Спорт
Кер освои 33 отсто од можните НБА трофеи во последните 27 години

Кошаркарите на Голден Стејт со победата против Бостон во шестиот натпревар од финалната серија 103:90 (4-2) ја освоија седмата НБА титула во историјата и ги прескокнаа на вечната листа Чикаго Булс, кои имаат еден помалку. Далеку пред сите на оваа листа се Бостон Селтикс и Лос Анџелес Лејкерс со 17 трофеи.
Вориорс четврти пат, во последните осум години, успеаја да ја освојат титулата во НБА лигата. Стеф Кари ја комплетираше листата на индивидуални награди со трофејот МВП на финалната серија, претходно беше најкорисен кошаркар во лигата во 2015 и 2016 година и на Ол-стар натпреварот 2022 година.
Неколку тешки години минаа Вориорс, по заминувањето на Кевин Дурент, повредата на Клеј Томпсон и подмладувањето на тимот, но оваа сезона се вратија во плејофот и на супериорен начин ја освоија титулата.
Кари, Томпсон, Дрејмонд Грин и Андреа Игудала по четврти пат станаа шампиони и на вечната листа се изедначија со Леброн Џејмс како единствени активни играчи со толку титули.
Само 26 кошаркари имаат освоено повеќе титули во историјата, а меѓу нив има дури десет играчи на Бостон Селтикси кои доминираа од 1957 до 1969 година, кога во 13 сезони 11 пати беа шампиони.
Тренерот на Вориорс, Стив Кер, исто така пишува страници од историјата. Тој беше трикратен шампион со Чикаго Булс (1996-1998) и двапати со Сан Антонио Спарс (1999, 2003), а како тренер со тим од Калифорнија има четири титули. Значи, му недостига уште една за двоцифрениот број на пехари.
Интересно е што Кер освојуваше титули во четири различни децении, а импресивен е фактот што во последните 27 години, како играч и тренер, освоил 33% од трофеите, односно една третина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Трагичната судбина на Диого Жота: Докторот му рекол да не патува со авион

„Диого Жота патувал со автомобил со својот брат бидејќи му било советувано да не користи авион по операцијата на белите дробови што ја имал“, објавија медиумите во Португалија и Англија.
„Диого и неговиот брат Андре планирале да отпловат за Англија, па поради тоа се упатиле кон Стандандер, а потоа, откако преноќиле, се упатиле кон Бенавенте, каде што требало да се качат на траект за Англија“, објави CNN.
Жота претрпел тешка повреда на ребрата во текот на сезоната и ја искористил паузата помеѓу двете првенства не само за одмор и венчавка, туку и за рутинска операција на белодробно крило кое било малку оштетено од ударот.
Затоа, според португалските медиуми, му било советувано да не користи воздушен транспорт поради разликата во притисокот и можните компликации.
Диого и Андре поради тоа тргнале на пат со автомобил, а набргу потоа се случила трагична несреќа во која двајцата ги загубиле животите.
Гума експлодирала на нивниот автомобил додека престигнувале на патот, ја изгубиле контролата врз возилото кое се превртело и се запалило.
Спортскиот свет се уште е во шок по трагичната вест од Шпанија.
Фото/ EPA/ADAM VAUGHAN
Спорт
Иванишевиќ шокиран од состојбата на Циципас: „Не сум видел понеподготвен играч“

Патувањето на страдањето на Циципас продолжи со неговата елиминација во првото коло на Вимблдон.
Во интервју за „Спортклуб“ во Лондон, Иванишевиќ проговори за соработката со Гркот, за доблестите и недостатоците во играта на неговиот ученик, кој, како што вели, итно треба да реши одредени проблеми што ги има надвор од теренот.
„Едноставно е и не е едноставно. Разговарав со него многу пати. Ако успее да реши некои работи надвор од тенисот, ќе има шанса и ќе се врати таму каде што му е местото, бидејќи е премногу добар играч за да биде надвор од првите десет. Ако не успее тоа, нема шанси. Моја одговорност е да му поправам некои технички детали на теренот, тоа е најлесниот дел, но тој мора самиот да го реши второто. Ако успее, искрено сакам да успее, без разлика дали сум таму или не“, рече Иванишевиќ.
Во првото коло, Циципас загуби од Валентин Ројер, на кого му се предаде по два сета.
„Тој има желба, но не прави ништо. Сè е „ќе биде, ќе биде“, но не гледам никаков напредок. Ако сака да успее, мора да го реши проблемот со грбот. Бев шокиран, никогаш во животот не сум видел играч физички понеподготвен. Јас, со моето колено, сум барем три пати поподготвен од него. Не знам што правеше цела година, но ова е многу лошо“, додаде Горан.
Спорт
Шпански тинејџер е најскапиот играч во историјата на Комо

Шпанскиот крилен играч Хесус Родригез потпиша за Комо до 2030 година во трансфер вреден 22 милиони евра. Родригез стана најскапиот играч во историјата на клубот.
Рекордот што претходно го држеше Мартин Батурина брзо беше срушен. Пред една недела Батурина дојде во Комо од Динамо Загреб за 18 милиони евра.
Хесус Родригез ќе наполни 20 години во ноември, а минатата сезона постигна пет гола на 44 натпревари за Бетис.
Момчето родено во Севилја често се споредува со легендата на клубот, познатиот Хоакин, во однос на неговиот стил на игра.
Foto/ EPA