Спорт
Игуаин ќе биде најплатениот фудбалер во МЛС-лигата

Гонзало Игуаин ќе стане најплатениот фудбалер во американската МЛС-лига кога ќе се договори со клубот на Дејвид Бекам, Интер Мајами, тврди американскиот весник „Мајами хералд“.
Аргентинскиот напаѓач веќе доби 3 милиони евра од Јувентус за да се раскине неговиот договор една година предвреме, а сега во Интер од Флорида тој ќе заработува основна плата од 7 милиони долари, за половина милион долари повеќе од парите кои Бекам ги добиваше во петте сезони во Лос Анџелес галакси.
32-годишниот ветеран ќе потпише двеиполгодишен договор со најновиот МЛС тим и ќе биде поблиску до својот брат Федерико, кој веќе осум години игра во МЛС во тимовите на Колумбус кру и Ди Си јунајтед. Иако договорот не е официјализиран, ко-сопственикот на „Херонс“, Хорхе Мас веќе се фотографираше со Игуаин пречекувајќи го на аеродромот во Мајами.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Вирц и Ливерпул постигнаа договор, Баер бара повеќе пари

Сагата околу трансферот на Флоријан Вирц во Ливерпул продолжува. Клубот и фудбалерот постигнаа договор, но работата сè уште ја одложува Баер Леверкузен.
Германскиот клуб, чиј играч е сè уште Вирц, не ја прифати понудата на Ливерпул, кој понуди 100 милиони фунти плус 13 милиони за бонуси.
Баер сè уште инсистира на 126,4 милиони фунти, што е некаде околу 150 милиони евра.
Ливерпул одлучи да ја подигне скалата уште повеќе и според информациите од Островот, нуди 118 милиони фунти, што би бил британски рекорд. Британските медиуми веруваат дека Баер ќе го прифати ова, откако ќе се договорат деталите за бонусот.
Шампионот на Англија треба официјално да го доведе Милош Керкез од Борнмут во наредните денови.
Спорт
Роналдо потврди дека останува во Ал Наср

Кристијано Роналдо ќе продолжи и во иднина да го носи дресот на Ал Наср. Тој го потврди ова по финалето на Лигата на нации, во кое тој и Португалија ја победија Шпанија на пенали.
„Мојата иднина? Практично ништо нема да се промени. Останувам во Ал Наср? Да“, одговори 40-годишниот Роналдо на новинарско прашање.
Португалската суперѕвезда дојде во Саудиска Арабија во јануари 2023 година откако го заврши својот втор престој во Манчестер јунајтед.
Ал Наср му плаќа 3,77 милиони евра неделно или 196 милиони евра годишно. Неговиот тековен договор истекува на крајот на јуни, а сега е сигурно дека се согласил да ја продолжи соработката.
Роналдо одигра 195 натпревари за Ал Наср, постигна 93 гола и забележа 19 асистенции, но не успеа да му донесе на клубот нитут еден голем трофеј.
Спорт
Трагедија на финалето на Лигата на нации

Трагедија го засени напнатото финале на Лигата на нации што го играа Португалија и Шпанија во Минхен. По регуларниот дел и продолженијата, резултатот беше 2:2, па победникот беше решен со пенали. Португалија беше поуспешна и славеше.
Но, на крајот од првото продолжение се случи трагедија. Навивач, чија возраст и националност сè уште не се познати, падна од една од највисоките трибини на Алијанц Арената и почина.
„На стадионот во Минхен се случи ситуација во која беше потребна интервенција на службите за итна медицинска помош. И покрај напорите на лекарите да го спасат животот на жртвата, тој за жал почина во 00:06 часот. Нашите мисли се со неговите најблиски во ова тешко време“, објави УЕФА.
Шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте, исто така ја коментираше трагедијата. По пристигнувањето на прес-конференцијата, тој рече: „Прво, сакам да изразам сочувство до семејството на навивачот кој почина“.
Шпанските медиуми пишуваат дека веднаш по падот, работниците од обезбедувањето и итните служби се упатиле кон навивачот и дека, покрај тоа што му помогнале, го покриле местото на несреќата со чаршафи за никој да не може да фотографира од жртвата. Иако за несреќата се знаело на трибините, натпреварот продолжил.