот се случил во Фуншал, главниот град на Мадеира и родното место на Роналдо.
На видеото се гледа како млад човек истура запалива течност врз бронзена реплика на фудбалерот и ја пали со запалка. Потоа танцува на рап музика. Видеото завршува со тоа што тој покажува среден прст на статуата.
Видеото е снимено во вторник наутро во музејот CR7 и објавено на профилот на Инстаграм под корисничкото име „zaino.tcc.filipe“, каде што авторот е опишан како „личност, фристајлер и локален човек“.
Тој оставил порака со видеото: „Ова е последното предупредување од Бога“.
Во времето на објавувањето, не беше познато дали статуата претрпела трајна штета. Иако пожарот првично се проширил, пламенот брзо бил изгаснат. Патем, статуата веќе беше цел на вандали во 2016 година, кога беше оштетена од навивачите на Лионел Меси.
Бронзената статуа, висока околу 3,3 метри, беше откриена кон крајот на 2014 година во Фуншал, а на церемонијата присуствуваа самиот Роналдо и неговото семејство.
„Ова е многу посебен момент, да имам моја статуа“, изјави тогаш славниот фудбалер.
Во јануари 2016 година, откако Меси ја освои својата петта Златна топка, вандалите напишаа „Меси 10“, со црвена боја на грбот на статуата.
По тој инцидент, статуата беше преместена на нејзината сегашна локација, веднаш до музејот на Роналдо.
Портпаролот на Музејот CR7 потврди дека полицијата се занимава со случајот. Полициски извор во Фуншал им изјави на локалните медиуми: „Сторителот на ова злосторство е идентификуван. Тој е познат овде поради слични претходни ситуации“.
Спорт
Трипл-дабл на Дончиќ, Лејкерси го победија Денвер
Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс славеа како гости кај Денвер Нагетс – 115:107.
Дејвид Аделман не можеше да смета на Никола Јокиќ и уште неколку играчи, ддодека Остин Ривс отсуствуваше кај „езерџиите“.
Лука Дончиќ беше најефикасниот поединец на средбата со 38 поени, 13 скока и 10 асистенции. Ова беше негов 52-ри трип дабл со најмалку 30 поени, сега има еден повеќе од Никола Јокиќ, додека прв на оваа листа е Оскар Робертсон со 106.
Леброн Џејмс го испрати и со одлично забивање го одби последниот налет на домашниот тим. Тој имаше 19 поени, девет скока и осум асистенции.
Џамал Мареј се истакна за Нагетс со 28 поени, 11 асистенции и два скока. Арон Гордон додаде 18, со пет асистенции и четири скока, Пејтон Вотсон постигна 18, со пет скока и три асистенции, а Спенсер Џонс имаше 16 поени и пет скока.
Нагетс го диктираа темпото на играта и водеа во текот на целото прво полувреме, држејќи двоцифрена предност.
Тие стекнаа максимална предност од 16 поени во третата четвртина, но до крајот на овој период, Лејкерси ја стопија таа разлика и се приближија на посед до противникот.
Пресвртот на средбата се случи во последната четвртина, кога гостите направија серија од 12:0 од која Денвер не можеше да се опорави.
Лејкерси сега имаат скор од 26-16, седми на Западот, додека Нагетсите се трети со скор од 29-15.

