Спорт
Флавио Бријаторе се враќа во Формула 1
Поранешниот шеф на Рено, Флавио Бријаторе, ќе преземе советодавна улога во Алпин и ќе се врати во Формула 1. Бријаторе се повлече пред 14 години, кога поднесе оставка во Рено поради вмешаноста во скандалот за Големата награда на Сингапур во 2008 година, што беше откриено две години по трката.
Изминатите неколку недели се шпекулираше дека Италијанецот ќе се врати во Формула 1.
„Алпин може да потврди дека Флавио Бријаторе е назначен од извршниот директор на Групацијата Рено, Лука де Мео, за нејзин извршен советник за Формула 1. Бријаторе првенствено ќе се фокусира на највисоките нивоа на тимот, вклучувајќи скаутинг и проценка на пазарот на возачи, промени на постоечките проекти и проценка на сегашната структура и советување за стратешки прашања во спортот“, се вели во краткото соопштение на Алпин.
Бријаторе ги предводеше тимовите на Бенетон и Рено до нивниот најголем успех во Формула 1, бидејќи под негово водство Михаел Шумахер беше незапирлив во 1994 и 1995 година, а потоа и Фернандо Алонсо во 2005 и 2006 година. Сепак, неговиот мандат во францускиот тим заврши со еден од најголемите скандали во историјата на Формула 1
Тој првично беше казнет доживотно од ФИА поради неговата вмешаност во скандалот „Крашгект“.
Бријаторе беше обвинет дека, во текот на трката за ГН на Сингапур во 2008 година му наредил на Нелсон Пике јуниор да удри во ѕидот и на тој начин да предизвика безбедносното возило да излезе на патеката за да му помогне на неговиот тимски колега Фернандо Алонсо да победи.
Кога доби отказ во Рено, Пике ги откри сите детали за скандалот што ја потресе Формула 1. И покрај тоа што Бријаторе беше осуден на доживотна забрана, неговата жалба пред францускиот Врховен суд беше уважена, бидејќи беше утврдено дека таму имало одредени несовпаѓања во казните кои им беа изречени и на Бријаторе и на Пет Симондс, кој првично беше казнет со суспензија од пет години.
И покрај тој скандал, Бријаторе не ја напушти целосно Формула 1. Тој сè уште е еден од менаџерите на Алонсо, а има и одредена улога во организацијата на Големата награда на Азербејџан.
Она што е интересно е фактот дека ангажирањето на искусениот Италијанец доаѓа во време кога Алпин ја разгледува можноста да ја напушти Формула 1 како производител на мотори.
Очигледно, францускиот тим сака да влезе во партнерство со некој од останатите конструктори од 2026 година, кога започнува новата ера на Формула 1, а се чини дека прв пик за ова е Мерцедес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чешка го слави 19-годишниот Методеј Јилек
Со спектакуларно лизгање, Методеј Јилек и го донесе вториот златен медал за Чешка на Зимските олимписки игри во Милано.
Во трката на 10.000 метри во брзо лизгање, тој ја запре штоперицата на 12:33,42 и го постигна најубедливиот триумф во досегашниот тек од натпреварите во оваа дисциплина.
За чешкиот тинејџер, кој има само 19 години, ова е втор медал во Милано. Тој веќе го освои среброто на 5.000 метри.
Во сенка на сензационалниот Чех остана Полјакот Владимир Семируниј, кој стигна до среброто со заостанување од 5,65 секунди, додека бронзата му припадна на ветеранот, 40-годишниот Холанѓанец, Јорит Бергсм.
Foto/ EPA
Спорт
Игор Тудор ќе го води Тотенхем
Хрватскиот тренер Игор Тудор се согласи да ја преземе клупата на Тотенхем како привремено решение до крајот на сезоната. Тудор доаѓа откако Томас Франк беше отпуштен претходно оваа недела по лошата серија резултати што го остави клубот на 16-то место во Премиер лигата, само пет бода над зоната за испаѓање.
Извори велат дека одборот на Спарс сакал да назначи привремен менаџер пред играчите да се вратат на тренинзите во понеделник.
Последниот ангажман на Тудор беше во Јувентус, каде што помина седум месеци. Тој го презеде тимот во март минатата година како привремен тренер и забележа само еден пораз во девет натпревари до крајот на сезоната, обезбедувајќи му мест на клубот во Лигата на шампионите. Тој успех му донесе долгорочен договор.
Откако беше елиминиран во осминафиналето на Светското клупско првенство од Реал Мадрид, Јувентус ја отвори сезоната во Серија А со три победи, но следеше серија од осум натпревари без победа во сите натпреварувања. Тој беше отпуштен во октомври 2025 година по поразот од Лацио, оставајќи го клубот на осмото место на табелата.
Сепак, ситуацијата за следната сезона сè уште не е целосно дефинирана. Италијанскиот новинар Фабрцио Романо наведува дека Роберто Де Зерби и Маурисио Покетино се главните кандидати за трајно решение на клупата на Тотенхем по завршувањето на актуелната сезона.
Тудор го презема тимот во деликатен момент, со задача да го стабилизира тимот и да го извлече максимумот од сезоната, додека раководството ќе донесе конечна одлука за долгорочниот проект на лето.
Foto/ depositphotos
Спорт
Брентфорд го продолжи договорот со Игор Тијаго
Бразилскиот фудбалер Игор Тиаго го продолжи договорот со Брентфорд, објави англискиот клуб.
Со новиот договор, Тиаго би можел да остане во редовите на Премиер лигата до летото 2031 година, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона.
Веста за продолжувањето доаѓа откако Премиер лигата го прогласи за најдобар играч во јануари. Тиаго постигна пет гола на пет натпревари во јануари, со што ја освои наградата за најдобар играч на месецот во Премиер лигата по втор пат оваа сезона.
Во тој период, Брентфорд забележа две победи, едно реми и два порази, и моментално е на седмото место на табелата во Премиер лигата со 40 бода.
Тиаго (24) пристигна во Брентфорд во 2024 година од Клуб Бриж, а пред тоа играше за Лудогорец и Крузеиро.
Бразилскиот фудбалер одигра 26 натпревари за англискиот клуб во сите натпреварувања оваа сезона и постигна 18 голови.
Foto/ depositphotos

