Спорт
Како Роналдињо го „зезнал“ Клеберсон да потпише за Манчестер јунајтед
Бразилецот Клеберсон беше едно од најразочарувачките засилувања на Манчестер јунајтед во ерата на Сер Алекс Фергусон, заедно со можеби Ерик Џемба-Џемба, и сега во интервју тој признава дека потпишал за „ѓаволите“ во 2003 година поради тоа што го „зезнал“ неговиот соиграч, Роналдињо.
Роналдињо и Клеберсон беа посакувани од Фергусон откако беа дел од бразилската репрезентација која го освои Светското првенство во 2002 година, но успеаја да го убедат само Клеберсон од Атлетико Параненсе за 6.5 милиони фунти. Роналдињо бил блиску до трансфер и Клеберсон вели дека тој му кажал дека набргу ќе му се приклучи во Англија, пред да направи трансфер во Барселона.

„Имаше два клуба заинтересирани за мене: Манчестер јунајтед и Лидс. Тоа беше лесен избор, но имаше и интересна позадина. Кога Јунајтед го потврдија интересот бевме со бразилската репрезентација во Франција за Купот на конфедерации. Јасно се сеќавам, бевме со Роналдињо и неговиот брат и агент Асис и тој ми кажа дека сакаат да потпишат со двајцата. Јас бев пресреќен што ќе одиме двајцата се вратив во Бразил и преговарав со Јунајтед, но тогаш тој ме ’зезна’ и отиде да игра на топло време во Барселона. Тоа е уште тема меѓу нас двајца и тој знае дека ми должи“, вели Клеберсон во интервју за магазинот „Фор фор ту“.
Клеберсон никогаш не доби вистинска шанса на „Олд Трафорд“ и имаше само 20 лигашки настапи пред во 2005 година да биде продаден на Бешикташ.
Роналдињо пак, неодамна оваа година призна дека бил на само „48 часа“ од потпис со Јунајтед, пред да му се јави Сандро Росел, претседателот на Барселона и да го убеди да отиде во Каталонија. Во Барса, Роналдињо ќе освои две шпански титули и трофеј од Лигата на шампиони, а во 2005 ја освои и „Златната топка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Битката за Африка и пешкирот – Сенегалците жестоко го бранеа затоа што штити од црна магија?
Финалето на Африканскиот куп на нации помеѓу Мароко и Сенегал сè уште е најжешката тема на фудбалската јавност.
Натпреварот во Рабат тешко дека ќе се памети по фудбалскиот спектакл, но настаните ќе се раскажуваат долго време поради кои африканскиот фудбал секогаш ќе служи за потсмев.
Медиумите сега се фокусираат на драмата што се одвиваше зад голот на сенегалскиот голман Едуар Менди.
Имено, во второто полувреме, капитенот на Мароко, Ашраф Хакими, го зеде пешкирот на Менди и го фрли зад рекламите.
Сенегалскиот дефанзивец Ел Хаџи Малик Диуф веднаш реагираше, скокна преку оградата и му го врати пешкирот на Менди, но тоа вредно парче ткаенина повторно исчезна.
Тогаш на сцената се појави резервниот голман на Сенегал, Џеван Диуф (не бранеше ниту секунда на турнирнирот), кој го донесе својот пешкир зад голот на Менди и му го даде на својот соиграч да ги избрише ракавиците бидејќи врнеше дожд за време на натпреварот.
Диуф цело време остана зад голот и му „помагаше“ на својот колега секогаш кога му требаше пешкир.
Но, потоа селекторот на Мароко го замени својот играч од средниот ред Исмаел Саибари и го испрати зад голот на Сенегалците за да го спречи Диуф да му го подава пешкирот на Менди.
Резервниот голман на Сенегал успеа да го заобиколи Саибари и да му го подаде пешкирот на Менди, но потоа Мароканците решија да ги ангажираат деца кои ги носат топките.
Во еден момент, за време на акцијата на Мароко на половината на Сенегал, дури четири момчиња го нападнаа Диуф и се обидоа неколку пати да му го украдат пешкирот.
По натпреварот, Саибари одлучи да го посети хотелот на репрезентацијата на Сенегал за лично да му се извини на голманот Менди за несоодветното однесување поврзано со пешкирот на сенегалскиот голман.
Италијанскиот весник „Газета дело Спорт“ откри зошто Мароканците се обидоа да го добијат пешкирот на Менди.
„Сенегал и вуду пешкирот што Мароканците се обидоа да го украдат за време на финалето“ е насловот на текстот во кој се објаснува сенегалското суеверие.
„Пешкирот на Менди, според верувањето на Сенегалците, е платнено оружје кое апсорбира црна магија и ја пренесува нејзината моќ на својот сопственик. Иако многумина мислат дека е бесмислено, Мароканците дадоа се од себе за да го земат“, се вели, меѓу другото, во статијата во „Газета дело Спорт“.
Foto/ EPA
Спорт
Македонија мора да ја победи Романија, потоа ќе навива за Данска
Ракометната репрезентација на Македонија, вечерва во Хернинг, го игра клучниот натпревар, во првата фаза на 17-то Европско првенство. Од 18 часот, Макеоднија ќе се соочи со репрезентацијата на Романија.
Македонија, по нерешениот резултат со Португалија (29:29), ги задржа шансите за пласман во главната фаза. Вечерва ќе биде познато дали избраниците на Кирил Лазаров ќе продолжат во главната фаза, во група со Франција, Норвешка, Германија, Шпанија и Данска.
Познато е што и е потребно на Македонија за пласман во Топ 12. Прв услов е победа над Романија, по можност убедлива, а потоа потребен е и убедлив триумф на Данска над Португалија.
По првите две рунди во Б групата, Португалија има гол разлика +6, а Македонија -12.
Foto/ EPA
Спорт
По прославата доаѓаат казните
Африканската фудбалска конфедерација (CAF) издаде соопштение по финалниот натпревар од Африканскиот куп на нации, кој имаше скандалозен крај.
Фудбалерите на Сенегал го кренаа вториот трофеј во последните три учества на континенталното првенство со минимален триумф (1:0), над домаќинот Мароко, а малку фалеше Сенегалците да не го доиграат натпреварот.
Виновник за циркузот на стадионот во рабат, беше конгоанскиот судија, Жан-Жак Нгамбо Ндала, кој досуди пенал за Мароко веднаш по поништувањето на голот на Сенегал. Двете одлуки беа спорни, што беше премногу за гостите и селекторот Папе Тијав ги повлече своите фудбалери од теренот.
На инсистирање на капитенот Садио Мане, играчите се вратија, Брахим Дијаз го промаши пеналот, а Сенегал на крајот победи со гол во првото продолжение.
Сепак, настаните на теренот, на трибините и во конференциската сала нема да останат неказнети. CAF објави дека ќе се спроведе истрага, по што сите одговорни ќе бидат казнети.
Бидејќи претставниците на Мароко ја добија наградата за фер-плеј, претпоставката е дека „подебелиот крај“ ќе го извлече Сенегал.
„Африканската фудбалска конфедерација го осудува неприфатливото однесување на неколку играчи и службени лица за време на финалето на Африканскиот куп на нации помеѓу Мароко и Сенегал.
Конфедерацијата остро осудува секаков вид неприфатливо однесување за време на натпреварите, особено она насочено кон судиите или организаторите.
Ги прегледуваме сите снимки и сите докази ќе бидат доставени до надлежните органи со цел да се преземат мерки против одговорните“, соопшти CAF.
Foto/ EPA

