Спорт
Ферстапен ја освои Монца пред возачите на Мекларен
Холанѓанецот Макс Ферстапен, четирикратен последователен светски шампион, убедливо триумфираше во трката за Големата награда на Италија по 53 круга на патеката во Монца.
Возачот на Ред Бул водеше од почетокот до крајот, откако ја започна трката од пол-позицијата, и ја забележа 66-тата победа во својата кариера и третата во оваа сезона.
Подиумот го пополнија возачите на Мекларен, Британецот Ландо Норис ја помина целта втор, а Австралиецот Оскар Пјастри трет.
Кулминацијата на нивниот дуел се случи помеѓу 47-от и 49-от круг – Пјастри го престигна Норис кој изгуби многу време во префрлањето на меки гуми, дури 5,9 секунди, што не беше план на тимот од Вокинг.
Пјастри, лидерот во генералниот пласман, направи предност од речиси две секунди, по што дојде наредба од тимот да го пропушти Норис.
Во целта и Шарл Леклер односни=о Џорџ расел ги задржаа позициите што ги имаа на стартот, четврти и петти. Зад нив следуваа Луис Хамилтон, Алекс Албон, Габриел Бортолето, Кими Антонели и Исак Хаџар.
Најбрзиот циркус во светот се сели во Азербејџан за две недели, а пред возачите во светското првенство е градска трка низ улиците на Баку.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Кеш доби нов договор
Еден ден откако го водеше својот тим до победа против Манчестер Сити, Мети Кеш потпиша нов договор со Астон Вила.
Како што потврди клубот, Кеш го продолжи договорот до јули 2029 година. Актуелниот договор му истекуваше во јули 2027 година, а клубот се обиде да избегне каква било можност Кеш да влезе во последната година од договорот со некои неизвесности.
Мети Кеш пристигна во Астон Вила од Нотингем Форест во септември 2020 година. Тој сега се приближува до својот 200-ти натпревар за Вила. Досега одигра 193 натпревари.
Голот што го постигна против Манчестер Сити е негов втор оваа сезона и 12 за клубот.
Спорт
Скандал го тресе турскиот фудбал
Турската фудбалска федерација (ТФФ) покрена дисциплинска постапка, откако резултатите од петгодишна истрага покажаа дека 371 од 571 судии во таа земја имаат налози за обложување, а 152 од нив активно се обложуваат.
Овие статистики ги вклучуваат и оние кои се обложувале само еднаш, иако е откриено дека 42 од нив имале уплати на повеќе од илјада натпревари, а „рекордерот“ меѓу нив се обложувал на дури 18.227 типови.
Претседателот на ТФФ, Ибрахим Хаџиосманоглу, не ги именуваше, но објави дека ќе биде покрената постапка против седум главни и 15 помошни судии од првите два ранга, како и 36 класифицирани судии и 94 помошници од пониските натпреварувачки нивоа.
Според правилата на ТФФ, тие се соочуваат со суспензија од една година, но член 27 од Етичкиот кодекс на ФИФА наметнува многу построга казна, 100.000 швајцарски франци и тригодишна забрана од какви било фудбалски активности.
По повод овој скандал, афирмативни пораки испратија бројни турски клубови, меѓу кои и Фенербахче, Бешикташ и Трабзон.
Спорт
(Видео) Јокиќ со нов трипл-дабл и Мареј со 43 поени ја срушија Минесота
Џамал Мареј постигна 43 поени, додека Никола Јокиќ запиша нов трипл-дабл, во победата на Денвер Нагетс над ослабениот тим на Минесота Тимбервулвс со 127:114.
Минесота беше без својата најголема ѕвезда, Ентони Едвардс, кој ќе отсуствува најмалку една недела поради повреда на тетивата заработена против Индијана.
Резервата Џејлен Кларк исто така беше надвор од игра, поради проблеми со листот на левата нога.
Јокиќ го заврши натпреварот со 25 поени, 19 скока и 10 асистенции, остварувајќи го својот трет трипл-дабл во три натпревари оваа сезона. Српскиот центар сега има вкупно 167 трипл-дабл во кариерата, што го прави трет на листата на сите времиња во НБА.
„Џокерот“ беше речиси непогрешлив во шутот, промаши само еден од десетте обиди од поле, но не се обиде ниту еден за тројка.
Мареј погоди 16 од 29 шута, вклучувајќи пет тројки, Нагетс постигнаа 45 поени во третата четвртина, од кои Канаѓанецот имаше 23, со што ја надомести негативата од осум поени на полувремето.
Тим Хардавеј Џуниор додаде 20 поени, додека Пејтон Вотсон уфрли 12 за Денвер.
За Тимбервулвс, Џејден МекДениелс беше најефикасен со 25 поени, Џулиус Ранд додаде 24, а Наз Рид додаде 18.
НБА, резултати:
Детроит – Кливленд 95:116
Филаделфија – Орландо 136:124
Чикаго – Атланта 128:123
Хјустон – Бруклин 137:109
Њу Орлеанс – Бостон 90:122
Сан Антонио – Торонто 121:103
Далас – Оклахома 94:101
Јута – Феникс 138:134
Минесота – Денвер 114:127
Голден Стејт – Мемфис 131:118
ЛА Лејкерс – Портланд 108:122

