Спорт
„Изгледа како медалот да отишол во војна и се вратил“ – спортисти се пожалија од квалитетот, организаторот ќе им ги замени
Aмериканскиот скејтбордер Нијах Хјустон неодамна објави дека неговиот бронзен медал изгледа истрошено по само неколку дена носење.
„Медалот изгледа како да отиде во војна и да се врати. Овие медали се одлични само кога се сосема нови. Го носев околу вратот, моите пријатели го носеа малку за викендот и сега гледам дека квалитетот не е онаков каков што би замислил. Изгледа истрошено од двете страни“, објасни тој.
Неговата објава стана вирална, а луѓето почнаа да се прашуваат од што се направени златните олимписки медали, пишува „Дејли мејл“.

Бразилската гимнастичарка Ребека Андраде, која го освои златниот медал, напиша дека е „тажно што не може да го носи“ и додаде: „Очигледно тие не се толку квалитетни како што мислите“.
Данецот Виктор Акселсен, кој го освои златниот медал во бадминтон, сподели видео на социјалните мрежи на кое се гледа одблиску златниот медал во споредба со оној што го освои на Олимписките игри во Токио, а многу луѓе се прашуваа зошто изгледаат истрошени.
И покрај името, олимписките златни медали не се направени од чисто злато – тие се првенствено направени од сребро. Според прописите на Меѓународниот олимписки комитет, златните медали мора да бидат направени од најмалку 92,5 отсто сребро и обложени со приближно шест грама чисто злато.
Медалите за Олимписките игри во Париз беа дизајнирани од парискиот златар Шауметан, а произведени од Париската монетарница.

По поплаките на некои спортисти, организаторите на Игрите во Париз ветија дека ќе бидат заменети сите оштетени медали.
„Свесни сме за забелешките за квалитетот на медалите кои почнаа да кружат на социјалните мрежи“, изјавија тие за „Мејл спорт“.
„Работиме со Monnaie de Paris, институцијата одговорна за производство и контрола на квалитетот на медалите, и со Националниот олимписки комитет на засегнатиот спортист за да процени и утврди зошто медалот е во лоша состојба“, објаснија тие.
„Медалите се скапоцени за спортистите кои ги освоиле, така што Monnaie de Paris ќе ги замени оние што се оштетени. Ќе изгледаат потполно исто“, додаваат тие.
Инаку, медалите направени од чисто злато за последен пат беа доделени на Олимписките игри во Стокхолм во 1912 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Вулверхемптон не се предава, го победи Ливерпул
Фудбалерите на Вулверхемптон, приредија уште една сензација во Премиер лигата. Откако одиграа 2:2 со Арсенал, успеаја да го победат Ливерпул со 2:1 (0:0) во 29-то коло од Премиер лигата.
Ливерпул пропушти шансата да се искачи на третото место, во самиот финиш „црвените“ израмнија, благодарение на Мохамед Салах, но домаќините го зададоа последниот удар.
Мрежите мируваа до самиот крај на натпреварот, кога домашните први се заканија и поведоа во 78-та минута, кога Родриго Гомес погоди за 1:0.
Ливерпул брзо одговори, само пет минути подоцна, израмни Салах.
Иако се чинеше дека тоа ќе биде конечниот резултат, Вулверхемптон успеа да ги изненади гостите од Ливерпул во судиското продолжение. Беше 94-та минута Андре го совлада Алисон и му обезбеди триумф од 2:1 на својот тим.
Последнопласираната екипа на табелата, која и по вечервашната победа има само 16 бода, покажа квалитет и силен карактер, и сосема заслужено го победи актуелниот шампион на Англија.
Ливерпул разочара и остана на петтата позиција со 48 бода, со три бода помалку од Астон Вила и Манчестер Јунајтед, директни конкуренти во борбата за пласман во Лигата на шампионите следната сезона.
Премиер лига, 29-то коло
Вторник:
Борнмут – Брентфорд 0:0
Евертон – Барнли 2:0 (1:0)
(Тарковски 32, Дјусбери-Хол 60)
Лидс – Сандерленд 0:1 (0:0)
(Дијара 70п)
Вулверхемптон – Ливерпул 2:1 (0:0)
(Гомес 78, Андре 90+4 – Салах 83)
Среда:
20.30 Астон Вила – Челзи
20.30 Брајтон – Арсенал
20.30 Фулам – Вест Хем
20.30 Манчестер Сити – Нотингем Форест
21.15 Њукасл – Манчестер Јунајтед
Четврток:
21.00 Тотенхем – Кристал Палас
Спорт
Вардар 1961 избори место во осминафиналето во Лига Европа
Ракометарите на Вардар 1961 ја победија Бенфика во Лига Европа со 33:27 и обезбедија место во осминафиналето во ова натпреварување. Црвено-црните можат и до директен пласман во четвртфиналето, доколку во последната рунда не загубат во Мелсунген.
Вардар 1961 44 минути ја бркаше негативата од пет гола, од првиот меч во Лисабон. Имаа црвено-црните четири гола предност во првито дел, но Бенфика успеа да се консолидира и на полувреме се замина со резултат 15:14.
Црвено-црните подобро го отворија и вториот дел, потребната предност ја стекнаа во 44-та минута, а веднаш потоа се одлепија и на седум гола (27:20).
Бенфика се обиде да се врати во мечот, имаа Португалците 28:24 во 55-та минута, но Вардар 1961 го одби тој напад и на крајот славеше со шест гола.
Малус со девет и Воркапиќ со осум гола го предводеа Вардар 1961 до големата победа.
Foto/ rkvardar.com.mk
Спорт
(Видео) Барселона победи, Атлетико оди во финалето
Барселона, во полуфиналниот реванш во Купот на Кралот, го победи Атлетико Мадрид со 3:0, но не успеа да се пласира во финалето. Пресудна се покажа предноста на „јорганџиите“ од првиот меч (4:0). Барселона нема да го брани трофејот, а Атлетико се пласира во своето прво финале по 2013 година.
Реваншот на „Камп Ноу“ се одвиваше според предвиденото сценарио. Барселона константно вршеше притисок кон голот на Хуан Мусо (се истакна Аргентинецот со неколку изворедни одбрани), а Атлетико своите шанси ги бараше во контранападите.
Домашните фудбалери упатија 21 удар кон голот на Мусо, девет од нив одеа во рамките на голот, изведоа 14 корнери, но постигнаа само три гола. Атлетико, упати осум удари кон голот на Џоан Гарсија, два од нив во рамките на голот.
Бедемот на Атлетико беше непробоен до 30-та минута, кога Јамал испрати центаршут, а на два метри од голот Брнал, кој остана сам ја спроведе топката до мрежата. На истекот на првиот дел, голема шанса за Атлетико промаши Лукман, а во следниот напад Барселона доби пенал. Сигурен реализатор беше Рафиња.
Имаше Барселона неколку панси во вториот дел, Мусо беше одличен на голот, но капитулираше во 72-та минута кога повторно погоди Бернал.
До крајот двата тима имаа свои шанси кои не ги реалзиираа.
Атлетико во финалето ќе игра против победникот од баскиското дерби меѓу Реал Сосиедад и Атлетик Билбао. По првиот меч Сосиедад има предност 1:0.
Foto/ EPA

