Спорт
Кари и пресуди на Франција – САД го освоија златото на кошаркарскиот турнир
Кошаркарите на Соединетите Американски Држави го освоија 17 златен медал на Олимписките игри.
Избраниците на Стив Кер беа подобри во „Берси“ од домаќинот Франција со резултат 98:87.
Американците водеа речиси во текот на целиот натпревар, но немаа повисока предност од 14 поени. Франција дојде на -3 на помалку од три минути до крајот, но тој налет го одби Стеф Кари со четири тројки.
Кари беше најефикасен со 24 поени (8/12 за три) и пет асистенции. Кевин Дурент и Девин Букер додадоа по 15 поени и четири асистенции, а Леброн Џејмс 14 поени со 10 асистенции и шест скока.
Кај Французите, Виктор Вембањама постигна 26 поени и седум скока, Гершон Јабуселе додаде 20, а Нандо де Коло постигна 12 поени.
Што се однесува до Франција, оваа репрезентација го повтори резултатот од Токио и го освои четвртото сребро на олимпијадоте.
Натпреварот започна во високо темпо, а нападите траеја исклучително кратко.
Американците не блескаа, но Французите не знаеја да го искориста тоа, потфрлија во сегментот каде што се најсилни, во одбраната.
Америка водеше на стартот од мечот, но во воведните минути од втората четвртина Французите со серија од 8:0 го свртеа резултатот во своја полза.
Американците многу брзо ја вратија предноста со тројките на Девин Букер и Стеф Кари.
Се вклучи и Леброн Џејмс, со неговите карактеристични прослави кои ги „распалија“ навивачите на трибините, но токму така наречениот„крал“беше жртва на Гершон Јабуселе, кој го „постеризираше“ на крајот од полувремето. Американците го добија првиот дел со 49:41.
На почетокот на вториот дел се чинеше дека Американците ќе ги скршат своите ривали во релативно лесен ритам, но не беше баш така.
Џоел Ембид провоцираше, Стеф Кари почна да погодува тројки, но ноншалантноста на Американците зеде замав третата четвртина, која Франција ја реши во своја полза и пред 4/4 дојде на само -6.
Во последниот период Французите дојдоа до -3 на нешто помалку од три минути до крајот, овој налет го одби најдобриот шутер во историјата на НБА лигата, Стеф Кари кој погоди четири тројки и стави точка на мечот.
Бронзата на олимпискиот турнир ја освои Србија, која во „малото финале“ ја победи Германија со 93:83.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Американките во драматично финале го освоија олимпиското злато
Поделени се медалите на женскиот хокеарски турнир, на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина. САД го освоија златото со победа од 2:1 над Канада во финалето по продолжение. Швајцарија ја освои бронзата.
Како и во претходните три, САД и Канада се сретнаа и во ова финале. И приредија спектакл. На крајот, сè беше решено во продолжението.
Херој на третото злато за Американките беше Меган Келер. Таа го постигна победничкиот гол во петтата минута од продолжението.
Но, Канада има многу за жалење. Водеше од почетокот на вториот период со голот на Кристин О’Нил, па сè до две минути пред крајот. А потоа Хилари Најт, на асистенција на подоцнежната хероина Келер, постигна гол за 1:1 и продолжение. Во кое Келер погоди за голема победа.
И Швајцарија забележа голема победа. За третото место, ја поразија Шведска, исто така по продолжение, со 2:1, и со тоа Швајцарките го освоија својот прв олимписки медал по 12 години.
Foto/ EPA
Спорт
(Видео) Звезда победи во Лил, Штутгарт го декласира Селтик
Фудбалерите на Лудогорец ја спасија честа на домашните тимови во Лига Европа. Во првите осум натпревари, шест победи забележаа гостите, само Лудогорец победи на домашен терен, а Панатинаикос успеа да извлече реми.
Изненадувањето на вечерта го направи Црвена звезда со победата во Лил. Српскиот првак победи со голот на Тебо Учена во првата минута од надополнувањето на времето во првото полувреме.
Црвено-белите доминираа против Лил и само можат да жалат што победата не е изразена со повеќе голови разлика.
Инаку, Црвена звезда ја забележе првата победа на француска почва, во својата историја. Во претходните девет гостувања, црвено-белите имаа две нерешени и седум порази.
Селтик доживеа тежок пораз од Штутгарт (1:4). Во првото полувреме се истакна Мароканецот Билал Ел Ханус, кој игра за Штутгарт како позајмен играч од Лестер Сити.
Прво, во 15-та минута, искористи „бразилска“ асистенција со петицата на Денис Ундав, а во 28-та минута реагираше добро по центаршутот на Анџело Стилер и, заборавен од домашните играчи, повторно го совлада ветеранот на Селтик, Каспер Шмајхел.
Помеѓу двата гола на Штутгарт, Бенџамин Нигрен ја искористи конфузијата во одбраната на „Швабите“.
Сепак, во вторите 45 минути, Германците беа уште поубедливи.
Првиот, со прецизен удар на Џејми Левелинг, а потоа Тијаго Томас го постави конечниот резултат на крајот од натпреварот.
Лудогорец е единствениот тим што победи на домашен терен. Шампионот на Бугарија се сретна со Ференцварош во Раздград и победи со резултат од 2:1 (1:1).
Домашниот тим поведе со голот на Кванд Ду, Деле израмни за Унгарците.
Победата за Лудогорец ја донесе Шпанецот Сон во 67-та минута.
Foto/ EPA
Спорт
Меншик го победи Синер
Чешкиот тенисер Јакуб Меншик го победи Јаник Синер во четвртфиналето на турнирот во Доха.
Меншик славеше по два часа и 13 минути борба, со 2-1 во сетови – 7:6(3), 2:6, 6:3.
Ова е втората најголема победа во неговата кариера, откако го победи Новак Ѓоковиќ во финалето во Мајами минатата година.
За 20-годишниот Чех, ова беше прв дуел со Синер во кариерата, а првото полуфинале во Доха, ќе му го донесе и 13-то место на АТП листата.
Foto/ EPA

