Спорт
Грег Попович повеќе не е тренер на Сан Антонио Спарс
Грег Попович, еден од најтрофејните тренери во историјата на НБА и долгогодишен стратег на Сан Антонио Спарс, официјално повеќе нема да биде главен тренер на оваа франшиза.
Веста денес ја потврди новинарот Шамс Чаранија. Тој нагласи дека Попович останува во клубот, но во улогата на претседател на Спарс. Со ова завршува неговата импресивна тренерска ера која траеше дури 29 сезони.
Попович веќе некое време отсуствува од клупата поради здравствени проблеми, а во последните месеци тимот го водеше неговиот долгогодишен помошник Мич Џонсон.
Одлуката да се пензионира Попович од тренерската позиција и да се посвети на позицијата претседател на клубот означува почеток на нова ера за Спарс, но и продолжување на влијанието на Попович врз иднината на франшизата преку стратешко лидерство.
Грег Попович е еден од најуспешните и највлијателните тренери во историјата на НБА.
Тој седна на клупата на Сан Антонио Спарс во декември 1996 година и остана таму цели 29 сезони, до мај 2025 година. Во тој период, тој ги предводеше Спарс низ 2.265 натпревари од регуларната сезона, остварувајќи 1.412 победи со 853 порази, што го прави најуспешен тренер според бројот на победи во историјата на НБА.
Под негово водство, Спарс играа во плејофот 22 последователни сезони (1998-2019), а пет пати ја освоија титулата во НБА (1999, 2003, 2005, 2007 и 2014 година).
Тој е познат по својата исклучителна способност за адаптација и развој на играчи. Во неговата ера, тој успеа да изгради династија околу ѕвезди како Тим Данкан, Дејвид Робинсон, Тони Паркер, Ману Џинобили, а подоцна и Каваи Леонард.
Попович беше прогласен за тренер на годината во НБА три пати (2003, 2012, 2014), а во 2023 година беше примен во Куќата на славните.
Покрај клупските успеси, тој ја предводеше и американската репрезентација, со која освои златен медал на Олимписките игри во Токио во 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Јувентус не се откажува од Влаховиќ
Спортскиот директор на Јувентус, Дамиен Комоли рече дека клубот не се откажува од Душан Влаховиќ.
Српскиот репрезентативец влезе во последната година од договорот. Сите досегашни преговори, околу евентуалниот нов договор завршија неуспешно. Влаховиќ не ги прифаќа финансиските услови. Инаку со годишна плата од 12 милиони евра, Влаховиќ е најплатениот играч во Серија А.
Јувентус му нуди договор во кој платата не би била поголема од девет милиони евра.
Дамиен Комоли, сè уште е убеден дека клубот има простор за нова рунда преговори со позитивен исход. Исто така, јасно е дека нема шанси Јувентус да го продаде Влаховиќ во зимскиот преоден рок.
„Минатото лето постигнавме договор да стопираме и повторно да седнеме на маса на крајот од сезоната. И тоа е нашиот план, ќе се сретнеме повторно на крајот од сезоната, но сме оптимисти. Ниту еден италијански клуб не може финансиски да се натпреварува со Премиер лигата, но тоа не значи дека не можеме да бидеме конкурентни“, рече Комоли.
Во текот на изминатите месеци, Влаховиќ беше поврзан со бројни клубови, но конкретни преговори немаше со ниту еден клуб.
Сепак, откако ќе стане слободен, ситуацијата лесно би можела да се промени. Но, засега, Јувентус сè уште верува дека има простор за поуспешни преговори.
Спорт
Кристијанштад го победи Вардар, Мансон го поништи учинокот на Валак и Хориха
Ракометарите на Вардар го доживеаја првиот пораз во Лига Европа. Во рамките на третото коло во Ф групата, Кристијанштад го победи Вардар со 32:31 (14:11).
Вардар одигра лошо прво полувреме, со голем број технички грешки, па ни брилијантниот Валак на голот на можеше да му обезбеди на совјот тим позитивен резултат по 30 минути игра. Вардар на 12 голмански интервенции имаше и 11 технички грешки. Кристијанштад во деветтата минута стекна три гола предност (6:3) и таа разлика ја одржуваше речиси до финишот.
Последните шест минути донесоа виситнска драмата. Предводени од Хориха ( постигна три гола во серија) вардар најпрвин изедначи, а потоа и дојде до предност. Во последната минута резултатот беше нерешен, потоа Ќосески промаши зицер на 42 секунди до крајот, а по тај-аутот, најдобриот играч на Кристијанштад, Мансон погоди на осум секунди до крајот и ги постави конечните 32:31.
Хориха со осум, односно Боно и Малус со по шест гола беа најефикасни кај Вардар, на чии гол блескаше Валак со 19 интервенции.
Мансон беше незапирлив на спротивната страна со 13 голови, а исто толку осбрани имаше голманот Ел-Кафаџи.
Foto/ rkvardar.com.mk
Спорт
Победа против Летонија како увертира за дуелот против Велс
Македонската фудбалска репрезентација втор ден се подготвува за завршните два натпревари во оваа година.
Првиот в четврток против Летонија е контролен и тоа ќе биде одлична можност за селекторот Благоја Милевски да ја провери формата на играчите кои се во комбинација и за клучниот натпревар во квалификациите против репрезентацијата на Велс.
“Секој натпревар има свој важност без разлика дали тој е контролен или квалификациски. Наша примарна цел како и секогаш е да се прикажеме во најдобро светло особено кога знаеме дека дуелот против Летонија е проверка пред исклучително важниот дуел со Велс”, истакна Александар Трајковски.
Ова е шести меѓусебен дуел, а во претходните пет имаме исто толку победи. На последните три на Летонците не им дозволивме да постигнат ниту еден погодок додека ние шест пати ја затресовме мрежата на противникот.
“Не треба да се потценува ниту еден противник. Секоја репрезентација има свои предности и недостатоци. Летонија е вистинска селекција која за еден квалитетен тест пред гостувањето во Кардиф. Овој натпревар треба да го искористиме за подобрување на одредени сегменти во нашата игра и да бидеме на уште повисоко ниво во однос на претходните натпревари”, продолжи нашиот репрезентативец.
Според моменталната ситуација на табелата во нашата квалификациска група за освојување на втората позиција ќе ни треба најмалку нерешен резултат против Велс, но овој тим никогаш не се занимавал со калкулации и секогаш одел на победа,
“Сите фудбалери и членовите на стручниот штаб на секој натпревар размислуваме само за победа. Прво сакаме триумф на мечот со Летонците и тоа ќе биде одлична увертира пред клучниот натпревар со Велс. Овој период треба максимално да го искористиме за подготовка и за соочување во Кардиф на кое ќе дадеме се од себе да одиграме најдобро што можеме и да стигнеме до резултат што ќе ни овозможи да го задржиме второто место го групата”, заврши Трајковски.
Izvor/ ffm.mk

