Спорт
Хавиер Клементе: Кој ќе понесе одговорност ако нешто му се случи на Јамал?
Поранешниот селектор на шпанската репрезентација Хавиер Клементе изјави дека не се согласува со одлуката на актуелниот селектор,Луис де Ла Фунте, дел од репрезентацијата на ЕП да биде и 16-годишниот тинејџер на Барселона Ламин Јамал.
Клементе, познат по прекарот „Малиот Наполеон“, смета дека Јамал е физички премлад за таков фудбал и е изложен на ризик од повреда.
Јамал, кој е само една година во сениорскиот фудбал, во сабота би можел да стартува против Хрватска на првиот натпревар на Европското првенство.
„Искрено, јас не сум за тоа. Тоа е мое мислење. Не сакам да се мешам во критериумите на селекторот Луис де ла Фуенте, тој го повика во репрезентацијата и ќе го стави во игра. Јас не би го направил такво нешто со 16-годишен играч“, изјави 74-годишниот Клементе.
Клементе, кој ја предводеше Шпанија од 1992 до 1998 година, рече дека би ги консултирал докторите „дали може да се гарантира дека толку млад играч ќе ги издржи пожестоките стартови и дека е физички подготвен за такви натпревари. „Доколку ми одговори потврдно, би го одобрил тоа“, изјави тој.
Клементе предупредува дека младите играчи кои сè уште растат се изложуваат на сериозни повреди кога започнуваат да се натпреваруваат со физички посилни и постари играчи, при што може да им се оштетат колената.
„Ако нешто му се случи, никој нема да може да ги „мие рацете“ од тоа. Вината ќе биде кај докторот или кај оној што му дозволил да игра“, нагласи тој.
По Хрватска, Шпанија ќе игра со европскиот првак Италија и Албанија. Шпанските медиуми проценуваат дека во стартниот состав ќе биде 178 сантиметри високиот Јамал.
Клементе изјави дека за време на неговиот изборен мандат имал сличен случај со младиот напаѓач на Реал, Раул Гонзалес, кој по квалитет ги надминувал своите врсници.
„Раул, сепак, најпрвин играше за младата репрезентација до 21 година, бидејќи напорот таму е помал отколку во сениорската репрезентација. Тој порасна, стана физички посилен и стекна искуство. Многумина ме критикуваа што веднаш не го повикав во сениорската репрезентација , а фала му на Бога што не го повикав. Раул кариерата ја заврши на 34 години без сериозна повреда“, рече тој.
Во текот на својата кариера, Клементе раководеше со клубови како Бетис, Атлетик Билбао, Марсеј, Реал Сосиедад и селекциите на Србија, Камерун и Либија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
(Видео) Реал ја победи Борусија Дортмунд

Списокот на учесници во полуфиналето на Светското клупско првенство е комплетиран. Во последниот натпревар од четвртфиналето на стадионот „Мет Лајф“ во Њу Џерси, Реал Мадрид ја победи Борусија Дортмунд со 3:2.
Чаби Алонсо за нешто помалку од еден месец колку што е тренер на Реал, на големата сцена го промовираше Гонзало Гарсија.
Момчето од клупската академија го постигна четвртиот гол на првенството, моментално е израмнет на првото место на листата на стрелци и е сериозен кандидат да биде главен хит на ова прво клупско Светско првенство.
21-годишниот централен напаѓач му донесе водство на Реал во 10-та минута по асистенцијата од Арда Гулер. Неговиот имењак Фран го зголеми резултатот на 2:0 десет минути подцна.
Реал ја држеше предноста до финишот, а потоа во судиското надополнување беа постигнаи уште три гола.
Максимилијан Баер намали на 2:1 во 92-та, а една минути подцна Килијан Мбапе му ја врати на Реал предноста од два гола. Хујсен во 95-та минута доби црвен картон, а Гираси од пенал во 98-та минута го постави конечниот резултат.
На крајот, може да се каже дека херој е Тибо Куртоа, кој во десеттата минута од судиското продолжение го одбрани ударот на Марцел Сабицер, со кој Реал обезбеди пласман во полуфиналето на Светското клупско првенство.
Во полуфиналето, Реал ќе игра против актуелниот европски шампион, Пари Сен Жермен. Флуминенсе и Челзи се среќаваат во второто полуфинале.
Спорт
Томас Милер го одигра својот последен натпревар за Баерн

Легендата на Баерн и германскиот фудбал, Томас Милер, го одигра својот последен натпревар во дресот на Баварците. Фудбалерите на Пари Сен Жермен го победија тимот на Баерн со 2:0 и се пласираа во полуфиналето на Светското клупско првенство во САД.
Томас Милер играше за германскиот тим во финишот од натпреварот. 35-годишниот фудбалер влезе на теренот во 80-та минута наместо Кингсли Коман и тоа беше неговиот последен натпревар во дресот на Баерн.
Германскиот ветеран не доби нов договор и во април го објави своето заминување од Минхен на крајот од сезоната.
Томас Милер е дете на Баерн, целата своја кариера ја помина со Баварците. Дебитираше за првиот тим во 2007 година и одигра вкупно 756 натпревари, постигна 250 голови и запиша 276 асистенции.
Тој е еден од најтрофејните фудбалери во историјата. Во дресот на Баерн, освои точно 33 трофеи.
„Danke für alles, Томас!“, објави Баерн на социјалните мрежи со емотикон од срце.
Спорт
Игор Жесус го засили Нотингем Форест

Бразилскиот репрезентативец Игор Жезус се пресели од Ботафого во Нотингем Форест.
„Шумарите“ објавија дека потпишала четиригодишен договор со 24-годишниот фудбалер, до летото 2029 година.
Клубовите не ја објавија сумата на трансферот, но медиумите известуваат дека станува збор за околу 10 милиони фунти (околу 12 милиони евра).
Жезус ја започна својата професионална кариера во бразилскиот клуб Коритиба, потоа играше за Шабаб Ал Ахли од Обединетите Арапски Емирати пред да се приклучи на Ботафого во 2024 година.
Напаѓачот одигра 59 натпревари за клубот од Рио де Жанеиро во сите натпреварувања и постигна 17 гола.
Тој особено се истакна на Светското клупско првенство, помагајќи му на Ботафого да се квалификува во нокаут фазата, постигна два гола, вклучувајќи го и победничкиот гол против европскиот шампион Пари Сен Жермен.
Foto/ EPA-EFE/JOHN G. MABANGLO