Спорт
Јужна Америка сака Мундијал со 64 репрезентации
Претседателот на Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ), Алехандро Домингез денеска предложи Светското првенство во 2030 година да се прошири на 64 репрезентации.
Предлогот првпат беше претставен минатиот месец од делегат од Уругвај, за време на онлајн состанокот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).
„Уверени сме дека прославата на стогодишнината ќе биде единствена, бидејќи 100 години се слават само еднаш“, рече Домингез за време на неговиот говор на отворањето на 80-тиот редовен конгрес на КОНМЕБОЛ.
Светското првенство во 2030 година ќе го организираат шест земји на три континенти.
Уругвај беше првиот домаќин во 1930 година и ќе организира еден натпревар, а домаќини ќе бидат и Парагвај, Аргентина, Шпанија, Португалија и Мароко.
„Затоа предлагаме да ја одбележиме оваа годишнина со 64 екипи, истовремено на три континенти“, додаде Домингез.
На Светското првенство во Катар во 2022 година настапија 32 селекции, а на претстојното Светско првенство во САД, Мексико и Канада следното лето ќе играат 48 репрезентации.
Со евентуалното проширување на форматот на 64 тимови, сите 10 членки на КОНМЕБОЛ ќе се квалификуваат за турнирот. Само Венецуела никогаш не се пласирала на Светското првенство.
„Ова ќе им овозможи на сите земји да имаат можност да го искусат СП и никој на планетата нема да биде изоставен од забавата“, рече Домингез.
Доколку ФИФА го одобри предлогот, на турнирот ќе се одиграат 128 натпревари.
Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА) Александар Чеферин изјави дека Светското првенство со 64 репрезентации е лоша идеја.
Критичарите на форматот со 64 тима тврдат дека тоа ќе го ослаби квалитетот на играта и квалификациската програма на повеќето континенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Макаби ја преживеа тројката на Димитријевиќ
Макаби во трилер-меч по едно продолжение го победи Баерн со 111:106. Мечот во регуларниот дел заврши 99:99.
Натпреварот полн со пресврти, на крајот беше решен во последните девет секунди. Приводство на Макаби 98:95, Ненад Димитирјевиќ погоди тројка под фаул, го реализира и дополнителното слободно фрлање. На две секунди до крајот Брисет беше фаулран, но погоди само едно слободно фрлање.
Потоа во дополнителните пет минути, играчите на Макаби имаа повеќе сила и концетрација и ја забележаа третата победа по ред.
Димитријевиќ натпреварот го заврши со дабл-дабл, 15 поени и 10 асистенции. Блескаше кај Баерн, Андреас Обст со 33 поени (постигна осум тројки од 13 обиди). Кај Макаби се истакнаа Роман Соркин со 21 и Тамир Блат со 20 поени.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Арсенал кај Брентфорд остави два бода
Последниот натпревар од 26-то коло од Премиер лигата на стадионот „Брентфорд Комунити“, меѓу домашниот тим и лидерот Арсенал заврши со 1:1 (0:0).
Арсенал, во Брентфорд имаше расположен ривал, кој потврди дека е во врвна форма.
Првото полувреме помина во тактичко надмудрување од страна на двајца менаџери, Кит Ендрус (Брентфорд) и Микел Артета (Арсенал). Без многу возбудувања пред двата гола.
Брентфорд ја имаше единствената вистинска шанса. Матијас Јенсен центрираше, а, Игор Тиаго со глава упати удар со глава, но голманот на „Топџиите“, Давид Раја, реагираше брилијантно и спречи водство на „пчелите“.
Лидерот во Премиер лигата не упати ниту еден удар во голот на Брентфорд во првото полувреме, а успеа да ја материјализира првата вистинска шанса во 61-та минута:
Пјеро Инкапие совршено центрираше од левата страна, а Нони Мадуеке скокна уште подобро и го совлада Ирецот Келехер.
Тој гол не ги обесхрабри домашните фудбалери. Напротив, тие тргнаа уште порешително кон голот на Арсенал и создадоа неколку опасни ситуации преку Кин Луис Потер и Игор Тијаго. Изедначија десет минути подцна.
По еден удар од далечина, Ван ден Берг ја упати топката со глава, а Луис Потер на ист начин го доби дуелот со Мартин Едегор и ја смести топката зад грбот на Раја.
Домашните фудбалери имаа одлична можност за целосен пресврт во 87-та минута. Игор Тијаго првично го надигра Москера, но кога требаше да шутира, младиот Шпанец се искупи со фантастична интервенција и ја елиминираше опасноста.
Бразилецот имаше уште една шанса во 90+2 минута, а потоа неговиот сонародник Габриел Мартинели на спротивната страна од теренот не успеа да му донесе победа на Арсенал.
Беше сам пред Келехер, но не постигна гол.
„Топџиите“, се први на табелата со 57 бода, четири повеќе од Манчестер Сити. Брентфорд е на одлично седмо место со 40 бода.
Спорт
(Видео) Атлетико за полувреме ја прегази Барселона
Со историско прво полувреме, Атлетико Мадрид ја декласира Барселона со 4:0, во првиот полуфинален натпревар во Купот на Кралот.
Сè започна со „мртвата шанса“ на Симеоне во третата минута, кога Џоан Гарсија излезе како победник. Три минути подцна Ерик Гарсија со автогол го најави потопот на Барселона. Антоан Гризман, по една течна акција го зголеми резултатот во 14-тата минута.
Хулијан Алварез, потоа ја презеде палката од Гризман, му асистираше на новодојдениот Адемола Лукман во 33-та минута.
Аргентинецот стави крај на совршениот период на Атлетико Мадрид во втората минута од судиското продолжение. Нигериецот овој пат му возврати со аситенција.
Алварез го прекина постот, ова беше негов прв гол од 9 декември минатата година.
Во првиот дел Атлетико имаше уште три големи шанси, но не успеаја да реализираат Гризман, Алварез и Лукман.
Единствените две шанси за Барселона ги промаши Фермин Лопез, во првото полувреме. Погоди пречка на 3:0, а имаше и „еден на еден“ ситуација со Мусо при истиот резултат.
В вториот дел, Атлетико трпеливо ги чекаше шансите, а Барселона залудно се обидуваше да создаде шанса за гол. Каталонците постигнаа гол во 53-та минута, кој по седум минути ВАР го поништи.
Барселона мечот го заврши со играч помалку, во 84-та минута Ерик Гарсија доби црвен карто. Дефанзивецот како последен човек во одбраната го фаулираше Баена.
Foto/ EPA

