Спорт
Кан: Роналдо не е за Баерн
Претседателот на Баерн Минхен, Оливер Кан, ја отфрли можноста за доаѓање на Кристијано Роналдо, велејќи дека Португалецот не се вклопува во филозофијата на германскиот клуб.
„Разговаравме за тоа, инаку немаше добро да си ја вршиме работата. Мислам дека Кристијано Роналдо е еден од најдобрите фудбалери што некогаш постоеле на оваа планета. Но, дојдовме до заклучок дека и покрај сета почит што ја имаме кон него , во сегашната ситуација, тој не би одговарал на нашата филозофија“, изјави Кан за „Билд“.
Кан не објасни што сака да каже со „филозофијата на Баерн“, но клубот нема традиција да доведува светска ѕвезда, чија висока плата би ризикувала да создаде лоша атмосфера меѓу играчите. Исто така, во Баерн претпочитаат да им даваат можности на младите таленти, отколку на играчите кои се пред крајот на кариерата.
Роналдо има договор со Манчестер јунајтед на уште една година, а 37-годишниот Португалец по завршувањето на минатата сезона изјави дека е незадоволен од амбициите на клубот и дека би сакал повторно да игра во Лигата на шампионите.
Јунајтед оваа сезона ќе игра во Лига Европа, откако заврши на шестото место во Премиер лигата, со 35 бода помалку од шампионот Манчестер Сити. Тимот освои 58 поени, најмалку од основањето на Премиер лигата во 1992 година.
Роналдо ја пропушти претсезонската турнеја на Манчестер јунајтед, а на почетокот на неделата се врати во Англија и разговараше со тренерот Ерк тен Хаг, кога, според британските медиуми, повторно изразил желба да си замине.
Една од пречките за наоѓање нов клуб ќе биде платата, бидејќи минатата сезона Роналдо беше најплатениот фудбалер на Јунајтед со повеќе од 500.000 евра неделно.
Кан во интервју за „Билд“, изјави дека клубот е заинтересиран за напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн, но потсети дека 28-годишниот фудбалер има договор со лондонскиот клуб.
Кејн е под договор до 2023 година, а неговиот тренер Антонио Конте пред неколку дена се пожали на обидот на Баерн да го доведе напаѓачот на Тотенхем.
Баерн сака да доведе уште еден напаѓач откако Роберт Левандовски замина во Барселона. Германскиот шампион ова лето веќе ги доведе Садио Мане од Ливерпул и 17-годишниот Матис Тел од Рен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Шифрин доминантно до златниот медал во слалом
Микаела Шифрин, на импресивен начин, со предност од 1,50 секунди, го освои златниот медал во слалом.
За 30-годишната Американка, ова е осма победа во слалом оваа сезона, таа само ја продолжи доминацијата од Светскиот куп со две брилијантни трки. Во Милано и Корина го освои четврти олимписки медал во кариерата, трет златен.
Шифрин, во првата трка создаде огромна предност пред ривалките. Втората трка донесе хаотичен финиш.
Корнелија Елунд, трета по првото возење, направи голема грешка во долниот дел од патеката и не ја заврши тркаат. Лена Дир, втора по првото возење, излета на првата капија и ја шокираше публиката и остана без медал.
Покрај Шифрин, на подиумот завршија Камила Раст и Ана Свен Ларсон.
Швајцарката Раст, која во јули полни 27 години, освои сребро, за неа ова е прв олимписки медал. Прва пат медал на Олимпијадите освои и Швеѓанката Ларсон. Ја искористи последната можност, со оглед на тоа што во јуни полни 35 години.
Швајцарката Венди Холденер беше четврта, 21 стотинка зад Ларсон, Катарина Труп беше петта, а по неа следуваа: Катарина Хубер, Мелани Мајер, Ема Ајхер и Кејтлин Мекфарлан.
Foto/ EPA
Спорт
Атанасовска не ја заврши трката во слалом
Maкедонската скијачка Јана Атансовска, претпладнево го имаше вториот настап на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина.
И вториот настап на Атанасовска, заврши неславно. По трката во велеслалом, таа не успеа да ја заврши и трката во слалом.
Атанасовска стартуваше како 61-ра, направи грешка во раната фаза од трката, поради што не успеа да се избори за настап во втората трка.
Инаку, по првата трка убедлива предност има Американката Микаела Шифрин.
Foto/ mok.org.mk
Спорт
(Видео) Спалети: Три чекори назад
Тренерот на Јувентус, Лучијано Спалети, зборуваше на прес-конференцијата по убедливиот пораз од Галатасарај.
Фудбалерите на Јувентус доживеаа дебакл во Истанбул, турскиот тим победи убедливо со 5:2.
„Лошо го завршивме првото полувреме и се обидовме да ја подобриме ситуацијата во второто. Нашиот тим падна во однос на посветеноста и карактерот. Денес, Јувентус се врати три чекори назад, а не еден“, рече Спалети.
Искусниот стратег потоа ја опиша ситуацијата поради која Хуан Кабал беше исклучен на почетокот на второто полувреме.
„Камбијасо ризикуваше да добие втор жолт картон кон крајот на првото полувреме. Ако веќе имате жолт картон во вакви натпревари, мора да знаете како да се однесувате, но сепак ја плативме цената со исклучувањето на Кабал. Тоа ни создаде некои тешкотии, а потоа и самите направивме премногу грешки, вклучително и во организацијата на нападот.“
Потоа Спалети ја анализираше играта на својот тим.
„Верувам дека нашиот тим може да ја подобри својата дефанзивна игра ако игра правилно. Немаме фудбалери кои се особено добри во контранападите или такви кои гарантираат голема сигурност во одбраната. Ако паднеме под нашето ниво, секогаш ќе бидеме во опасност“, истакна Спалети, а потоа продолжи:
„Секогаш сакаме да играме во нормални ситуации. Кога има сериозна опасност, топката мора да се исфрли, идејата дека секогаш треба да се игра не е точна. Кога се случуваат екстремни ситуации, никогаш не е лесно. Мора да преземеме одговорност. На индивидуално ниво и во разбирањето на одредени ситуации, тимот сè уште не е во најдобра форма и вечерва само ја влошивме ситуацијата“.
Ревашот, во кој Јувентус ќе биде домаќин ќе се одигра наредната среда, во Торино.
Foto/ depositphotos

