Спорт
(Видео) Голд куп: Панама ги шокираше САД, Мексико лесно се справи со Јамајка
Мексико и Панама ќе се борат за трофејот на Голд купот во КОНКАКАФ зоната. Во полуфиналните натпревари, Мексиканците рутински ја победија Јамајка, додека Панама по изведувањето пенали ги елиминираше фаворизираните САД.
Мексико со голвите на Анри Мартин во втората, Луис Чавез во 30. и Роберто Алварадо во 93.минута славеа со 3:0 во пресметката со Јамајка.
Панама, во второто полуфинале, одлично им се спротивстави на Американците. Во првото полувреме два пати се тресеше мрежата на САД, меѓутоа ВАР ги поништи головите на Караскиља и Дијаз.
По 90 минути игра резултатот беше 0:0.
Во продолженијата, Панама конечно постигна регуларен гол во 99. минута по одличната топка на Караскиља, стрелец беше Иван Андерсон.
Хесус Фереира го израмни резултатот во 105. минута, па победникот мораше да се решава по изведувањето на пенали.
Клучно беше промашувањето на Ролдан во шестата серија, па Панама по голот на Караскиља стигна до третото финале на Голд купот во историјата.
Само еднаш во историјата на Голд купот титулата не заминала во САД или Мексико, тоа беше во 1992 година кога Канада го освои златото.
Финалето на Голд купот меѓу Мексико и Панама е закажано за ноќта меѓу недела и понеделник од 1.30 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тотенхем подготвен да ја плати клаузулата во договорот на Кубо
Тотенхем повторно покажа интерес за крилниот напаѓач на Реал Сосиедад, Такефуса Кубо, објавува шпански „Ас“.
Кубо, чија откупна клаузула е 60.000.000 евра, повторно е на листата на желби на Тотенхем, но барем засега нема информации дека клубот испратил конкретна понуда.
Арсенал и Атлетико Мадрид покажаа интерес за јапонскиот репрезентативец, но мадридскиот клуб не е подготвен да ја активира клаузулата, што би можело да му користи на Тотенхем.
Покрај Кубо, Спарс го следат и Магнес Аклиуш од Монако, бидејќи тренерот Томас Франк инсистира да доведе замена за Хунг Мин Сон.
Клубот наводно сака и играч кој би можел да донесе комерцијален ефект на азискиот пазар, а Кубо се вклопува во таквите планови.
Јапонецот помина четири години во помладите категории на Барселона, за време на неговата сениорска кариера беше и член на Реал Мадрид, но не доби вистинска можност во ниту еден од двата најголеми шпански клуба.
Спорт
Априлија доминираше во Валенсија – Бецеки победи пред Ферандез
Марко Бецеки, возачот на Априлија, победи на трката за Големата награда на Валенсија, последна ваа сезона во Мото Гп шампионатот. Второто место му припадна на Раул Фернандез (Трекхаус Априлија), а трет заврши возачот на ВР46, Фабио ди Џанантонио. Априлија прв пат по 2023 година ги освои првите две позиции во трка, во Мото Гп шампионатот.
Марко Бецеки, возачот на Априлија кој ја освои пол-позицијата претходниот ден, победи по шести пат во својата кариера, односно по трет пат оваа сезона. Ова е втор последовен викенд што го заврши со победа, откако ја освои Големата награда на Португалија.
Бецеки го задржа водството од почетокот до крајот, но беше во жестока битка со Шпанецот Раул Фернандез, кој заврши втор, а Фабио ди Џанантонио го престигна Педро Акоста, кој долго време се држеше на третото место, во претпоследниот круг за својот шести подиум во кариерата.
По Акоста следеа Алекс Маркез, Фермин Алдегер, Лука Марини, Бред Биндер, Џек Милер и Енеа Бастијанини, кога станува збор за оние кои освоија поени на последната трка.
Од претходнобеше познато дека шампион е Марк Маркез, тој ја освои својата деветта титула.
Foto/ EPA
Спорт
Махачев едногласно ја освои титулата во велтер категорија
Ислам Махачев (34) е новиот шампион на УФЦ во велтер категорија (до 77 кг). На настанот УФЦ 322 во Њујорк, тој доминираше над поранешниот шампион, Австралијанецот Џек Дела Мадалена (29) и победи со едногласна одлука на судиите по пет рунди (50-45 x3).
Дагестанецот стана 11-от борец во историјата на УФЦ кој бил шампион во две различни тежински категории, откако претходно беше шампион во лесна категорија.
Со оваа победа, Махачев стигна до својата 29-та победа во 30 професионални настапи и го израмни учинокот на својот пријател Хабиб Нурмагомедов, но и уште еден рекорд кој со години се сметаше за недопирлив.
Махачев сега е на 16 последователни победи во кафезот на УФЦ, го изедначи рекордот на Андерсон Силва, кој беше единствениот борец со таква серија досега.
Во следниот настап, Дагестанецот ќе има можност да го надмине Бразилецот и да биде сам на врвот.
Покрај тоа, тој стана 11-от борец во историјата што ја освоил титулата на УФЦ во две различни тежински категории. Тој веќе се издвојуваше како рекордер по бројот на одбрани на појас во лесна категорија, од кои собра четири, а со новата титула дополнително го зацврсти својот статус како еден од најголемите борци во историјата на УФЦ.
Новиот шампион заработил помеѓу два и два и пол милиони долари по оваа борба, пишува порталот „Спортстер“. Дела Мадалена заработил нешто помалку, помеѓу еден и пол милион и два милиони долари.
Махачев знае каде сака да го брани шампионскиот појас. „Доналд Трамп, одиме. Дајте ни ја Белата куќа, ние доаѓаме.“
Доналд Трамп претходно објави дека на 14 јуни, на неговиот 80-ти роденден, ќе одржи настан на УФЦ во Белата куќа.
„На 14 јуни следната година, ќе имаме голема УФЦ борба во Белата куќа, токму во Белата куќа, на теренот на Белата куќа“, рече американскиот претседател за време на говорот во Норфолк, Вирџинија, по повод 250-годишнината од американската морнарица.
Шефот на УФЦ, Дана Вајт, близок пријател на Доналд Трамп, веќе објави минатиот август дека Белата куќа ќе одржи настан на MMA по повод 250-годишнината од Соединетите Американски Држави. Првично планираниот датум беше 4 јули, кога се слави Денот на независноста во САД.

