Спорт
ФФМ одлучи: Вардар шампион, Силекс во ЛШ, Шкендија, Ренова и Шкупи во ЛЕ!
По седницата на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се потврдија учесниците во европските натпреварувања во 2020/21, во потврда дека Силекс ќе игра во квалификациите за Лигата на шампиони, додека Шкендија, Ренова и Шкупи ќе настапат во квалификациите на Лига Европа.
Овој епилог е откако не се доигра Купот на Македонија, преку кој требаше да се одреди еден од учесниците во ЛЕ, и откако Вардар втора година во низа не успеа да добие европска лиценца за натпреварување, иако беше на првото место на табелата.
ФФМ во своето соопштение ги образложува своите одлуки:
„На седницата на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија беа донесени следните одлуки:
– Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го прифати предлогот од Комисијата за натпреварување во однос на замрзнатата табела на МФЛ од натпреварувачката сезона 2019/2020 година по одиграно 23. коло од Прва МФЛ и 17. коло од Втора МФЛ со која првопласираните екипи од Втора МФЛ – Исток и Втора МФЛ – Запад се промовирани во Прва МФЛ од натпреварувачката сезона 2020/2021 и ФК Вардар како првопласиран тим во натпреварувачката сезона 2019/2020. Иако, како првопласираната екипа, ФК Вардар доби можност да учествува во квалификациите од УЕФА Лига на Шампиони, поради недобиената лиценца за УЕФА натпреварувања, ФК Вардар нема можност да го искористи правото кое му следува како првопласирана екипа за натпреварувачка 2019/2020.
– Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија го прифати предлогот од Комисијата за натпреварување во однос на екипите кои обезбедуваат право за учество во УЕФА натпреварување во сезона 2020/2021. Врз основа на податоците и замрзнатата табела на Прва МФЛ во натпреварувачката сезона 2019/2020 по одиграно 23. коло, Комисијата за натпреварување предложи, а У.О. на ФФМ прифати, со право за учество во УЕФА натпреварување во сезона 2020/2021 да се стекнат екипите на: ФК Силекс АД – Кратово – УЕФА Лига Шампиони, ФК Шкендија АД Тетово – УЕФА Лига на Европа, ФК Ренова АД Џепчиште – УЕФА Лига на Европа, а поради прекин на Куп натпреварувањето и неможноста да се добие победник во Купот на Македонија, правото на Куп победникот за натпреварување во УЕФА Лига на Европа, согласно УЕФА правилата, се пренесува на последователното најдобро рангираната екипа во првенството која не остварила пласман за УЕФА. Комисијата за натпреварување констатираше, а У.О. на ФФМ го прифати предлогот дека последователно најдобро рангирана екипа во првенството по одиграно 23. коло на замрзнатата табела од Прва МФЛ е петто пласираната екипа, односно екипата на ФК Шкупи 1927 АД Скопје која се стекнува со право на настап во УЕФА Лига на Европа.
– Управниот одбор на ФФМ го усвои календарот за натпреварувачката сезона 2020/2021. Согласно календарот за натпреварување, Прва МФЛ ќе започне на 9. август 2020 година, додека на 22. август ќе стартува новата сезона од Втора МФЛ. Шеснаесет финалните натпревари од Купот на Македонија ќе започнат на 23. септември 2020.
– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука летниот преоден рок да трае цели дванаесет седмици, односно летниот преоден рок ќе заврши на 6. септември 2020. година.
– Управниот одбор на ФФМ донесе одлука за промена на терминот на одржување на Редовното Годишно Собрание на ФФМ. Доколку условите дозволуваат, 12. јули 2020 година ќе биде датумот на одржување на Редовното Годишно Собрание на ФФМ.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Вулверхемптон не се предава, го победи Ливерпул
Фудбалерите на Вулверхемптон, приредија уште една сензација во Премиер лигата. Откако одиграа 2:2 со Арсенал, успеаја да го победат Ливерпул со 2:1 (0:0) во 29-то коло од Премиер лигата.
Ливерпул пропушти шансата да се искачи на третото место, во самиот финиш „црвените“ израмнија, благодарение на Мохамед Салах, но домаќините го зададоа последниот удар.
Мрежите мируваа до самиот крај на натпреварот, кога домашните први се заканија и поведоа во 78-та минута, кога Родриго Гомес погоди за 1:0.
Ливерпул брзо одговори, само пет минути подоцна, израмни Салах.
Иако се чинеше дека тоа ќе биде конечниот резултат, Вулверхемптон успеа да ги изненади гостите од Ливерпул во судиското продолжение. Беше 94-та минута Андре го совлада Алисон и му обезбеди триумф од 2:1 на својот тим.
Последнопласираната екипа на табелата, која и по вечервашната победа има само 16 бода, покажа квалитет и силен карактер, и сосема заслужено го победи актуелниот шампион на Англија.
Ливерпул разочара и остана на петтата позиција со 48 бода, со три бода помалку од Астон Вила и Манчестер Јунајтед, директни конкуренти во борбата за пласман во Лигата на шампионите следната сезона.
Премиер лига, 29-то коло
Вторник:
Борнмут – Брентфорд 0:0
Евертон – Барнли 2:0 (1:0)
(Тарковски 32, Дјусбери-Хол 60)
Лидс – Сандерленд 0:1 (0:0)
(Дијара 70п)
Вулверхемптон – Ливерпул 2:1 (0:0)
(Гомес 78, Андре 90+4 – Салах 83)
Среда:
20.30 Астон Вила – Челзи
20.30 Брајтон – Арсенал
20.30 Фулам – Вест Хем
20.30 Манчестер Сити – Нотингем Форест
21.15 Њукасл – Манчестер Јунајтед
Четврток:
21.00 Тотенхем – Кристал Палас
Спорт
Вардар 1961 избори место во осминафиналето во Лига Европа
Ракометарите на Вардар 1961 ја победија Бенфика во Лига Европа со 33:27 и обезбедија место во осминафиналето во ова натпреварување. Црвено-црните можат и до директен пласман во четвртфиналето, доколку во последната рунда не загубат во Мелсунген.
Вардар 1961 44 минути ја бркаше негативата од пет гола, од првиот меч во Лисабон. Имаа црвено-црните четири гола предност во првито дел, но Бенфика успеа да се консолидира и на полувреме се замина со резултат 15:14.
Црвено-црните подобро го отворија и вториот дел, потребната предност ја стекнаа во 44-та минута, а веднаш потоа се одлепија и на седум гола (27:20).
Бенфика се обиде да се врати во мечот, имаа Португалците 28:24 во 55-та минута, но Вардар 1961 го одби тој напад и на крајот славеше со шест гола.
Малус со девет и Воркапиќ со осум гола го предводеа Вардар 1961 до големата победа.
Foto/ rkvardar.com.mk
Спорт
(Видео) Барселона победи, Атлетико оди во финалето
Барселона, во полуфиналниот реванш во Купот на Кралот, го победи Атлетико Мадрид со 3:0, но не успеа да се пласира во финалето. Пресудна се покажа предноста на „јорганџиите“ од првиот меч (4:0). Барселона нема да го брани трофејот, а Атлетико се пласира во своето прво финале по 2013 година.
Реваншот на „Камп Ноу“ се одвиваше според предвиденото сценарио. Барселона константно вршеше притисок кон голот на Хуан Мусо (се истакна Аргентинецот со неколку изворедни одбрани), а Атлетико своите шанси ги бараше во контранападите.
Домашните фудбалери упатија 21 удар кон голот на Мусо, девет од нив одеа во рамките на голот, изведоа 14 корнери, но постигнаа само три гола. Атлетико, упати осум удари кон голот на Џоан Гарсија, два од нив во рамките на голот.
Бедемот на Атлетико беше непробоен до 30-та минута, кога Јамал испрати центаршут, а на два метри од голот Брнал, кој остана сам ја спроведе топката до мрежата. На истекот на првиот дел, голема шанса за Атлетико промаши Лукман, а во следниот напад Барселона доби пенал. Сигурен реализатор беше Рафиња.
Имаше Барселона неколку панси во вториот дел, Мусо беше одличен на голот, но капитулираше во 72-та минута кога повторно погоди Бернал.
До крајот двата тима имаа свои шанси кои не ги реалзиираа.
Атлетико во финалето ќе игра против победникот од баскиското дерби меѓу Реал Сосиедад и Атлетик Билбао. По првиот меч Сосиедад има предност 1:0.
Foto/ EPA

