Спорт
Ферстапен: 50-50 се моите шанси да ја освојам титулата

Макс Ферстапен победи на последните две трки во шампионатот на Формула 1 и ја намали разликата на 69 поени во однос на лидерот Оскар Пјастри, возач на Мекларен.
Двете победи на Холанѓанецот, повторно ја разгоре приказната за тоа дали, четирикратниот светски шампион би можел да влезе во борбата за титулата.
Кога беше прашан за тоа пред Големата награда на Сингапур, Макс имаше интересен одговор.
„Моите шанси се 50 проценти. Или ќе ја освојам или нема.“
Холанѓанецот славеше во Монца и Баку и се надева на слично сценарио во Сингапур.
„Тимот заврши одлична работа. Имам автомобил, кој повторно е конкурентен. Верувам дека можеме да постигнеме добар резултат во Сингапур“, рече Ферстапен.
Интересно е што и другите возачи беа прашани како ги гледаат шансите на Макс во борбата за возачите на Мекларен. Леклерк му даде 20 проценти, Алекс Албон 15, а Исак Хајар само 10 проценти шанси да ја одбрани титулата.
Фото/ Принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Преку глава им е од тренерот – Навивачите на Форест побараа Постекоглу да биде отпуштен

Ангелос Постекоглу беше во својот 24-ти ден како менаџер на Нотингем Форест кога Митјиланд дојде на „Градскиот стадион“, во четврток вечерта. Речиси три децении, точно 29 години, навивачите чекаа европски натпревар на нивниот стадион. Натпреварот заврши со скандирањето „утре ќе добиеш отказ“.
За само 24 дена и шест натпревари, Постекоглу успеа да стане најлошиот менаџер во историјата на Нотингем Форест.
Тој е првиот менаџер по сто години кој не успеа да забележи ниту една победа во првите шест натпревари. Навивачите веќе немаат трпение, причина е поразот од Митјиланд (2:3).
„Навивачите се разочарани. Секако дека можат да го имаат своето мислење. И јас го слушнав“, рече Постекоглу по натпреварот. „Ништо не ме изненадува во фудбалот. Тоа е климата во која живееме и работиме и насоката во која оди сè, не можеме ништо да направиме во врска со тоа“, додаде тој.
Скандирањата „утре ќе добиеш отказ“ започнаа по третиот гол на гостите, а потоа, помеѓу тоа и свирежите, фановите го скандираа името на Нуно Еспирито Санто.
Нуно го водеше Форест до седмото место во Премиер лигата, но несогласувањата со сосптвеникот Маринакис, беа причината да добие отказ. Минатата недела тој доби работа во Вест Хем.
Нотингем Форест, в недела ќе гостува кај Њукасл во Премиер лигата.
Спорт
Ренџерс израмнија негативен рекорд стар 128 години

Екипата на Глазгов Ренџерс доживеа пораз и во второто коло од Лигата на Европа. По Генк и Штурм беше подобар од тимот од „Ајброкс“, но она што дополнително ги повреди сите во клубот е фактот дека оваа генерација изедначи рекорд стар 128 години.
Кога во седмата минута Хорват му донесе водство на Штурм, тој веќе го означи израмнувањето на негативниот рекорд на клубот. Ова беше 22-ри натпревар по ред во кој Ренџерс не успеа да го одбранат својот гол.
Последен пат тоа се случи во 1897 година, а серијата од 22 натпревари во кои голманите на Ренџерс не успеаја да ја одбранат својата мрежа траеше од 1895 до 1897 година. Тоа беше две децении откако беше основан клубот.
Розите не цветаат за Ренџерс ниту во шкотската Премиер лига – во шест натпревари имаат само една победа и само четири бода. Со негативна гол-разлика, пет постигнати и шест примени гола.
Спорт
Со Трионда ќе се игра Мундијалот во 2026 година

Официјачна промоција имаше топката што ќе се користи на Светското првенство во 2026 година во САД, Канада и Мексико.
Топката создадена од Адидас го симболизира единството на трите нации – САД, Канада и Мексико, домаќините на првенството, но исто така носи и важен технолошки исчекор.
Нејзиниот напреден сензор работи на фреквенција од 500 херци во секунда и ги евидентира сите детали од движењето во реално време.
Информациите се испраќаат до ВАР системот и се комбинираат со податоци за позициите на играчите, давајќи им на судиите поточни информации, што значи дека одлуките ќе се носат со поголем степен на сигурност.
Благодарение на оваа иновација, начинот на судење во најголемото фудбалско натпреварување би можел да се промени на подобро засекогаш.
Самото име Трионда е комбинација од зборовите „Три“ и „Онда“ (бран на шпански), што ја симболизира поврзаноста на трите нации преку спортот.
Секоја страна од топката ги носи боите на своите домаќини, црвена, зелена и сина, кои се спојуваат во центарот на панелот за да формираат триаголник, како симбол на единство и заедништво.
Дополнително, тука се и националните симболи на овие земји, ѕвездата за САД, јаворовиот лист за Канада и орелот за Мексико.
Мотивите се исто така врежани во релјеф на површината на топката, што придонесува за нејзиниот уникатен изглед и функционалност, а додавањето на златни детали е почит кон трофејот од Светското првенство.
Покрај дизајнот, Трионда се издвојува и по својата техничка конструкција. Составена е од четири панели со длабоки рабови и релјефни линии кои ја зголемуваат стабилноста и прецизноста во контролата на топката.