Спорт
Ферстапен трета година по ред победи во Јапонија
Макс Ферстапен е победник на трката за Големата награда на Јапонија. На патеката Сузука, Холанѓамецот победи пред тимскиот колега Серхио Перез и победникот од минатата трка во Австралија, Карлос Саинц од Ферари.
Трикратниот светски шампион трета година по ред славеше во Јапонија и со тоа ја забележа 57-та победа во кариерата. Со третата победа во првите четири трки оваа сезона Ферстапен е лидер во генералниот пласман.
Најблиску до бранителот на титулата беше неговиот тимски колега Серхио Перез, додека возачот на Ферари, Карлос Саинц Јуниор беше на третото скалило на подиумот. На овој начин, Шпанецот стигна до подиумот и на третата трка сезонава. Саинц во Саудиска Арабија не возеше поради операцијата на слепото црево.
Во битката за победа на легендарната патека немаше возбуда, бидејќи Ферстапен водеше од почетокот до крајот, исклучок се неколкуте кругови кога беше во боксот. Ривалите на Ред Бул се обидоа да го предизвикаат Перез со различни стратегии при одењето во бокс, но всушност Мексиканецот на крајот беше недопирлив за сите освен за неговиот тимски колега.
Најлоша стратегија имаше Мекларен. Раните заминувања во боксот им ја уништија трката на Ландо Норис, кој стартуваше од третото место и Оскар Пјастри.
На крајот Норис заврши на петтата, а Пјастри на осмата позиција.
Пласман на трката за ГН на Јапонија: Ферстапен, Перез, Саинц, Леклер, Норис, Алонсо, Расел, Пјастри, Хамилтон, Цунода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Душан Влаховиќ доживеал сериозна повреда
Фудбалерот на Јувентус, Душан Влаховиќ, го очекува долга пауза поради повредата со која се здоби викендов, против Каљари.
Влаховиќ се повреди пред два дена на натпреварот од 13-то коло од Серија А помеѓу Јувентус и Каљари (2:1), поради што беше заменет во 31-та минута. Клубот со соошштение се огласи во јавноста потврди дека повреда е сериозна, но не прицирира колку ќе отсуствува напаѓачот.
„Газета дело Спорт“, тврди дека повредата е многу сериозна и дека напаѓачот нема да може да тренира или игра најмалку три месеци.
Авторот на текстот проценил дека тоа би значело дека Влаховиќ ќе пропушти вкупно помеѓу 14 и 18 натпревари во сите натпреварувања во кои учествува Јувентус: Серија А, Куп на Италија и Лига на шампиони.
Отсуството на Влаховиќ ќе биде голем удар и за самиот играч и за Јувентус, за кого одигра 17 натпревари во сите натпреварувања оваа сезона и постигна шест гола.
Спорт
(Видео) Дуран во 95-та минута спречи пораз на Фенербахче од Галатасарај
Во азискиот дел на Истанбул се одигра 281-то интерконтинентално дерби. На стадионот „Шукру Сараџоглу“, Фенербахче и Галтасарај одиграа 1:1 (0:1).
Голот за гостите од европскиот дел беше заслуга на Лерој Сане во 27-та минута. Германскиот репрезентативец го совлада Едерсон, поранешен соиграч од Манчестер Сити.
Џокерите од клупата на Џовани Тедеско, Левент Мерјан и Колумбиецот Џон Дуран се заслужни за нерешениот резултат. Во 95-та минута тие креираа акција по која Колумбиецот го постави конечниот резултат.
На табелата по 14 рунди води актуелниот првак Галатасарај со 33 поени, еден повеќе од Фенербахче и два од Трабзон.
Foto/ EPA
Спорт
Лубослав Пенев се бори за живот
Лубослав Љубо Пенев (59) е тешко болен и се бори за живот на онколошка клиника во Германија.
Легендарниот бугарски фудбалер беше хоспитализиран минатата недела, по што беа извршени детални прегледи и резултатите воопшто не се добри. Му беше дијагностициран рак на бубрезите.
Пенев е во животно-загрозувачка состојба. Бугарските медиуми објавуваат дека ослабел, дека неговото тело е многу исцрпено и дека хемотерапијата затоа не е опција. Семејството Пенев апелираше до јавноста за помош:
„Денес, една од најголемите бугарски легенди се бори за живот. Лубослав Пенев ни даде победи, гордост и сила – сега мора да му дадеме надеж. Ве молиме, да застанеме рамо до рамо и да му подадеме рака на човекот кој никогаш не престана да дава за Бугарија“, се наведува во пораката што брзо се прошири низ Бугарија и регионот.
Ова е втор пат Пенев да се бори со подмолната болест. Во пролетта 1994 година, му беше дијагностициран рак на тестисите, поради што го пропушти Светското првенство во САД.
Лубослав Пенев ја започна својата кариера во ЦСКА од Софија, каде што доби статус на клупска легенда. Потоа играше за гиганти како Валенсија и Атлетико Мадрид.
Одигра 62 натпревари за репрезентацијата и постигна 14 гола. По завршувањето на кариерата, остана во фудбалот. Се посвети на тренерската работа и во периодот од 2009 до 2024 година раководеше со голем број бугарски клубови, три години беше селектор на репрезентацијата (2011-14), а кратко работеше и како тренер на „Б“ тимот на Валенсија.
Последниот ангажман му беше со Локомотива од Пловдив минатата година.
Фото/ ЕПА

