Спорт
Кјелини има нов клуб

Џорџо Кјелини, со статус на легенда, по 17 години си замина од Јувентус. помина 17 години во Јувентус. Последниот натпревар во црно-белиот дрес го одигра против Фиорентина.
Трансфер експертот Фабрицио Романо на „Твитер“ објави каде ќе ја продолжи кариерата Кјелини. Тоа е Лос Анџелес ФК, клуб од САД или МЛС.
„Се договорија, последната средба ќе се одржи во наредните денови во Лондон. Договорот е речиси готов. Кјелини наскоро ќе отпатува за Лос Анџелес“, напиша Романо.
Кјелини со Јувентус освои девет титули во Серија А и една титула во Серија Б, како и пет купови. Со Италија лани стана европски првак, не успеа да ја освои само титулата во Лигата на шампионите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Миленичката на домашната публика Радукану во второто коло на Вимблдон

Најдобрата британска тенисерка и миленичка на домашната публика, Ема Радукану го мина првото коло на Вимблдон, победувајќи ја Белгијката Алисон ван Ујтванк по интересна борбаа од два часа со 6:4/6:4.
19-годишната Радукану блесна токму на Вимблдон минатата сезона, пред шокантно да ја освои титулата од САД опен, и пречекот на „Централниот терен“ во Лондон беше фантастичен. Радукану пред турнирот се жалеше да повреда на стомачните мускули, но повредата не беше очигледна на теренот против светската тенисерка број 46.
Во второто коло е и Тунижанката Онс Жабер, која лани стана првата арапска тенисерка со пласман во четврт-финалето, откако со 6:1/6:3 ја „збриша“ Швеѓанката Мирјам Бјоркланд. 27-годишната светска тенисерка број 2, минатата недела играше со Серена Вилијамс во двојки на турнирот во Истбурн, и призна дека добила самодоверба од тоа партнерство.
Спорт
Директорот на Сити тврди: Реал Мадрид имаа среќа што ја освоија ЛШ
Генералниот директор на Манчестер сити, Феран Соријано смета дека Реал Мадрид „имале среќа“ да ја освојат Лигата на шампионите минатата сезона, во која ги елиминираа „граѓаните“ на патот до 14-тата европска титула, и објаснува дека во неговиот клуб не се „опседнати“ со најелитниот европски трофеј.
Манчестер сити е клуб кој потроши милиони фунти во желба за континенталната титула, но иако под Пеп Гвардиола доминираат во Премиерлигата, главниот европски трофеј уште им „бега“ со пораз во финалето пред две години и во полуфиналето оваа сезона. Реал, пак, иако заостануваа во мечевите со ПСЖ, Челси и Сити на патот до финалето, на крајот ги победија Ливерпул со 1:0 во Пари за нов трофеј.
„Трофејот од Лигата на шампионите секако го посакуваме, но знаеме дека за тоа е потребна малку среќа и не сме опседнати со тоа. Луѓето зборуват за успехот кој го имаа Мадрид во последните неколку години, но мислам дека е фер да се каже дека имаа малку среќа. Дури би можел да кажам дека заслужија да загубат против ПСЖ, против Челси, против нас или против Ливерпул. Од друга страна и Реал немаа среќа во 1980-тите и 1990-тите, со фантастичен тим со Емилио Бутрагењо и Ла Квинта, но постојано губеа од Милан. Ако сега имаат среќа, со години не беа толку среќни. Ние сме трпеливи, тоа не е опсесија, ќе победиме кога ќе дојде времето“, вели Соријано.
Спорт
Ѓоковиќ со неубедлива победа го отвори Вимблдон

Актуелниот шампион, Новак Ѓоковиќ се намачи со светскиот рекет број 81., Кореецот Сунву Квон, но по речиси два и пол часа игра на „Централниот терен“ на Вимблдон, стигна до 6:3/3:6/6:3/6:4 победа за пласман во второто коло, каде што ќе игра со подобриот од мечот помеѓу Австралиецот Танаси Кокинакис и Полјакот Камил Мајхржак.
Србинот имаше доста проблеми против тенисер кој не е познат како специјалист за игра на трева, посебно во вториот сет, кој го загуби, но и на почетокот на третиот сет. Нервозата кај него беше очигледна, но на крајот тој стигна до брејк и до освојување на третиот сет, по што рутински ја запечати победата.
Дел од мечевите на Вимблдон беа одложени поради веќе „традиционалниот“ дожд во британската престолнина. Во второто коло се и домашниот миленик Камерон Нори по 6:0/7:6(3)/6:3 победата над Пабло Андухар, како и младиот Американец, Френсис Тиафоу по 6:4/6:4/6:4 триумфот над Италијанецот Андреа Вавасори.