Спорт
Кливленд Кавалирс обезбеди место во плејофот

Кливленд Кавалирс се четвртиот тим од Источната конференција во НБА лигата што обезбеди пласман во плеј-офот. Претходно од Истокот место во разигрувањето обезбедија Милвоки, Бостон и Филаделфија.
Кливленд, изминатата ноќ, славеа убедлива победа над Хјустон 108:91. Џерет Ален со 24 и Донован Мичел со 22 поени го предводеа Кливленд до деветтата победа во последните 11 натпревари.
Кавалирс за првпат по 2018 година изборија пласман во плеј-офот.
Резултати:
Атланта – Мемфис 119:123
Бостон – Сан Антонио 137:93
Кливленд – Хјустон 108:91
Орландо – Бруклин 119:106
Торонто – Вашингтон 114:104
Портланд – Оклахома 112:118
Голден Стејт – Минесота 96:99
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Минов од „Алкалоид“ со порака до навивачите: Да навиваме со срце и да бодриме со почит

Претседателот на ракометниот клуб „Алкалоид“, Горан Минов, во пресрет на финалниот натпревар од ЕХФ Европскиот куп меѓу РК „Алкалоид“ и ЕК „АЕК“ ги повика навивачите да ја покажат љубовта кон ракометот со фер и спортско навивање.
Им се заблагодари на навивачите за сета досегашна поддршка и убавите коментари за првиот одигран натпревар против РК „АЕК“.
„Во недела имаме пред нас уште 60 минути тежок и голем предизвик. Публиката како никогаш до сега имаме потреба да нè бодри, да навива за нас, покажувајќи респект и почит кон гостинската екипа, во духот на фер-плејот. Да навиваме со срце, да бодриме со почит и да покажеме дека вистинските навивачи се дел од фер-плејот на теренот“, повика Минов.
Откри и дека на трибините в недела ќе биде и најмладиот навивач кој има само 2 години, а единствената официјална навивачка група на РК „Алкалоид“ „Кафетинки“ се вистински пример за тоа како е да се навива гласно, но од срце и со стил.
„Да бидеме пример за спортска култура кон нашиот тим, гостите и претставниците на европската куќа на ракометот, затоа што спортот не е само борба за победа, туку и празник на почитта, заедништвото и витешката игра. Да навиваме фер и со срце: Напред Алкалоид!“, повика Минов.
Спорт
Во Јунајтед сите се на продажба, освен еден играч

Манчестер јунајтед имаше шанса но не успеа да ја спаси сезоната. Во средата, Јунајтед доживеа пораз од Тотенхем (0:1) во финалето во Лига Европа. Тотенхем го освои трофејот и избори пласман во Лигата на шампионите, а Јунајтед ја комплетира најлошата сезона во последните 50 години.
Ремонт и тоа целосен. Ова му претсоти на Манчестер јунајтед во летниот преоден рок. Наводно сите, со исклучок на капитенот Бруно Фернандеш, сите се на продажба.
Проблемот може да биде нешто друго. Фернандеш е желба на многу други клубови, меѓу кои и на богатиот Ал-Хилал.
Овој клуб е подготвен да плати за услугите на Португалецот и воедно да му понуди голема плата. Информациите од Англија говорат дека Фернандеш ја одбил понудата.
Самиот по финалето изјави дека ќе замине само во случај тоа клупските челници да го побараат.
Желбата на Ал Хилал беше да го доведе Фернандеш пред Светското клупско првенство, каде што саудискиот тим има големи амбиции.
Што се однесува до другите играчи на Јунајтед, сите се на продажба. Останува да се види дали ќе има интерес по разочарувачката сезона.
Спорт
Лазаров: Не сакам играчите да бидат под притисок, нека уживаат во натпреварот

Извор/ rkalkaloid.mk
Еден натревар, 60 минути го делат РК Алкалоид од трофејот во Европскиот куп. В недела, Алкалоид ќе го пречека АЕК во финалниот реванш. Натпреварот ракометарите на Алкалоид ќе го запопнат со предност од четири гола, минатата недела во Атина го добија првиот натпревар со 29:25.
„Сакам да се заблагодарам за поддршката во текот на целата сезона на овој европски пат. Стигнавме до финале кое е многу значајно за нашиот клуб, но и за целокупниот македонски ракомет. Одигравме одличен натпревар во Грција, слободно можам да кажам резултатски и неочекуван. Имаме одлични „плус четири“, момците беа на висина на задачата, тоа што го договаравме го исполнија и со голема предност влегуваме во реваншот.
Од една страна секогаш сум претпазлив знаејќи го нашиот менталитет, ако се знае дека дури 19 играчи од нашиот ростер се Македонци… но од друга страна чувствувајќи ја атмосферата на два дена до натпреварот, треба малку порелаксирано да влеземе во реваншот. Мораме да уживаме… како играч имам одиграно многу финалиња и повеќе ги имам загубено отколку победено (говорам за финалиња од ЛШ), мислам дека тоа искуство ми е драгоцено за да ја подготвиме соодветно екипата. Не сакам играчите да бидат под никаков притисок, не се сомневам дека в недела ќе го дадат најдоброто од нив.
Нашиот систем функционира, имаме и одредени слабости, не сакам да се навраќам дека ни недостигаат четири до пет важни играчи во вториот дел од полусезоната. Се надевам дека особено младите играчи нема да бидат премногу импресионирани и дека ќе знаеме да се справиме со тој позитивен притисок“, рече тренерот на Алкалод, Кирил Лазаров.
На новинарите им се обрати и еден од хероите на победата во Атина, голманот Иван Галевски. 20-годишникот е еден од хероите на победата во Атина, во вториот дел успеа да одбрани пет од шестте седмерци.
„АЕК е една искусна и доста квалитетна екипа, со играчи етаблирани во светскиот ракомет. Иако имаме плус четири, нема да биде воопшто лесно, затоа што знаеме каква екипа доаѓа во Скопје. Имаме позитива која ја немавме на гостински терен, тоа е нашата публика. Знам дека ако сме добри, ако го спроведеме тоа што ни кажува тренерот, можеме да се радуваме и да освоиме европски трофеј што не е мала работа за нас, за клуб кој постои четири години.“
Натпреварот ќе се одигра в недела, во арената „Борис Трајковски“, со почеток од 20:30 часот.