Спорт
Кире Лазаров ја заврши кариерата

Еден од најдобрите десни бекови во историјата на ракометот, македонската легенда Кирил Лазаров, ја заврши кариерата. Кариерата на Лазаров од Борец преку Пелистер Загреб, Веспрем, Ал Сад, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, Барселона и Нант траеше цели 27 години. За Македонија настапуваше од 1999 до 2022 година.
Селекторот на репрезентацијата на Македонија со писмо до навивачите го објави крајот на кариерата.
„Моето долго и прекрасно патување дојде до самиот крај. Одлуката беше тешка да се донесе, но сепак очекувана. Тешка затоа што го работев тоа што го сакам, од срце, со многу страст и ентузијазам. На моја возраст не е нималку лесно да играш на високо ниво во клуб со големи амбиции и очекувања и во лига чија национална репрезентација веќе две децении доминира во светот на ракометот.
Не сакав оваа одлука да ја соопштам многу порано иако знаев дека е крај, дека е последна сезона. Сакав да бидам професионален и мотивиран, каков што бев во текот на целата моја кариера. Кога нешто работиш со голема љубов, можеш да поместиш граници.
Заминувам со гордо крената глава играјќи за клубови институции како Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Барселона, Нант. Клубови, градови и земји каде што останував минимум пет години, што ја покажува обострано стекнатата доверба со луѓето со кои соработував. Довербата се стекнува со многу труд, посветеност, константност… Тоа посебно ме прави горд што не затворив врата во тие спортски институции. Почнувајќи од мојот матичен клуб, Овче Поле, преку Борец и Пелистер, полека, со правилни одлуки и цврсто на земја, без никакви илузии, зачекорив со Европа.
Многу титули, многу успеси и разочарувања, подеми и падови, победи и порази, ситуации каде што некогаш не се гледал излез, но со многу верба, посветеност и чесност успевав да застанам на нозе и да продолжам понатаму.
Особено ми е драго што, покрај обврските кон овие ракометни институции, наоѓав време, желба и страст да бидам во служба на нашата национална репрезентација. 25 години и дванаесет големи натпреварувања со една мала земја, секогаш аутсајдер против големите, секогаш со голема верба дека Давид може против Голијат играјќи дури и во петтата деценија од животот за својата земја, ми дава право секого да му погледнам во очи, дури и некогаш да не сум исполнил нечие очекување.
Јавно му се заблагодарувам на моето семејство за поддршката целиот овој период.
Благодарност за моите блиски луѓе, кои не се многубројни, но не се ни малобројни. Самите ќе се препознаат во овие зборови. Благодарност до сите фанови што ги имав во голем број во текот на целата моја кариера, кои знаеја да препознаат тешки ситуации и да дадат поддршка кога е најпотребно заедно да се радуваме, па дури и во болните порази, од кои заеднички излегувавме посилни.
Завршувањето на играчката кариера е само едно кратко довидување од ракометот. Мојот веќе новопочнат предизвик е тренерскиот повик и верувам дека и тука заеднички ќе се радуваме, тагуваме и надградуваме поместувајќи нови граници.
Моето мото што пак ќе ме води ќе биде – СЕКОГАШ НА ПОБЕДА“, пиша Лазаров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Зошто Ноле, зошто сега?!

Од специјалниот известувач од Вимлдон
Додека целиот Централен стадион еуфорично му аплаудираше по првата победа на турнирот и изјавата дека е подготвен да го освои Вимблдон, малата група српски новинари седнати во редот пред мене егзалтирано коментираа за начинот на кој Новак го прослави првиот триумф – со таканареченото пумпање.
Во истиот момент ми стигнува порака на Вибер од пријател од Скопје, кој ме прашува „дали коментаторот на Арена, малку го мрази Новак“. Не знам што зборувал коментаторот, но кој сега да му објаснува дека Арена е во сопственост на Телеком Србија, а Телекомот е државно претпријатије, така што е под контрола на власта, за која Новак јасно се декларира дека ѝ е противник. А, и прорежимските портали, кои известуваат од Вимблдон, до само минатата година вестите, извештаите и изјавите на Новак ги објавуваат на прв клик од нивниот портал. Сега мораш долго да скролуваш за да ги најдеш.
Доцна е во ноќта, по македонско време длабоко после полноќ, повеќе не има нас – српските известувачи и јас (кој со години се шлепам покрај нив, за да можам по некогаш нешто да го прашам Ноле – од срце им благодарам за оваа солидарност!) кои ја чекаме прес конференцијата на Новак, отколку оние странските. Една група од нив се договараат кој да го праша Новак за начинот на прослава на победата. Очигледно има страв кај оние од прорежимските портали да зборуваат за тоа. Се доближувам до другата група од српски новинари. Јасно е дека зборуваат за пумпањето, но кога ме видоа веднаш ја сменија темата – за времето како заладило. Се плашат од мене да не сум Балкански шпион, иако знаат дека не сум, но кај сите нив забележувам дека во овие моменти се крие малиот Илија Чворовиќ. Ги напуштам, бидејќи чувствувам дека не сум пожелен во овие моменти.
Што тоа се случува во Србија, со Новак, каква е оваа параноја и страв кај известувачите од Србија? Не можам да поверувам кои теми и проблеми ја одземаат нивната енергија и фокус. А, само до минатото лето сѐ беше поинаку. Оваа ноќ забележувам една токсична атмосфера на Вимблдон кај српските новинари, која ја почувствував и во април кај роднините кога бев во Белград. Се обидувам на таа тема да правам шеги со колегите, но чувствувам дека повеќе од куртоазија и почит ми се насмевнуваат отколку што им се забавни моите зезанции. Србија е сурово поделена на два дела.
Јасно е дека после ваквиот начин на прослава на победата на Новак, за која тој изјави дека ќе му биде стандарден начин на прославување во текот на целиот турнир, повторно ќе наиде на поделени реакции во Србија – едни ќе го слават, други ќе го осудуваат. Јас, како неутрален, се прашувам што му требаше ова. Не зошто внесува политика во неговиот тенис – негова работа – туку зошто тоа го прави сега, на Вимблдон. Најмногу од сѐ што му треба е мир, спокој, нирвана доколку сака да го освои 25-от гренд слем. Токму онака како го сетираше својот хабитус пред Олимписките игри во Париз. И сега кога времето во Вимблдон се погоди да е секој ден топло, и на раат да се игра тенис, тој предизвикува темни облаци од Србија да истурат олуја над Централниот кор кога тој игра. А, тоа сигурно ќе се случи.
Зошто ваков непотребен потег, зошто јавно заземање страна, кога до само пред некој месец тој за сите Срби беше не крал, туку Господ Бог. А, можеше барем нешто да научи и од тоа кралско семејство, со кое седум пати се сретнувал и ракувал на Вимблдон кога му го доделувале пехарот. Кралот никогаш не се меша во внатрешните политички збиднувања на државата. Може приватно да има свој став, но јавно секогаш е издигнат над тоа. И, овие денови, кога премиерот Ким Страмер најавува сурова реформа на социјалната политика, за која опозицијата и невладиниот сектор го обвинуваат дека повеќе од 800000 луѓе ќе страдаат од глад и сиромаштија, Кралот Чарлс се држи на страна. Можеше и Ноле, но кој сум јас да го учам и советувам.
Можеби во сево ова има и лична пизма кај Ѓоковиќ против Вучиќ, од нешто што му е ветено, но не е исполнето Во 2020. имав можност да го интервјуирам неговиот татко Срѓан, кој тогаш ми зборуваше како наскоро во Белград, на Кнез Михајлова ќе се отвори музеј на Новак Ѓоковиќ, во кој ќе бидат изложени сите негови освоени пехари, и лични работи кои го следеле додека ја испишувал историјата на најголемиот на сите времиња. Минатиот Вимблдон, повторно Новак го прашав до каде е со музејот. И повторно, после четири години, одговорот беше дека се надева дека наскоро ќе биде отворен, но не на Кнез Михајлова. После ова пумпање, тешко додека е Вучиќ на власт. А, потоа и Новак веќе ќе се пензионира, така што и музејот нема да го има хајпот кој би го имал сите овие години.
Колку и да се обидувам да го контролирам текстов да остане само на спортски терен, невозможно е. Ноле самиот си внесе политика, и сам ќе мора да се носи сега со тоа на хард кор начин. Нема веќе да може дискретно да го прави тоа со објавување фотографии од блокадите на својот Инстаграм, или да дава немушти изјави, како минатата ноќ, дека пумпањето било договор меѓу него и неговите деца и дека таа кореографија е прикладна за да ја слави секоја победа на Вимблдон.
Прво што сега ќе се очекува од него е по враќањето во Белград, и тој како Бодирога, Штимац и другите српски спортски великани да се појави на блокадите и протестира. Но, ќе мора и уште повеќе да тоне во политиката: протестите се поделени, на таканаречено прозападно крило и национално. Кој дел тој го поддржува? Дали оние кои одеа да се жалат во Стразбур и Брисел, или оние кои пред неколку денови на Видовден му се колена на верност на Цар Лазар? Познавајќи го неговиот татко, Срѓан, кој во тие неколку часови дружење ми остави впечаток дека е „Србин од дното на кацата“, прво него не ќе смее да го разочара, а потоа и другите национално ориентирани Срби.
Но, повторно ќе има разочарани, поделбата ќе се продлабочува, ореолот на „најголемиот српски син“ ќе бледнее.
Повторно се прашувам, зошто Ноле, зошто сега, кога конечно целиот свет те прифати и засака, а за Србите беше повеќе од митско суштество, ја внесуваш оваа поделба кај твоите српски навивачи за повторно да се појави омраза? Ако случајно изгубиш на Вимблдон, уште сега ги гледам злочудните коментари на твоите поранешни навивачи во Србија – така и ти треба, само продолжи да пумпаш и понатака.
Ненад Живановски-Столиќ
Спорт
Гудуриќ претставен во Милано

Фото/ EPA-EFE/RYAN LIM
По шампионската сезона со Фенербахче, Марко Гудуриќ одлучи да го напуѓти клубот. Во иднина ќе биде играч на Олимпија Милано.
Клубот го претстави Гудуриќ со објава на социјалните мрежи. Италијанскиот клуб објави фотографија на која напиша:
„Добредојде Марко.
Кошаркарскиот клуб Олимпија Милано објавува дека постигна повеќегодишен договор со Марко Гудуриќ“, се вели во објавата.
Не е познато на колку години е потпишана соработката и колкава ќе биде платата на Гудуриќ во новиот клуб.
Спорт
Јасна порака од „Енфилд“: Луис Дијаз не е на продажба

Фото/ EPA-EFE/PETER POWELL
Фудбалскиот клуб Ливерпул ја отфрли понудата на Баерн Минхен за колумбискиот интернационалец Луис Дијаз.
„Скај Спортс“, објави дека раководството на англискиот шампион му соопштило на спортскиот директор на Баерн, Макс Еберл, дека Дијаз не е на продажба. Не е познато колку понудил Баерн за играчот на Ливерпул.
Британските медиуми потсетуваат дека раководството на Ливерпул ја отфрли понудата на Барселона за Дијаз пред неколку недели.
„Ливерпул не сака да разгледува никакви понуди за Колумбиецот. Пораката е јасна, тој не е на продажба. Дијаз се вклопи совршено во тимот на Ливерпул и неговиот придонес ќе биде клучен во наредните сезони“, објави „Скај Спортс“.
Дијаз (28) пристигна во Ливерпул во 2022 година од Порто. Тој одигра 148 натпревари за клубот од „Енфилд“ и постигна 41 гол.
Колумбискиот фудбалер има договор со Ливерпул до 30 јуни 2027 година.