Спорт
Игор Стефановски – Иџе по седум години се враќа во Европскиот шампионат на ридски патеки
Македонскиот автомобилист Игор Стефановски, по пауза од седум години, повторно ќе вози во Европскиот шампионат на ридски патеки, под капата на ФИА. Иџе ги освои титулите во 2014 и во 2015 година, па сезонава како искусен ќе ја предизвика новата конкуренција, на старите патеки.
Новата сезона почнува овој викенд во Франција, во Сен Жан ди Гар, местото каде што Иџе ја оствари својата прва победа. Во овие седум години, Европскиот ридски шампионат претрпе промена во системот на натпреварување, односно во класификацијата на возилата, па затоа тој со своето Хјундаи И30 ќе се трка во класа со помоќни автомобили.
„Отсекогаш сум имал високи амбиции и сум целел на највисок пласман. Така ќе биде и сега, но прво ќе видиме како ќе биде со промените во Европскиот ридски шампионат. Воведен е тој „Перформанс фактор“, тој е новина за мене и ќе видиме како ќе се однесува и мојот автомобил и на кое ниво ќе бидат конкурентите во мојата категорија. Ова е сепак прва трка, а по неа ќе ги направиме потребните приспособувања на автомобилот, бидејќи тој е истиот со кој се натпреварував на кружните трки. Ова е сепак, друг тип на предизвик. Според мене ридските трки се една од најтешките дисциплини, која бара висок фокус во секој момент од трката“, изјави Иџе.
Во претходните седум години Иџе настапуваше во ЕТЦЦ, ТЦР-Европа, ТЦР-Италија и ТЦР-Источна Европа шампионатите на кружни патеки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Чеферин прогласи победа над Суперлигата
Во Брисел, пред ждрепката за Лигата на нации, овој четврток се одржа Конгресот на УЕФА, каде што претседателот Александар Чеферин ја одржа својата презентација.
Најважната порака што ја испрати од говорницата е дека Суперлигата на Европа е официјално поразена.
Во среда, УЕФА постигна договор со Реал Мадрид, а претходно и Барселона се повлече од проектот, ставајќи крај на обидот за формирање паралелно елитно натпреварување.
„Воодушевен сум затоа што Барселона и Реал Мадрид се вратија во нашето семејство. Вистина е дека сите бевме уморни од сè, но УЕФА никогаш не ја изгуби меѓусебната почит со Флорентино Перез, иако имавме различни мислења. Единствениот победник мора да биде фудбалот. Му се заблагодарувам и на Насер Ал Келаифи, кој беше клучен за нашето повторно обединување“, рече Чеферин.
Претседателот на УЕФА ја искористи можноста да испрати силни пораки надвор од самата Суперлига.
„Федерациите стануваат заложници на политиката. Во Европа, нема да прифатиме фудбалот да служи како оружје. Денес, единството се соочува со големи предизвици“, рече Чеферин.
Тој ја отфрли тезата дека фудбалот мора радикално да се промени за да ја привлече помладата генерација.
„Некои велат дека фудбалот мора да се промени за да преживее меѓу младите, но грешат. Младите не му го свртеле грбот на фудбалот, тие сè уште ги полнат стадионите. Во светот на екраните и вештачката интелигенција, ниту еден алгоритам или бот не може да го замени чувството за тоа што се случува на теренот. Фудбалот е реален и затоа неговата иднина е светла“, нагласи првиот човек на УЕФА.
Чеферин особено истакна дека реформите на Лигата на шампионите и Лигата на Европа, како и воведувањето на Конференциската лига, беа вистинскиот потег.
„Многумина се сомневаа во нас, велеа дека ќе пропаднеме, но натпреварувањата сега се подобри и поконкурентни. Моделот беше развиен одговорно и придонесе за зголемување на публиката, приходите и конкурентноста. Оваа сезона, речиси 450 милиони евра ќе бидат дадени на клубовите надвор од групните фази на нашите натпреварувања“, откри Чеферин.
Првиот човек на европскиот фудбал се осврна и на развојот на женскиот фудбал, потсетувајќи дека Европското првенство во Швајцарија минатото лето привлече повеќе од 650.000 навивачи на стадионите.
Во пресрет на Светското првенство во САД, Мексико и Канада, Чеферин нагласи дека фудбалот не смее да се дели помеѓу клубови и национални тимови.
„Фудбалот напредува преку национални тимови и клубови, а играчите не треба да избираат помеѓу едното или другото. Фудбалот не е инструмент на моќ, тој е заедница, а не производ. УЕФА останува посветена на тој принцип и знае каде се границите“, рече тој.
Чеферин, исто така, се спротивстави на идејата за играње натпревари од националните првенства надвор од матичните земји, алудирајќи на обидите од Шпанија.
„Домашните првенства црпат сила од своите навивачи. Нивниот извоз би ја ослабнал врската и лојалноста. Не можете да им го одземете фудбалот на луѓето во нивните заедници. Повеќе од 55 милиони луѓе го поддржуваат фудбалот и сè започнува на локално ниво“, заклучи Чеферин.
Foto/ EPA
Спорт
Карлсон ја прегази конкуренцијата на 10 километри, Цветановска заврши на 105-то место
Неверојатната Швеѓанка, Фрида Карлсон ја прегази конкуренцијата во трката на 10 километри, на Зимските олимписки игри во Милано и Коритна. На оваа трка настапи и македонската репрезентативка, Ана Цветановска.
Карлсон го освои вториот златен медла на овои Зимски олимписки игри, со најбрзата трка во историјата на светските првенства и олимписките игри. Карлсон во целта забележа време 22.49.2.

Речиси 47 секунди зад неа беше сонародничката Еба Андресон (+46.6), додека бронзениот медал го освои 34-годишната Американка, Џесика Дигинс (+49.7).
Цвенановска на крајот во конкуренција на 111 натпреварувачки го освои 104-то место, со време од 31.32.4., односно за осум минути и 43 секунди послаб резултат од победничката Карлсон.
Foto/ facebook.com/makedonskiolimpiskikomitet.mok
Спорт
Емил Рајковиќ замина од Тофаш
Македонецот, Емил Рајковиќ, повеќе не е тренер на кошаркарскиот клуб Тофаш. Клупските челници, решија да се разделат со Рајковиќ, поради серијата лоши резултати.
Рајковиќ го презеде клубот на почетокот на сезоната, започна добро, но како што одминуваше сезоната резултатите беа се полоши и полоши. Во турското првенство, Тофаш, во конкуренција на 16 екипи, се наоѓа на 10-то место со осум победи и 11 порази. Бурса се наоѓа во серија од четири порази.
Разочарувачки настап Бурса има и во Лигата на шампионите, има една победа по четири одиграни натпревари.
Фото/ Архива, Топспорт

