Спорт
Хазенхитл: Ќе го послушам стомакот доколку добијам понуда од Јунајтед

Ерик тен Хаг и Маурицо Покетино водат во трката за нов менаџер на Манчестер јунајтед, но според англиските медиуми на списокот на кандидати се наоѓа и името на актуелниот тренер на Саутемптон, Ралф Хазенхитл.
Доколку доби понуда да седне на клупата на „црвените ѓаволи“, Австриецот рекол дека „ќе го послуша стомакот“.
„Кога на ред ќе дојде тоа прашање ќе го послушам стомакот. Во минатото никогаш не сум погрешил, одлуката секогаш била исправна“, рекол Хазенхитл.
„Нема многу клубови во кои би можел да бидам. Во Саутемптон има се што ми е потребно. Имам фантастичен тим за работа, неверојатно добра атмосфера во клубот и добивам поддршка од сите. Мене и на сопругата ни се допаѓа Саутемптон“, заклучил Хазенхитл.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Чеферин го брани ПСЖ: Нема Реал да ни кажува што да правиме

„Никој нема да и каже на УЕФА што да прави“, изјави претседателот на УЕФА Александар Чеферин како одговор на критиките за продолжувањето на договорот на Килијан Мбапе со ПСЖ.
Би-Би-Си потсетува дека Мбапе неодамна потпиша нов договор со ПСЖ, иако преговараше со Реал Мадрид. Овој договор е најголем во историјата на фудбалот.
Според француските медиуми, новиот договор за три години е вреден околу 600 милиони евра, а шпанската фудбалска Ла Лига, односно нејзиниот прв човек, Хавиер Тебас понудата на францускиот клуб ја нарече„ скандалозна“ и „навреда за фудбалот“.
„УЕФА има доста строги правила за финансиски фер-плеј. Кој ги почитува нашите правила е добредојден да игра во нашите натпреварувања. Тие што не ги почитуваат правилата нема да играат“, рече Чеферин.
Чеферин истакнува дека е уморен од поплаките дека дозволува одредени држави да управуваат со некои клубови.
„Ниту Реал, ниту некој друг нема да и каже на УЕФА што да прави. Од една страна тие се револтирани, но колку што знам, понудата на Реал беше слична на онаа на ПСЖ. Тоа сум го кажал многу пати и ќе повторам, кажете ми еден аргумент е зошто компанија од Катар не треба да биде сопственик на клуб“, рече Чеферин.
Тој повтори дека клубовите ќе бидат казнети доколку ги прекршат правилата.
„Ако кажете дека клубовите им припаѓаат на навивачите, што е со англиските клубови – тие имаат сопственици од САД, некои од Блискиот исток, имаат сопственици од Англија. Значи, ситуацијата е сосема иста и јас сум навистина уморен од овие обвинувања. Сакам да знам кој ги прекршил правилата. Доколку ги прекршиш правилата ќе бидеш казнет“, заклучи Чеферин.
Спорт
Брејтвајт не сака да замине од Барселона

Барселона летово ќе се обиде да продаде неколку првотимци за да направи простор за нови засилувања. Еден од отпишаните е данскиот напаѓач Мартин Брејтвајт, кој поради тешка повреда го пропушти најголемиот дел од минатата сезона.
Иако пред четири месеци се врати во тимот, не одигра речиси ниту една минута, што беше јасен показател дека Чави не смета на него и дека целта на Барселона е што поскоро да го продаде.
Барса има неколку понуди за него од Шпанија и Англија, но Данецот одбива да го напушти клубот, бил решен да остане до крајот на договорот.
„Имам уште две години договор со Барселона и не ми паѓа на памет да размислувам за заминување од клубот пред истекот на договорот. Во професионалниот фудбал се е можно, но јас сум прилично смирен бидејќи многу добро знам што сакам“, рече Брејтвејт.
“Ќе работам напорно за време на подготовките за новата сезона за да се обидам да се наметнам кај тренерот. На некои работи не можам да влијаам. Ќе видиме што ќе се случи на крајот”.
30-годишниот фудбалер дојде во Барса во февруари 2020 година од Леганес за 18 милиони евра, има договор до летото 2024 година и плата која тешко ќе му ја даде еден клуб повторно. Сезонава одигра само четири натпревари и постигна два гола.
Спорт
Не еден туку два хет-трика, Алварез сам ја победи Алијанса од Лима

Хулијан Алварез влезе во историјата на славниот аргентински клуб, Ривер плејт. 22-годишниот напаѓач, во победата на Риве плејт над Алијанса од Лима (8:1) постигна шест гола. Дуелот се одигра во групната фаза, во Копа Либертадорес.
На 121. роденден на великанот од Буенос Аирес, новиот напаѓач на Манчестер сити влезе во историјата на клубот.
Во исто време, тој стана само вториот играч во историјата на Копа Либертадорес кој успеал да постигне шест гола на еден натпревар, пред него истото го направи само поранешниот фудбалер на Боливија Блуминг, Хуан Карлос Санчез во далечната 1985 година.
Алварез, во јануари, потпиша договор со Манчестер сити. „Граѓаните“ за неговиот трансфер издвоија 17.000.000 евра и го оставија на позајмива во Ривер плејт.
Младиот напаѓач наскоро ќе се пресели во Англија. Тренерот Марсело Гаљардо, потврди дека Алварез ќе игра во првиот натпревар во нокаут фазата, а потоа ќе го напушти клубот.
Инаку, Ривер плејт, го освои првото место во Ф-групата, пред Форталеза (Бразил), Коло Коло (Чиле) и Алијанс Лима (Перу).