Спорт
Французите го отпуштија селекторот Динар

Ракометниот сојуз на Франција му врачи отказ на селекторот Дидие Динар и веднаш на функцијата го постави Гијом Жил.
Франција под водство на Динар доживеа дебакл на 14 Европско првенство. „Триколорите“ не успеаја да ја минат првата фаза, во која беа поразени од Португалија и Норвешка, а успеаја да ја победат само Босна и Херцеговина.
Динар ја презеде Франција во 2016 година. Во својот мандат успеа да ја освои светската титула во 2017 година, додека на ЕП во 2018 и СП во 2019 година стигна до третите места.
Жил ќе ја предводи Франција во квалификациите за Олимписките игри во Токио. Квалификацискиот турнир на кој Франција ќе биде домаќин ќе се одигра од 17 до 19 април.
Покрај Франција на турнирот ќе настапат Португалија, Тунис и Хрватска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Обамејанг шоу против Гамбија – Постигна четири гола и доби црвен картон

Со убедлива победа на гости против Сејшелите, фудбалерите на Брегот на Слоновата Коска се доближија до пласман на Светското првенство, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада од 11 јуни до 19 јули следната година.
Брегот на Слоновата Коска се први на табелата во групата Ф, попладнево победија со 7:0 против Сејшелите со головите на Сангаре (7-11м), Агбаду (17), Диаките (32), Гесанд (39), Диоманде (55), Адингра (67) и Кеси (90).
„Слоновите“ сега имаат 23 бода, еден повеќе од Габон, кој ја победи Гамбија со 4:3 како гостин во натпревар полн со пресврти. Габон водеше со 1:0 и 2:1, Гамбија направи пресврт на 3:2, но на крајот Габон сепак победи со 4:3.
Сите четири гола за Габон ги постигна ветеранот Пјер-Емерик Обамејанг (20, 42, 62, 78), но беше исклучен во 85-та минута поради втор жолт картон, додека стрелци за Гамбија беа Минтех (23) и Сидибех (45+2, 47).
За четири дена, Брегот на Слоновата Коска ќе има можност да го обезбеди Светското првенство со победа дома против Кенија, додека Габон, со победа против Бурунди, ќе мора да чека кикс на „Слоновите“, за да го обезбеди своето историско прво патување на Светското првенство.
Спорт
Младата репрезентација со пресврт до победа над Ерменија

Младата македонска фудбалска репрезентација ја забележа првата победа во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2027 година.
Попладнево во Скопје, Македонија ја победи соодветната селекција на Ерменија со 2:1. Херој на победата беше стрелецот на двата гола, Димитар Трајков.
Македонските надежи со пресврт во второто полувреме дојдоа до првите бодови во Е групата. Ерменците имаа предност од 38-та минута кога погоди Ховханисијан.
Пресвртот го режираше напаѓачот на Работнички, Трајков, со головите во 54-та и 83-та минута.
Фото/ Фудбалска федерација на Македонија
Спорт
(Видео) Бразил ја декласира Јужна Кореја

Бразилската фудбалска репрезентација ја победи Јужна Кореја со 5:0 во пријателски натпревар одигран во Сеул.
Екипата на Карло Анчелоти ја демонстрираше својата сила против една од најдобрите азиски селекции.
Двојни стрелци за „селесао“ беа Естевао (13, 47) и Родриго (41, 49), додека еден гол постигна Винисиус Жуниор (77).
Со играта, Бразил потсети на најдобрите денови на оваа репрезентација, Родриго, Естевао, Куња, Винисиус правеа што сакаат на теренот.
Foto/ EPA